Москва и Техеран гледаат во вселената

Рускиот вселенски брод „Сојуз ТМА-12М“ тргнува кон Меѓународната вселенска станица од космодромот „Бајконур“. Извор: GELIO

Рускиот вселенски брод „Сојуз ТМА-12М“ тргнува кон Меѓународната вселенска станица од космодромот „Бајконур“. Извор: GELIO

Кон почетокот на мај се дозна дека е можна активација на руско-иранската соработка во областа на истражувањето на космичкиот простор. Заменик-директорот на Федералната космичка агенција (Роскосмос) Анатолиј Шилов и вршителот на должност раководител на Иранската космичка агенција Хамид Фазели потпишаа документ според кој се предвидува значително проширување во сферата и во обемот на билатералната соработка, од дозвола на Иранците за пристап до снимките направени од руските сателити до лансирање на ирански сателити со помош на руски ракети-носачи и обука на иранските космонаути.

Иран не е почетник во проучувањето на космосот. Тој беше еден од 24 основачи на Комитетот на ООН за мирновременско користење на вселената, формиран во 1959 година. Иран првпат се обиде да реализира сопствена вселенска програма во седумдесеттите години од минатиот век, за време на шахот Реза Пахлави, но во тоа време беше спречен од Исламската револуција во 1979 година. На почетокот на 21 век кај Иран повторно се разбуди интересот за вселенски истражувања. 

Во април 2003 година беше основана Иранската вселенска агенција. Беше усвоен петгодишен план за развој на ракетно-космичкиот сектор, кој предвидува лансирање на најмалку пет сателити за врска и далечинско сондирање на Земјата, а исто така и неколку апарати за различни истражувања.

Соработка 

Во областа на освојувањето на вселената Русија соработува со триесетина земји, меѓу кои се САД, Јапонија, Индија, Бразил, Шведска, Аргентина и членките на Европската вселенска агенција (ESA). 

Русија како оператер на услугите за лансирање на своите ракети „Днепар“ и „Протон-М“, исфрла во орбитата сателити на други земји. За време на изминативе 5 години во орбитата се исфрлени космички апарат на Обединетите Арапски Емирати, Кореја, Италија, САД, Канада, Холандија, Украина, Мексико, Велика Британија и на Турција.

Директорот на Иранската вселенска агенција Реза Тагизаде во 2005 година објави дека Иран има издвоено 500 милиони долари за да се пробие на осмото место на листата на вселенските сили кои самостојно лансираат сателити. 

Од лансирање на големи височини до пилотиран вселенски брод 

Вселенските истражувања започнаа со лансирање на голема височина. Конверзиската варијанта на модифицираната воена ракета „Шахаб-3“ („Метеор-3“) на почетокот на 2007 година достигна височина од 150 километри, а двостепениот „Кавошгјар-1“ („Истражувач-1“) во 2008 година се искачи на 250 километри. Истата година ракетата „Кавошгјар-2“ на суборбиталната траекторија ја изнесе автоматската космичка лабораторија која по 40 минути се спушти на земјата со помош на падобран. 

Првиот ирански сателит „Сина-1“ беше исфрлен во вселената на 28 октомври 2005 година со помош на рускиот носач „Космос-3М“ од космодромот „Плесецк“ на рускиот Далечен Исток, а сега Иран се обидува да направи сопствени ракети за сателити врз основа на балистичките ракети од серијата „Шахаб“ кои на Запад се вбројуваат во рангот на севернокорејските „Тепдонга“. 

Сигналите што во 2009 година ги емитуваше сателитот „Омид“ кој стаса во орбитата означија дека Иран стана деветтата по ред космичка сила (по СССР/Русија, САД, Франција, Јапонија, Кина, Велика Британија, Индија и Израел) која лансира сателити со помош на сопствени ракети од сопствени космодроми. Во следните години во орбитата беа исфрлени низа сателити чија намена е мониторинг на климатските појави и предупредување за природни катастрофи, а во 2013 година Иран стана шестата земја на светот која испрати животни во вселената. По неколку неуспешни лансирања и уривања на ракетите реализирани се два успешни лета од кои два мајмуни беа вратени на земјата без последици. 

И покрај скромните достигнувања во истражувањето на вселенскиот простор Иран на 21 ноември 2005 година најави амбициозни планови во областа на пилотираната космонаутика, а во август 2013 година објави дека е завршена подготовката на проектот за првиот ирански пилотиран вселенски брод. Медиумите известуваа дека станува збор за вселенски брод за тројца пилоти и дека го конструирале стручњаци од универзитетот „Хаџе Насир“, и дека во периодот од 2012 год 2022 година може да тргне на својот прв орбитален лет. 

Нема да се предаваат „опасни“ технологии 

Кога станува збор за најновите информации за активирањето на руско-иранската соработка во вселената, странските експерти ја поврзуваат со украинската криза поради која Русија се најде на удар од економски санкции. Како што сметаат многумина аналитичари потпишаниот протокол може да послужи како џокер во преговорите со Западот. Освен тоа, се смета дека постигнатите спогодби се само тактички, а не стратешки маневар, и дека можат да станат непотребни по укинувањето на санкциите како кон Русија, така и кон Иран. Со други зборови, за двете земји значењето на соработката е пропорционална со притисоците од Западот. 

Од друга страна, експертите истакнуваат дека Русија според сè нема намера да ги заострува односите со Западот поради „иранскиот нуклеарен проблем“. Поради тоа и соработката во космичката сфера не се доведува во врска со предавање „опасни“ технологии, туку се сведува на размена на информации и давање услуги при лансирање на сателити.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња