Русија и Кина заедно во развој на геопозициските технологии

Извор: Артем Житнев / РИА Новости

Извор: Артем Житнев / РИА Новости

За време на вториот меѓународен форум „Технопром-2014“, кој се одржа во Новосибирск, вицепремиерот на Руската Федерација, Дмитриј Рогозин, и неговиот кинески колега, Ван Јан, се договорија за заедничка космичка соработка врз основа на ГЛОНАСС и Beidou.

Во јуни оваа година на меѓународниот форум „Технопром-2014“ вицепремиерите на Русија и на Кина, Дмитриј Рогозин и Ван Јан, разговараа за развојот на системот ГЛОНАСС, на геотехнологиите и за други теми, кои на еден или на друг начин се поврзани со системите за навигација.

Партнери од Истокот

Според мислењето на Дмитриј Рогозин поседувањето сопствен навигациски систем е еден од знаците за постоењето на голема држава. Тој стави посебен акцент на постигнатиот договор меѓу системот ГЛОНАСС и кинескиот навигациски систем. 

Русија го укинува GPS
Вицепремиерот на Русија Дмитриј Рогозин изјави дека од 1 јуни на руската територија привремено ќе биде прекината работата на 19 американски земски станици од сателитскиот навигациски систем GPS. Работата на станиците ќе биде во целост прекината доколку не се завршат преговорите за разместување на станици на рускиот систем ГЛОНАСС во САД.

„Ние гледаме големи перспективи во соработката меѓу системот ГЛОНАСС и кинескиот Beidou, уште повеќе што нашиот систем во голема мера е ориентиран на северната широчина, а кинескиот систем е појужен. Откако тие заемно ќе се надополнат, ние ќе можеме да создадеме најголем и најмоќен конкурент на кој и да е навигациски систем“, појасни тој. 

Рогозин забележа дека доколку се земе предвид зближувањето на Русија и Кина, Западот ќе добие конкурент, кој едноставно не е способен да се натпреварува според карактеристиките на точност, туку и според други можности на навигацискиот систем. „Нашата задача е да се добие најдоброто во интерес на граѓанското користење“, забележа тој. 

Ван Јан, меѓу другото, ја потенцираше важноста на средбата и на постигнатите договори. Според него, ова не е само важен чекор на линија на научно-техничката соработка, туку, исто така, е и важен политички чекор. 

Рогозин со својот колега ги разгледа и перспективите за создавање на широкотрупен авион и можност за формирање заеднички авиоконцерн врз основа на ваквото производство, а исто така и создавање нов воен хеликоптер врз база на Ми-26. 

Експертите веќе успеаја позитивно да ги оценат договорите постигнати од руската и од кинеската страна за време на „Технопром“. „Гледаме дека нашите односи со Кина се развиваат на највисоко ниво, и космонаутиката тука многу убаво се вклопува“, изјави дописниот член на Руската академија за космонаутика Андреј Ионин. 

„Воено-космичката програма на Кина се развива мошне динамично. Тие имаат индустрија што функционира, огромни технолошки ресурси, тимови конструктори, инженери. Тоа е сигурен и вистински партнер, а тоа какво место ние ќе заземеме во таквата соработка, зависи само од нас“, заклучи Ионин.

Ние гледаме големи перспективи во соработката меѓу системот ГЛОНАСС и кинескиот Beidou, уште повеќе што нашиот систем во голема мера е ориентиран на северната широчина, а кинескиот систем е појужен. 

Дмитриј Рогозин

вицепремиерот на Руската Федерација.

Партнери од Западот

Рогозин ја начна и темата за соработката со САД. Вицепремиерот се надева дека до 1 септември 2014 година Русија и Америка ќе успеат да се договорат за позиционирањето на системите ГЛОНАСС и GPS. 

„Се договоривме дека од 1 јуни станиците GPS на територијата на Руската Федерација ќе бидат изложени на определено влијание, со цел тие во иднина да не можат да се користат за воени цели“, изјави Рогозин. 

„Се надевам дека нè слушнаа не само во навигацискиот сектор туку, пред сè, во Вашингтон. Се надевам дека до 1 септември ние или ќе наидеме на целосно разбирање, или ќе треба да правиме нешто со тие станици, нема да кажам што“, рече вицепремиерот. 

Да потсетиме дека санкциите во однос на американските навигациски станици следуваа по спорот за стационирање на аналогични руски станици од системот ГЛОНАСС на територијата на САД. Денес Рогозин, кој ѝ се заканува на НАСА во врска со ова уште од минатиот месец, повторно потсети на постоењето проблем. „Уште од почетокот на деведесеттите години од минатиот век во Русија работат 11 станици на GPS, и ние сметаме дека имаме право да очекуваме стационирање на аналогични станици на територијата на САД. Сепак, ние се судривме со очигледно политизирање на ова прашање, па се слушнаа изјави дека руските станици ќе имаат улога на некакви шпиони“, рече Рогозин. 

Доколку Русија и САД не успеат да се договорат, никој нема да има проблем со навигацијата, зашто системот ГЛОНАСС веќе достигна високи показатели во работата, уверува Рогозин.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња