Од 2004 година до денес производството на руски хеликоптери порасна за 3.5 пати, а од 2009 година е зголемено за цели 66%, што претставува апсолутен рекорд во сферата на руската машинска индустрија.
„Ноќни ловци“ за извоз
Бројот на борбени и на ударни хеликоптери и нивниот удел во извозот расте. Според заменик-началникот на Одделот за извоз на хеликоптерска техника и услуги на „Рособороноекспорт“ Владислав Кузмичев, до 2018 година компанијата планира да испорача за извоз над 300 воени хеликоптери. „Од 2015 до 2017 година обемот на испорака според потпишаните договори ќе изнесува отприлика 200 хеликоптери од различни типови наменети за 12 земји“, изјави Кузмичев. Според него, оваа година извозот ќе остане на нивото од 2013 година (140 машини). Меѓу перспективните пазари се државите од Југоисточна Азија и од Блискиот Исток, вклучувајќи го и Ирак. Во 2014 година се планира испорака на повеќенаменските хеликоптери Ми-17В-5 и Ми-171Ш, како и на транспортно-борбените Ми-35М и борбените Ми-28НЕ во девет земји од светот. Годинава започнува и испораката на борбениот хеликоптер Ми-28НЕ во Ирак.
![]() |
Што сака Венецуела да купи од Русија? Постојат големи шанси Каракас да купи од Москва нова партија воени авиони од марката Сухој. Ова го соопшти министерот за одбрана на Венецуела Кармен Мелендес. |
Ми-28НЕ, наследник на легендарниот хеликоптер Ми-24, ја доби ознаката „Ноќен ловец“ благодарение на оригиналниот комплекс кој се состои од антена, термовизиска камера и останати уреди кои овозможуваа да се одвиваат летови и да се водат борбени дејствија, како дење, така и ноќе.
Поради импозантното вооружување и оклопната кабина која издржува гаѓање од муниција со калибар од 23 милиметри, хеликоптерот Ми-28НЕ често се нарекува „летачки тенк“. Навистина е оригинален и подвижниот топ кој се наоѓа на предниот дел од хеликоптерот. Силата и густината на неговиот оган му овозможува лесно да се боди со која било лесна оклопна техника на противникот. За борба против тенкови хеликоптерот е опремен со противтенковски ракети „Атака“.
Ирак е првиот нарачател на „Ноќните ловци“, иако можат да се очекуваат и нови нарачки. Директорот на „Хеликоптери на Русија“ Александар Михеев минатата година на аеромитингот во францускиот град Бурже рече дека преговори за испорака на Ми-28НЕ се водат со неколку земји.
Како и досега, најперспективен партнер за руската хеликоптерска индустрија остануваат земјите од Латинска Америка. Како што се дознава за време на HeliRussia 2014, руската страна има намера во Венецуела да отвори технички центар за ремонт и за сервисирање на хеликоптерите Ми-17, Ми-35 и Ми-26. До крајот на годинава се планира почеток на испорака на хеликоптерот Ми-171Ш во Перу. Вкупно е планирана испорака на 24 машини. Договорот помеѓу Русија и Перу беше склучен кон крајот на 2013 година и тоа е најголемиот договор во современата историја на воено-техничката соработка со оваа земја, како и еден од најзначајните на светскиот пазар за воено-транспортни хеликоптери.
Ка-62 и Ми-38 полетуваат во 2016 година
Глобалната стратегија за изградба на хеликоптери во Русија подразбира да се преземе 20% од пазарот до 2020 година. Сепак, доколку со извозот на средни и на тешки воени хеликоптери не постојат проблеми, воведувањето во експлоатација на главните новитети на руската хеликоптерска индустрија не е баш розово. Станува збор за новите средни повеќенаменски хеликоптери Ка-62 и Ми-38. Засега е тешко да се зборува за тоа кога тие на вистински начин ќе го „видат небото“, исто како и за нивните извозни перспективи, иако почетни нарачки за Ка-62 веќе има: Колумбија и Бразил ги очекуваат овие хеликоптери во 2016 година.
„Ка-62 има определени проблеми со испорачателите на системот“, објаснува за „Руска реч на македонски“ раководителот на аналитичката агенција „АвиаПорт“, Олег Пантелеев. „Ова е навистина целосна иновација кај ваквите машини, со мошне компликувани современи и мошне перспективни системи, вклучувајќи го и комплексот за пилотирање и за навигација, како и радиоелектронската опрема. Сепак, проблемите во соработката со испорачателите доведоа до тоа машината сè уште да не е полетана. Првиот лет се очекува оваа година.
Вториот перспективен новитет, средниот повеќенаменски хеликоптер Ми-38, кој во 2013 година официјално стана летало со ротациски крилја кој во својата класа постигнува најголема височина, исто така има свои проблеми. Според Пантелеев, хеликоптерот има проблем со моторите: „Поради специфичноста на односите со 'Pratt & Whitney Canada' акцент е ставен на моторите од руско производство“ објаснува раководителот на „АвиаПорт“. Моторите ТВ7-117В во голема мера ќе го зголемат потенцијалот на примена на Ми-38 и ќе ја зголемат неговата конкурентна предност благодарение на заштедата на гориво, како и во поглед на неговата поголема сила. Во брзо време ќе започне изработката на експерименталната партија на ТВ7-117В за добивање на сертификат, што е планирано за крајот на 2014 година. Сериското производство започнува во 2015 година.
Саемот HeliRussia 2014 покажа дека руските хеликоптери и понатаму имаат добра извозна перспектива. Сепак, сè уште не се решени основните проблеми на новите цивилни модификации на хеликоптери, зашто засега странското небо е отворено пред сè за руското производство на воени хеликоптери.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.