Москва е подготвена да настапи во улогата на посредник во решавањето на конфликтот меѓу Саудиска Арабија и Иран, соопшти за РИА „Новости“ висок извор во МНР РФ.
„Во контекст на изнаоѓање политичко решение на сириската криза успеавме да ја формираме таканаречената „Виенска група“ со учество и на Саудиска Арабија, и на Иран. Се надеваме дека овој механизам ќе ја продолжи својата активна работа во интерес на изнаоѓање политичко решение во Сирија“, соопшти дипломатот.
Според зборовите на изворот, Москва ја „поврзуваат навистина добри односи и со Техеран, и со Ријад, и како пријатели ние би биле подготвени да одиграме, ако биде потребно, посредничка улога во рамките на решавањето на постојните и новонастанатите противречности меѓу тие две земји“.
Соговорникот истакна дека „ние имаме кредит на доверба и од Иранците, и од Саудијците“. „Предлогот (за посредничка улога) е од одамна, ние предлагавме на руска територија да се одржат некакви средби на иницијатива на министерот за надворешни работи на РФ“, изјави изворот.
Во саботата саудиските власти егзекутираа 47 лица, меѓу нив и шиитскиот свештеник Нимр ал-Нимр, кој се залагаше против дискриминацијата на шиитското малцинство во саудиското кралство. По соопштението за егзекуцијата, пред саудиската амбасада во Техеран и конзулатот во Мешхеде на североистокот на Иран се одржаа насилни протести.
Во неделата министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија Адил ал-Џубеир соопшти дека се прекинуваат дипломатските односи со Иран.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче