Воената морнарица на Русија ќе се вооружи со кримските борбени делфини

Денес во светот постојат само два центра за обука на борбени делфини – тоа се базата во Сан Диего (САД) и во Севастопољ. Фотографија од слободни извори

Денес во светот постојат само два центра за обука на борбени делфини – тоа се базата во Сан Диего (САД) и во Севастопољ. Фотографија од слободни извори

Кримските борбени делфини сега ќе служат во воената морнарица на Русија. Севастопољскиот државен океанариум се подготвува со тренирање на животните по нови програми во интерес на руската флота. Ова за РИА Новости го соопшти вработен во океанариумот кој сакаше да остане анонимен.

Соединетите Американски Држави први почнаа да ги користат делфините во воени цели во шеесеттите години од минатиот век. Животните учествуваа во војната во Персискиот залив. Во СССР научно-истражувачкиот центар за обука на делфини беше отворен на брегот на Црното море во 1965 година. Таму борбените делфини ги користеа пред сè за патролирање на влезот во поморската база, за забележување нуркачи на потенцијален противник, како и за барање мини. Извесно време постоеше и обука на делфини-самоубијци кои би биле задолжени за уништување на противнички бродови.

Борбените клунести делфини и морските лавови беа тренирани според советската програма во интерес на воената морнарица на Украина. Украинската војска ги обнови по распадот на СССР, дури во 2012 година. По влегувањето на Крим во состав на РФ, океанариумот и делфините станаа руски. 

„Инженерите на океанариумот работат на нова опрема за нови програми со цел делфините поефикасно да се користат под вода“, изјави соговорникот за новинската агенција и напомена дека делфините и морските лавови ќе бидат вклучени во потрага по потонати предмети или воена техника, како и за воочување борбени пливачи. 

Според соговорникот на агенцијата, борбената опрема за животни е многу застарена. 

„Нашите стручњаци работеа на нова опрема и уреди, кои детектираат подводни цели преку сонарите на делфинот и го претвораат во сигнал на мониторот на операторот. Воената морнарица на Украина немаше доволно финансиски средства за вакво ноу-хау, така што неколку проекти мораше да бидат укинати“, рече вработениот во океанариумот. 

Тој изрази надеж дека воената морнарица на РФ ќе најде средства за продолжување на специјалната обука на борбените и на морските лавови. 

Денес во светот постојат само два центра за обука на борбени делфини – тоа се базата во Сан Диего (САД) и во Севастопољ.

„Да се направи од делфин убиец или камиказе не е покомплицирано од тоа истото да се направи со куче. Практичниот резултат ќе биде ист. На крајот на краиштата, војската би морала да се откаже од борбените делфини, исто како што веќе се откажа од борбените кучиња или од борбените камили, слонови, па дури и од борбените коњи – кавалеријата“, смета аналитичарот на РИА Новости, Сергеј Петухов. 

Според него, главен проблем во дресирањето делфини претставува фактот што е неопходно да го научите да ги разликува „нашите“ од „нивните“. 

„Делфинот може да се дресира да ги разликува нашите од нивните на тој начин што 'нивните' ќе бидат обележани со некаков визуелен, хемиски, акустичен, хидроакустичен знак. Но, од разбирливи причини во војна 'нивните' не можат да се обележат. Значи, мора да се обележуваат нашите“, забележува Петухов. 

Сепак, со тоа проблемот само делумно се решава. 

„Ако задачата е таква да се научат делфините со својот клун да ги фаќа само обележаните објекти, тогаш би можело да имаме успех, можеби не стопроцентен, но приближно на тоа. Но, значително е потешко да се научи животното да не ги допира обележаните предмети и да ги брка сите останати, независно од нивниот облик, димензии, мирис, природни вибрации и слично. Веројатноста за грешка во ваков случај расте до опасни граници“, вели Петухов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња