Дирижабл ДП-29. Извор: dkba.ru.
Првиот руски беспилотен дирижабл ДП-29, произведен во Долгопрудневското конструкциско биро за автоматика (ДКБА) мина низ фабричките тестирања на специјализираната писта на „цепелинодромот“ во градот Киржач во Владимирската област. „За време на летачките тестирања дирижаблот полетал и слетал во рачен и во автоматски режим, се разработувала интеракцијата на членовите на составот за подготовка на дирижаблот за лет“, се вели на Интернет-страницата на компанијата-производител.
По извршеното тестирање, сега оперативно се отстрануваат некои недостатоци кои се покажаа за време на летот, соопштува агенцијата РИА Новости, повикувајќи се на заменикот на генералниот директор на ДКБА Александар Колесов.
Цепелин за војската
Според претставникот на компанијата, ДП-29 ќе се применува за интересите на Министерството за одбрана на РФ, како и за Министерството за вонредни состојби. Рускиот дирижабл со класичен облик, сличен на пура, е подготвен да се искачува на висина од еден километар, да носи товар со маса до десет килограми и да се наоѓа во режим на автономен лет до три часа.
Заинтересираноста на воениот ресор за овој заборавен вид авијација не е необјаснив. Дирижаблите трошат помалку гориво во споредба со авионите и со хеликоптерите, имаат поголема носивост, а притоа се еколошки и бесшумни.
Според Јуриј Вопшин, главен проектант на ДКБА, дирижаблите се идеални „извидувачи“ и се корисни како патрола: апаратот може долго да се наоѓа над определениот терен додека врши набљудување. Исто така можат да служат за организација на исклучително оддалечени радиоврски, па дури и како радиолокациски станици за ПВО и ПРО. На дирижаблите не им се потребни аеродроми со долги писти, зашто тие слетуваат и полетуваат вертикално.
Припадниците на руската војска веќе покажаа интерес за друг проект на ОАД ДКБА, а тоа е беспилотниот дирижабл ДП-27 „Ањута“. Министерството за одбрана смета дека ваквиот модел на цепелин е погоден за извидување. Овој воздухопловен апарат е всушност огромна летачка чинија. На него се наоѓа камера која во реални размери и во реално време ги пренесува податоците во командниот пункт. Дострелот на дејството на целосно автоматскиот систем изнесува до 10 километри, а во состојба е да се подигне на илјада метри.
Првата презентација на „Ањута“ беше одржана на аеромитингот во рамките на авиосалонот МАКС-2011, но, за време на тестирањата беа воочени низа недостатоци, така што апаратот беше испратен на доработка. Сепак, проектантите сметаат дека овие дирижабли веќе за две години ќе бидат претставени со своите подобрени карактеристики.
Практично, војската засега не ја користи аеростатичката техника (аеростатичката служба на Воено-воздушните сили на Русија беше расформирана пред неколку години), сепак големата заинтересираност што војската ја покажува за беспилотните дирижабли сведочи за тоа дека станува збор за мошне перспективен тип авијација. Со работа врз беспилотните цепелини се занимаваат и приватни проектантски бироа.
Нема скоро да се појават во странство
Според Алексеј Митрофанов, претставник на приватното проектантско биро на компанијата Воздухопловен центар Авгур, нивната компанија работи на проекти кои се во интерес на Министерството за одбрана, но претставникот на компанијата одбива да открие детали, повикувајќи се на тајноста.
„Не постојат технички ограничувања во употребата на беспилотни цепелини“, изјави Митрофанов во интервју за „Руска реч на македонски“. Но, постојат низа правни препреки. Кај нас сè уште не постои правилник и регулатива за употреба на беспилотни апарати, а тоа е сериозен проблем, особено кога станува збор за користењето беспилотни цепелини во цивилната сфера.
„Авгур“ за цивилна примена работи на беспилотното средновисинско летало „Сокол“, кое е наменето за подолги патролирања, а според замислата на неговите конструктори, во состојба е да се наоѓа во воздухот над две недели. Сепак, „Сокол“ засега постои само како проект.
Значи, независно од прекрасните перспективи и предности од примената на беспилотните воздушни џинови, ќе помине уште доста време пред тие да станат обична појава на руското небо и да се обидат да се пробијат на странските пазари.
Како што изјави за „Руска реч на македонски“ заменикот на генералниот директор на ДКБА за специјални проекти Александар Колесов, прашањата во врска со извозот на ДП-29, кој во септември успешно ги помина фабричките тестирања, засега не се разгледуваат.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче