Московскиот државен универзитет меѓу петте најдобри универзитети од БРИКС

Извор: Андреј Лукин / ТАСС

Извор: Андреј Лукин / ТАСС

Руските универзитети направија исчекор во најновото рангирање на Листата на високо образование на БРИКС и економиите во развој на Тајмс (Times Higher Education BRICS & Emerging Economies Rankings)

Во четвртокот вечерта во Москва на првиот самит на универзитети од БРИКС беше претставен вториот годишен рејтинг на универзитетите на земјите од БРИКС и економиите во развој - Листата на високо образование на БРИКС и економиите во развој на Тајмс за 2015 година.

На чело на петорката универзитети беа кинеските Универзитет „Пекинг“ (1) и Универзитет „Цингхуа“ (2), по нив – турскиот Средноисточен Технички Универзитет (3) и јужноафриканскиот Универзитет на Кејптаун (4).  Московскиот Државен Универзитет (МДУ) ја затвора првата петорка. Најдобриот од бразилските универзитети – „Универзитет на Сао Паоло“ го зазеде десеттото место; од индиските – Индискиот Институт за Наука – 25 место. 

Освен земјите од БРИКС, во рејтингот беа вклучени и универзитетите од Чешка, Полска, Мексико, Мароко, Тајланд, Унгарија, ОАЕ, Малезија, Тајван (неговиот рејтинг се пресметува одделно) и Пакистан. 

Како да се запишете на руски факултет
Бројот на местата финансирани од државата за странци оваа година порасна за еден и пол пат. Сега во Русија доаѓаат да студираат главно странци од земјите од ЗНД и од Азија. За да се запише на факултет, идните студенти мораат да ги положат истите испити како и Русите, плус дополнителен испит по руски јазик.

Вкупно во TOP100 на листата се најдоа седум универзитети од Русија. Покрај МДУ (5), тоа се Националниот Универзитет за Нуклеарно Истражување (13), Новосибирскиот Државен Универзитет (34), Санктпетербуршкиот Државен Универзитет (64), Московскиот Институт за Физика и Технологии (69), Државниот Авијатички Технички Универзитет во Уфа (70) и Московскиот Државен Технолошки Универзитет „Бауман“ (90). 

Минатата година, во првиот рејтинг на Листата на високо образование на БРИКС и економиите во развој на Тајмс имаше само два универзитета од Русија – Московскиот државен универзитет (10) и Санктпетербуршкиот Државен Универзитет (67). 

Како што изјави за „Руска реч на македонски“ ректорот на Високата школа за економија – една од водечките високообразовни установи, која, за волја на вистината, не се најде на листата на БРИКС, - Јарослав Кузмин, успехот на руските универзитети може да се објасни со напорите на државата која од 2006 година плански инвестира во зголемувањето на конкурентноста на високото образование. 

Британското издание на Times Higher Education е едно од највлијателните меѓународни списанија за високо образование – секоја година прави рангирање на високообразовните установи во светот кое се смета, покрај рангирањата на QS World University Rankings и шангајскиот Academic Ranking of World Universities за едно од трите најавторитетни на  светот.  

Зошто е потребна листа на БРИКС? 

На прашањето на „Руска реч на македонски“ зошто списанието почна да ги издвојува економиите во развој во посебно рангирање, уредникот на Times Higher Education Фил Бети изјави дека нивната основна цел е да помагаат во изнаоѓањето на нови лидери во образованието во оние земји кои остануваат во сенка на земјите од Северна Америка и Западна Европа кои доминираат во основните рејтинзи на Times. 

„Тоа е како да ги вклучите сите светла за да може да ги видиме ѕвездите во подем. Постои чувство дека во сите светски рангирања има само 10 универзитети од економиите во развој кои можат да се видат во најдобрите 200 на светот. Така што она што се обидуваме да го кажеме е дека постојат навистина динамични и возбудливи универзитети во овие региони кои се истиснати од рангирањата поради доминацијата на универзитетите од САД и Западна Европа.“ 

На тој начин, Московскиот Државен Универзитет кој се најде во TOП 5 листата на БРИКС, во World University Rankings 2014-2015 се наоѓа на 196 место, а првата десетка вклучува седум универзитети од САД и три од Велика Британија. 

Сепак, според Фил Бети, издвојувањето на БРИКС во одделна листа не ја прави таа листа „второкласна“ затоа што за универзитетите се применуваат истите критериуми како и во основното рангирање. 

„Можеме да ги ставиме во контекст. Секој не е способен да се натпреварува со Стенфорд или Оксфорд, така што ние всушност го употребуваме истиот систем и истите мерила,  можеме да дадеме повеќе податоци, повеќе информации за поголем број на универзитети и да дадеме појасна слика за нивниот потенцијал и место во светот.“ 

Со него се согласува и ректорот Јарослав Кузмин: „Сосема е легитимно да се издвојуваат универзитетите на земјите од БРИКС во одделна група. [...] Во тие земји постои голем универзитетски систем, затоа има смисла да се смета на најконкурентноспособните универзитети токму во овие земји.“ 

Предизвик за западното образование? 

Според зборовите на директорот на Институтот за образование на ВШЕ Исак Фрумин, постои и уште една важна причина зошто на експертите би требало да им биде интересно да го следат развојот на рејтингот на Рангирањето на БРИКС и Економиите во Развој. Тој смета дека во иднина може да се формира посебен систем за високо образование во земјите со развојна економија кој ќе се разликува од американско-британскиот систем кој доминира денес.  

Како да студирате бесплатно во Русија?
Ректорот на Институтот за руски јазик „А.С. Пушкин“ изјави дека работата на студентите се цени и дека ним им се отвора можност за бесплатно студирање во Русија.

Во земјите како Русија и Кина, вели Фрумин, владите се незадоволни од едноставниот еволутивен развој на своите високообразовни институции, сметајќи го за пребавен, затоа тие специјално издвојуваат групи универзитети за кои создаваат услови за напреден развој инвестирајќи значителни средства. 

Целта на тие инвестиции е создавање на универзитети на светско ниво (World Class Universities) за краток рок. 

Во Русија програмата за таквиот забрзан развој на групи универзитети - програмата „5-100“ - започна во 2013 година и во почетната етапа опфаќаше 15 универзитети (сега 14). Формалната задача на проектот е да се дојде до 2020 година да има барем пет руски високообразовни установи во TOП 100 на трите светски рејтинзи за кои зборувавме погоре. 

Сепак, според заменик-министерот за образование на Русија Александар Повалко, „амбицијата да се дојде до врвот на листата не е примарната цел на проектот. Рангирањата служат само како важни индикатори, покрај многуте други, за мерење на перформансите на универзитетите. Проектот „5-100“ е една иницијатива за сеопфатно академско усовршување што ги обединува врвните руски универзитети зад  целта за длабока трансформација на институциите според најдобрите меѓународни модели и практики.“ 

Кој друг покрај 14 универзитети? 

Покрај 14 универзитети кои се најдоа во руската амбициозна програма „5-100“, околу 30-40 високообразовни установи во Русија во последно време нагло го подобрија квалитетот на своето образование, изјави за „Руска реч на македонски“ ректорот на ВШЕ Јарослав Кузмин. 

„Ова е резултат на тоа што во 2006 година тогашниот министер за образование Андреј Фурсенко беше оној кој иницираше издвојување на група високообразовни установи и кој даде насочена поддршка на програмите за развој.“ 

„Најпрво тоа беа 62 универзитети. Во 2009 година од нив беа одбрани 29. И, најпосле, во 2013 година стартуваше таканаречената програма „5-100“ во која беа одбрани 15 високообразовни установи кои имаа најдобри можности за меѓународна конкуренција [...]. Тие универзитети имаат програми на англиски јазик, тие се подобро подготвени за прием на странски студенти и тие се конкурентни во своите истражувања.“

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња