Русија како предводник во атомската енергија

Извор: Росатом

Извор: Росатом

Секоја втора година Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) организира конференција за термонуклеарна синтеза. Оваа година во периодот од 13 до 18 октомври Санкт Петербург за првпат беше домаќин на една ваква конференција, која претставува главен простор за средба на меѓународните експерти за термонуклеарна синтеза.

Годинава на конференцијата учество зедоа околу 1.000 делегати од 59 земји. Научници, претставници на државни структури и на големи енергетски компании ги разгледуваа перспективите за развој на истражувањата во областа на термонуклеарната енергетика, а исто така и уште едно особено важно прашање – технолошките и инвестициските можности за примена на ваквата енергетика. 

Единствениот проект во сферата на термонуклеарната синтеза во моментов е меѓународниот експерименталниот термонуклеарен реактор (ИТЕР), кој се гради на територијата на Франција, на 60 километри од Марсеј, во истражувачкиот центар Кадараш. Градбата, чија вредност на почетокот беше оценета на 5 милијарди евра, беше планирано да заврши во 2016 година, но постепено предвидената сума порасна двојно, а рокот за почетокот на експериментот беше поместен за 2020 година. 


Целта на експериментот е да се демонстрира научната и техничката можност за добивање термонуклеарна енергија во мирни цели. Во реализацијата на проектот учествуваат земји од ЕУ, Индија, Кина, Република Кореја, Русија, САД и Јапонија.

Руските корени на ИТЕР 

Атомот ѝ ветува енергетска независност на Будимпешта
Атомската енергија, која по хаваријата на јапонската атомска централа во Фукушима доживеа извесна криза, постепено ги враќа своите позиции во светот. Веќе неколку земји, меѓу кои и неколку од Европа, во последниве неколку години донесоа одлука за развој на атомските централи во широки рамки.

Во основата на ИТЕР беа поставени знаењата и искуствата од областа на управуваната термонуклеарна синтеза (УТС), добиени во СССР. Во 1985 година физичарот Евгениј Велихов во името на СССР им предложи на научниците од Европа, САД и од Јапонија заедно да создадат термонуклеарен реактор, а веќе во 1986 година во Женева беше постигната согласност за проектирање на инсталација, која подоцна го доби името ИТЕР. Во 1992 година партнерите потпишаа четиристрана спогодба за разработка на инженерски проект на реакторот. 

Уште на самиот почеток на проектот земјите-партнери се договорија за тоа кој и што ќе испорачува на објектот, и дека ова треба да биде не само соработка во инженерингот, туку и можност за секој од партнерите да добие нови технологии од другите учесници, со цел во иднина да ги развива самостојно. 

Русија во голем дел го надминува светското ниво според технологиите на термонуклеарна синтеза. За ИТЕР таа треба да произведе и да испорача сè на сè 20 системи. За нивното производство одговараат претпријатијата кои влегуваат во државната корпорација за атомска енергија „Росатом“.

Што е тоа „Росатом“?

Државната корпорација „Росатом“ одговара за развојот на атомската енергија во Русија и за нуклеарната безбедност. Корпорацијата во себе обединува повеќе од 350 претпријатија и научни организации, меѓу кои се и сите граѓански компании од атомската гранка во Русија, претпријатија од комплексот за нуклеарно вооружување, научно-истражувачки организации и единствената мразокршачка флота во светот. „Росатом“ го зазема првото место во светот според количеството на истовремена градба на атомски централи во странство, второ место во светот според резервите на уран и четврто место во светот според генерацијата на атомска електрична енергија.

 

Made in Russia, used in Cadarache

Еден од основните компоненти на реакторот, проводник за магнетен индуктор, кон крајот на јули годинава успешно го мина тестирањето во Швајцарија. Ова е критички важен елемент, со оглед на тоа дека благодарение на него ќе биде создадено магнетно поле за задржување на плазмата. Проводникот е произведен во соработка со руските и со европските специјалисти. Руската страна се занимаваше со производство на самиот кабел, додека европските колеги го поставуваа во челична обвивка. 

Сè на сè за ИТЕР руските атомски работници треба да испорачаат околу 20% од суперпроводниците. Производство на суперпроводници постои и во други земји, но во Русија, без оглед на сите историски тешкотии, тоа во моментов најмногу одговара на потребите на ИТЕР. 

ИТЕР од гледна точка на безбедноста

Термонуклеарниот реактор е многу побезбеден од нуклеарниот реактор во однос на радијацијата. Пред сè, количеството на радиоактивни материи што се наоѓаат во него е релативно мало. Енергијата што може да се ослободи како резултат на каква и да е хаварија, е исто така мала и не може да доведе до разурнување на реакторот. Притоа во конструкцијата на реакторот постојат неколку природни бариери кои го спречуваат ширењето на радиоактивните материи.

 

Уште една технологија во која лидер е Русија е производството на првиот ѕид на термонуклеарниот реактор од берил. Тој гледа директно на плазмата и ги прима во себе сите зрачења од неа. Русија треба да произведе 40% од овој елемент за ИТЕР. 

Освен тоа, на почетокот на јуни беше обелоденето дека Русија ќе произведе и ќе испорача за ИТЕР системи за дијагностика, со чија помош научниците ќе го следат однесувањето на плазмата во реакторот. Сè на сè во рамките на учеството во проектот ИТЕР Русија треба да произведе 9 од 45 системи кои се неопходни за набљудување на работата на термонуклеарниот реактор.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња