Над Челјабинск, најкрупниот индустриски центар на Урал, кон средината на февруари минатата година експлодираше огромен метеорит. Извор: PhotoXPress.
Челјабинскиот гостин
Најважниот научен настан во 2013 година ни долета од вселената. Имено, кон средината на февруари минатата година над Челјабинск експлодираше астероид со пречник од дваесетина метри. Ова беше најголемиот настан од ваков вид за последните 100 години, од времето на паѓањето на Тунгускиот метеор. Летот на метеоритот и експлозијата што следуваше беа забележани детално и прецизно како никогаш досега. Научниците имаа на располагање снимки од голем број видеокамери, камери за видеонадзор и од мобилни телефони, што им овозможи да ја утврдат не само патеката на Челјабинскиот метеорит, туку и да го идентификуваат вселенското тело од кој овој метеорит се одвоил. Остатоци од гостинот од вселената неколку месеци беа собирани ширум Челјабинската област. Најголемиот пронајден дел од метеоритот беше изваден од дното на уралското езеро Чебаркуљ, според кое метеоритот и го доби називот „чебаркуљски“.
„Настанот во Челјабинск“ беше значаен и од политичка гледна точка. Тој ги поттикна властите на САД, на Русија и на Европската Унија уште еднаш да поработат на проблемот на опасности од астероиди и од комети од вселената. НАСА, меѓу другото, официјално го започна проектот на фаќање и на транспортирање астероиди во помали димензии во Месечевата орбита, а руското раководство објави дека има намера да започне развој на програма за противастероидна одбрана.
Живот во езерото Восток
Руската истражувачка станица на Антарктикот над езерото Восток. Извор: РИА Новости
Испитувањата на мострите вода извадени од старото антарктичко езеро Восток донесе сензационални резултати. Сергеј Булат од Санктпетербуршкиот институт за нуклеарна физика изјави дека во мострите е откриена бактерија која не припаѓа на ниту една од познатите класи.
Езерото Восток, кое е покриено со антарктички мраз со дебелина од 4 километри, беше изолирано од надворешниот свет неколку милиони години. Научниците очекуваа во него да најдат живи „вонземски“ организми, кои се во состојба да пренесуваат висока концентрација кислород во езерската вода.
Булат и неговите колеги спроведоа испитувања на првите мостри од езерската вода, која замрзнала на дупчалката. Ги идентификувале сите микроорганизми и ги изолирале бактериите кои претходно биле пронајдени во антарктичкиот мраз или во специјална течност која се користи при дупчење. Деталната анализа овозможи откривање групи бактерии за кои излезе дека се „непознати“.
Во моментов тимот научници на Булат спроведува анализа на чистите мостри кои во Санкт Петербург стасаа во мај.
Живот во вселената
Монголските гербили по втор пат учествуваа во
вселенска операција. Извор: Alamy / Legion Media.
Руските научници во 2013 година успешно го реализираа експериментот со биосателитот (прв по 2007 година). Леталото „Бион-М1“ со животни во капсула помина еден месец во вселената, по што се спушти во Оренбуршаката област. Иако поголемиот дел животни беа умрени, оние што преживеаја го оправдаа експериментот. Меѓу другото, резултатите од експериментот „Метеорит“ покажаа дека животот на Земјата можел да се појави на тој начин што на нејзината површина дошле микроорганизми кои заедно со астероидите паднале на Земјата.
За реализација на експериментот научниците од Институтот за медицинско-билолошки истражувања при РАН ставија таблети со спори од бактерии во обвивката на леталото од базалтни плочи. За време на влегувањето во атмосферата плочите од базалт беа изложени на температурно загревање. Излезе дека најмалку една култура микроби има преживеано. Ова ја поткрепи и хипотезата за доаѓањето на микробите на нашата планета од вселената.
Реформа на Руската академија на науките
Главната зграда на академијата на науките во Москва. Извор: Росијскаја газета
Во рускиот свет на науките во 2013 година започна ерата на промени. Системот на истражувачки институти, кој беше формиран уште во советско време и со кој управуваше Руската академија на науките, премина во надлежност на Федералната агенција на научни организации, додека РАН е претворена во „клуб на научници“, кој има функција да дава стручни препораки и проценки.
Почетокот на реформата беше објавен кон крајот на јуни, а за помалку од еден месец беше избран и новиот претседател на РАН Владимир Фортов. Првобитната верзија на реформата, која беше поднесена на разгледување во Државната дума, предвидуваше ликвидација на сегашната РАН и основање на граѓанско-државна организација под ист назив, која би ги опфаќала и Академијата на медицински науки и Академијата на земјоделски науки. Ваквиот предлог предизвика негодувања кај дел од научната јавност.
При второто читање од предлог-законот беше исклучена точката за ликвидација на Академијата, но остана предлогот за предавање на сите академски институти под јуриздикција на „ополномоштениот федерален орган на извршната власт“. Наесен законот за реформа беше усвоен, а ополномоштениот орган беше основан. На чело на федералната агенција на научни организации беше поставен 36-годишниот заменик-министер за финансии Михаил Котјуков.
Рускиот текст на порталот на РИА Новости.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче