Јамите на Јамал сведочат за климатските промени

Извор: ИТАР-ТАСС

Извор: ИТАР-ТАСС

Во јули беа откриени чудни јами во северната тундра на територијата на Русија. Тие можат да означуваат почеток на неповратни промени во климата на нашата планета. Руските научници како главна причина за формирањето на ваквите јами го наведуваат ослободувањето на гас од земјата и сметаат дека тоа може да биде предизвикано од глобалното затоплување.

Ослободувањето природен гас, за кое научниците сметаат дека е можеби главната причина за формирањето чудни јами во Рускиот Јамало-Ненецки автономен округ, може да биде последица на глобалното затоплување, смета геологот Константин Ранкс. Тој ова го пишува во статијата објавена на порталот slon.ru. 

Приближна локација на првата пронајдена јама. 

Глациолозите од Субарктичкиот научно-едукативен полигон истакнуваат дека температурата на вечно замрзнатата површина постојано расте на подрачјето на Бованенковското наоѓалиште на гас, во чија близина и е пронајдена првата јама. Пред 40 години температурата вопросек изнесувала околу 8 степени под нулата, а сега на определени места изнесува 3 степени под нулата. „Можеби токму поради тоа во подземните слоеви на северната тундра започнал процесот на одвојување метан од замрзнатите кристални наслаги“, пишува Ранкс во својата статија на порталот slon.ru.

Локалните одгледувачи на северни елени на 22 јули открија уште една голема јама во Јамало-Ненецкиот автономен округ, која е втора во последниов месец, јавува телевизискиот канал „Росија 1“. Нејзиниот пречник изнесува 15 метри, а во неа се гледа снег. Засега не може со сигурност да се каже која е причината за настанувањето на овие јами и поради тоа на социјалните мрежи се разгледуваат и сосема фантастични верзии: од тестирање на непознати оружје до подземна база на вонземјани. 

За јамата се дозна од локалните одгледувачи на северни елени. Според нив на ова подрачје (90 километри од селото Антипајута) на 27 септември 2013 паднало небесно тело и се видел блесок. Еден друг одгледувач вели дека видел само чад, а потоа блесок. 

Приближна локација на втората пронајдена јама.

Стручњаците од Научниот центар за проучување на Арктикот и од Институтот на криосферата на Земјата уште на 16 јули ја проучија првата јама, го измерија зрачењето и констатираа дека тоа е во границите на нормалата. 

Научниците обрнаа внимание на тоа дека во близина на кратерот и на 100-200 метри околу се расфрлани парчиња земја, што сведочи за тоа дека земјиштето не потонало, туку дека е исфрлено надвор. Освен тоа, не се пронајдени никакви јагленосани или подгорени парчиња, така што може да се исклучи и верзијата со паѓање на метеор. Научниците претпоставуваат дека замрзната земја е исфрлена под моќен притисок одоздола, и дека тој притисок може да го направил метанот. 

Видеоснимка од првата јама покрај селото Бованенково се појавија на Интернет на 10 јули.

Снимката веднаш привлече внимание (различни видеоснимки за пронајдените јами вкупно имаат неколку десетици милиони прегледи).

Според материјалите од: slon.ru, lenta.ru, Росијскаја газета

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња