Еболата не може да се контролира

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Без разлика на тоа што бројот на инфицираните од треската Ебола во Западна Африка продолжува да расте и ширењето на вирусот е практично невозможно да се контролира, во последниве денови ситуацијата почна да се менува, вели во интервју за „Руска реч на македонски“ соработникот на Научно-истражувачкиот институт за вирусологија „Д.И. Ивановски“ Михаил Шчелканов.

Шчелканов и главниот инфектолог на Русија Виктор Малеев на почетокот на месецов беа испратени во Гвинеја за борба со епидемијата и ќе останат таму неколку недели. 

Каква е сега епидемиолошката ситуација во регионот? 

М. Шчелканов: Доколку претходно беа следени само најтешките случаи, сега, благодарение на раната дијагностика, инфицираните се забележуваат од страна на лекарите многу порано. Во врска со тоа и смртноста од Еболата се намалува (обично смртноста изнесува 90%, а сега таа е 50% - заб. ред.) 

Според податоците од 4 август од Ебола починале 889 лица. Смртноста изнесува 50%, што е многу пониска стапка од претходните епидемии, каде овој показател достигнуваше 90%. 

Според последните податоци заболени се 1.800 лица, а оваа епидемија е најголема откако во 1976 година беше пронајден вирусот.

Дијагностиката во болницата „Донка“ во Конакри (најголемата државна болница во земјата – заб. ред.) е солидно опремена. Исто така е мошне важно што со лабораторијата раководи дипломец од руски универзитет: доктор Мага има завршено на Московската државна академија за ветеринарна медицина (на академијата се изучува дијагностика на вирусни инфекции, од кои дел, како што е Еболата, преминуваат од животните на човекот – заб. ред.) 

Со што точно се занимавате во Гвинеја? 

М. Шчелканов: Како прво даваме научно-методолошка помош на локалните специјалисти. Всушност, помагаме да се подобри дијагностицирањето на вирусот. Сметам дека нашите контакти многу помогнаа во тоа. Како второ, ние се консултираме со локалните специјалисти за самиот вирус Ебола (вирусот е проучуван во Русија – заб. ред.) 

Ние исто така бевме во една од болниците каде лежат заболените пациенти, и таму се консултиравме со лекарите во врска со клиничките прашања и со прашањата на хеморагичните трески. Станува збор за тоа дека клиничкиот приод кон лекувањето на ваквите трески се речиси еднакви. А, со оглед на тоа дека во Русија вакви трески постојат, како што е Кримската хеморагична треска, ние поседуваме соодветно искуство. 

Уште една од нашите задачи е да обезбедиме безбедност за државјаните на Русија и за соработниците од амбасадата. 

Како, според вас, може да се запре епидемијата? 

М. Шчелканов: Тоа е многу тешко да се направи поради две основни причини. Прво е тоа што инфекцијата е од природно-жаришна природа. Да се контролира процесот на циркулација на вирусите во природните жаришта на шумските Гвинеја, Сиера Леоне и Либерија сега е практично невозможно. 

Освен во Либерија, во Гвинеја и во Сиера Леоне, случаи на заболување се регистрирани и во Нигерија и во Хонгконг.

Втората основна причина се крие во социјално-економските услови на овие земји. Западна Африка е една од најсиромашните територии (во светот). Санитарно-епидемиолошките служби, онакви какви што ги знаеме, тука не постојат. 

Тука треба да се додаде и административната страна на многу земји од Западна Африка, како и високото ниво на корупција, кое не дозволува правилно да се преземат мерки против епидемија: за еден и пол долар човек може да излезе од епидемиолошкиот кордон.

Исто така треба да се земат предвид и особеностите на локалните верувања. Тука на погребот на починатиот доаѓа целото село и пред да го предадат во гробот сите го прегрнуваат. Сево ова не придонесува до брзо запирање на епидемијата. 

Но, треба да се забележи дека сепак е започнато да се преземаат мерки. На пример, сите починати во болницата Донка задолжително се кремираат на територијата на болницата, така што телата не се предаваат на семејството. 

Се спроведуваат и определени мерки од страна на Министерството за здравство на Гвинеја и на Светската здравствена организација. Освен тоа, владите од земјите на Западна Африка, на крајот на краиштата, сфатија дека не треба се крие бројот на инфицирани. Ваквите преломи се случија во последниве денови. 

Наскоро започнува учебната година во Русија и гвинејските студенти ќе се вратат на факултет. Како може да се минимизира ризикот од ширење на вирусот? 

М. Шчелканов: Прашањето засега не е решено, но постои позитивно искуство од компанијата „Русал“, која пред да ги испрати своите вработени во Русија, најпрво ги испраќа три недели во Казабланка (Мароко). Тие таму работат на дистанца и дури по завршувањето на инкубациониот период (околу три недели – заб. ред.) се враќаат во Русија. Не знам дали ќе успееме да направиме нешто слично и за студентите. Најверојатно не, зашто за тоа се потребни финансии.

Значи ли тоа дека Русија нема да ги пушта граѓаните од опасните региони? 

М. Шчелканов: Тешко дека тоа ќе се случи, но ќе се следи нивното здравје. Кога студентите ќе стасаат во Русија, првите еден-два месеци ќе ги прегледуваат. Не можам да кажам како. Но, тоа ќе биде правилно.

„Руска реч на македонски„ и се заблагодарува на Амбасадата на Руската Федерација во Гвинеја за помошта во организација на ова интервју. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња