Што има ново во Е-бург?

Беспилотни „ховеркрафт“ летала никаде не се произведуваат сериски. Извор: ИТАР-ТАСС

Беспилотни „ховеркрафт“ летала никаде не се произведуваат сериски. Извор: ИТАР-ТАСС

На најголемата меѓународна изложба на нови технологии во Русија иноватори од целиот свет ги донесоа своите најнови проекти, меѓу кои се и иновациското метро, индустриските роботи и новото руско беспилотно летало, какво што нема во светот. Изложбата Инопром-2014, или „рускиот Хановер“, како што уште ја нарекуваат, се одржа од 9 до 12 јули во Екатеринбург. „Руска реч на македонски“ обрна внимание на најперспективните руски проекти прикажани на изложбата.

Руски беспилотни летала 

Стручњаците на „Обединетите корпорации за производство на уреди“ (дел од државната корпорација „Ростех“) на Инопром го претставија беспилотното летало „Чирок“. Шасијата му е како на ховеркрафт, така што овој апарат може да полета од меко земјиште или од водена површина, а исто така и од мочуришни земјишта или од растресит снег. Леталото може да се движи по нерамнини и да атерира на терен што други летала слични на авионите не можат да ги користат за полетување и за слетување. Во светот не постои ваков сличен проект. Беспилотните „ховеркрафт“ летала сериски не се произведуваат никаде.

ИНОПРОМ ВО БРОЈКИ 

50

илјади квадратни метри експозиција 

570

руски и странски компании од 70 земји 

2010

започнувајќи од 2010 година изложбата Инопром се одржува секоја година во Екатеринбург (1.400 километри источно од Москва).

Во цивилната служба „Чирок“ може да се користи за откривање пожари во шуми, за следење на ситуацијата во подрачјата зафатени со елементарна непогода, како и за ситуацијата на патиштата, и воопшто за патролирање на определена територија. Во воени цели може да се користи за извидување, а може да служи и како јуришно беспилотно летало што носи бомби, ракети и високопрецизни проектили. 

Максималната полетна маса на „Чирок“ е 700 килограми, а максималната носивост на корисен товар е 300 килограми. Беспилотното летало достигнува висина од 6 илјади метри, а летниот дострел му е 2.500 километри. Конструкцијата на леталото е таква што вооружувањето може да се скрие во внатрешниот дел, за разлика од претходните модели на кои оружјето се закачуваше под трупот. Така леталото е помалку воочливо, а подобри му се и аеродинамичките својства.. Распонот на крилата на „Чирок“ е 10 метри. 

Беспилотното летало веќе ја има минато фазата на тестирање во аеротунели. На Инопром беше донесена макета на леталото која е петпати помала од вистинскиот примерок. Следната година на меѓународната авиокосмичка изложба МАКС во Русија ќе биде претставен примерок на „Чирок“ во природна големина. 

На Инопром беше претставено и беспилотното летало „Канатоход“ конструирано во лабораторијата за роботика на Уралскиот федерален универзитет по налог на претпријатието Магистрални електрични мрежи на Урал. Лудачкиот робот со кој се управува со помош на радиоврска ќе се користи за контрола на состојбата на далноводите. 

Трамвај за светското фудбалско првенство во 2018 година


Фотографија: Дарја Кезина

Пред веќе прочуениот „Бет-трамвај“(„Russia One“) „Трансмашхолдинг“ на Инопром претстави уште еден проект на трамвај, прилагоден за користење на екстремно ниски температури, што е особено актуелно за Русија, но и за многу други земји кои имаат ладни зими. 

Властите на Екатеринбург претпоставуваат дека токму овој модел ќе биде користен во оние градови на Русија каде ќе се одржуваат натпреварите од светскиот шампионат во фудбал во 2018 година. Според условите што ги поставува ФИФА, градскиот превоз во овие градови треба да биде пристапен за лицата со отежнато движење, а „топлиот трамвај“ е идеален во оваа смисла. 

Конструкцијата на трамвајот предвидува два независни системи на контрола на климатските услови: еден во кабината на возачот, а друг во просторот за патниците. Трамвајот може да мине 1.000 метри со помош на акумулатор, така што доколку снема струја, може да стаса до место на кое нема да пречи во сообраќајот. 

Робот против радијација


Фотографија: Дарја Кезина

Прототип на робот опремен со инструменти за контрола на радијацијата и анализа на гас, како и со современи термовизиски камери, е конструиран од страна на инженерите на Загорската оптичко-механичка фабрика во соработка со научниот центар на Московскиот државен технички универзитет „Бауман“ и со холдингот „Швабе“ („Ростехнологија“). Роботизираниот комплекс, што неговите творци во кулоарите го нарекуваат „лунарен ровер“, може да се користи на контаминиран терен за собирање различни податоци.

Холдингот „Швабе“ претстави и современ ласерски микроскоп со нанометарска прецизност. Со негова помош може да се мери релјефот на површината на примерок во висока резолуција без да се загуби фокусот и координатите, поради што овој микроскоп според техничките карактеристики и според бројот на функции е подобар од сличните светски модели. Конструкцијата на микроскопот е изработена од вештачки камен. 

Иновациско метро


Фотографија: Дарја Кезина

Екатеринбуршкото претпријатие „Синара – транспортни машини“ и шпанската групација „CAF“ на изложбата донесоа макета на вагон на луксузно метро во природна големина. Во овој модел е направен обиде да се спојат најновите искуства во проектирањето превозни средства на шини и компоненти што се безбедни од еколошка гледна точка. 

Вагонот е опремен со системи за контрола на климатските услови во кабината на возачот и во просторот за патниците, како и со систем за комплексно одржување на функционалноста на голем студ. Овој систем е тестиран во Финска, во Шведска, во САД и во Турција. Предвидено е во опремата да има и видеонадзор, како и системи за откривање и за гаснење пожари. Влезот и излезот се многу пристапни, дури и за инвалиди. Работниот век на вагонот е 30 години. Планирано е да се започне со сериско производство во 2015 година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња