Јотафон успеа да крене прав во странство и да ја добие титулата „најдобар производ“ на Меѓународниот саем за потрошувачка електроника (CES) во Лас Вегас. Извор: ИТАР-ТАСС
Генералниот директор на компанијата Јота Дивајсис Влад Мартинов во Центарот за современа култура „Гаража“ во Москва на јавноста ѝ го претстави Јотафон подготвен за продажба. Рускиот смартфон веќе успеа со своите необични карактеристики и функции да ги заинтересира љубителите на напредните технологии ширум светот. Јотафон, да кажеме, покрај вообичаениот ЛЦД екран има и втор дисплеј, изработен по технологијата на електронско мастило (Е-ink), кој практично не се гаси.
Програмерите за новите смартфони подготвија мноштво посебни програми, меѓу кои и апликациите „Teach me“ („Научи ме“) за полесно помнење на странски зборови и изрази, и „InternetHub“ која ги обединува RSS каналите и известувањата од социјалните мрежи.
Според замислата на неговите конструктори, овој монохроматски екран е сместен на задната страна на уредот и треба да ги прикажува оние податоци кои на определен корисник му се најважни: тоа може да биде календарот, временска прогноза, СМС или сето тоа заедно. На работната површина според желба можат да се распоредат неколку миниапликации на кои податоците ќе бидат ажурирани во реално време, и кои притоа ќе бидат достапни и по празнењето на батеријата (но секако без понатамошно ажурирање). Во компанијата Јота Дивајсис се надеваат дека оваа технологија, меѓу другото, многумина корисници ќе ги ослободат од навиката постојано да го проверуваат својот телефон.
За оние што сакаат да читаат новиот руски уред може да биде вистинска замена на букридерите. Наполнетата батерија во режим на читање би требало да трае најмалку 50 часови. Одредени цитати од книгата само со неколку потези на прстот може да се издвојат и да се поделат со пријателите на некоја од социјалните мрежи.
Од моментот кога на јавноста за првпат ѝ беше претставен рускиот смартфон помина една година. Јотафон во меѓувреме успеа да крене прав во странство и да ја добие титулата „најдобар производ“ на Меѓународниот саем за потрошувачка електроника (CES) во Лас Вегас, а потоа и „Златен лав“ во категоријата „Иновации“ на Меѓународниот фестивал за креативност „Кански лавови“.
Според зборовите на Мартинов, овие признанија беа пријатно изненадување со оглед на тоа дека компанијата Јота Дивајсис не водеше особена кампања за промовирање на својот производ. Наместо тоа, во компанијата предано се работеше на тоа идејата да се доведе до квалитетен готов производ и да се започне со негово сериско производство. Во тој процес сепак мораше да се откаже од некои напредни фунцкии: инженерите за време на доработката решија да се откажат од технологијата на безжично полнење на уредот и го опремија со стандарден мини УСБ приклучок.
Определени медиуми уште на CES Јотафон го нарекоа руски Ајфон. Прес-конференцијата во Центарот „Гаража“ не помина без зајадливи забелешки дека недостасува уште само црната ролка [обележје на Стив Џобс]. Меѓутоа, Мартинов во интервју со нашиот колега отворено рече дека му се допаѓаат коментарите за тоа дека го копирале Епл во поглед на естетиката.
За оние што сакаат да читаат, новиот руски уред би можел да биде замена за букридерите. Наполнетата батерија во режим на читање би требало да трае најмалку 50 часа.
„Епл е одлична компанија, па е сосема оправдано да се угледаме на нив. Сметам дека треба да учиме од оние кои се добри во определени работи – и потоа да се обидеме на направиме нешто и подобро од нив“, вели генералниот директор на компанијата Јота Дивајсис.
И покрај големиот интерес во САД, продажба на првата генерација Јотафон на американскиот пазар не е предвидена. Главниот пазар за извоз засега е само Европа, каде продажбата ќе биде организирана, ни помалку ни повеќе, од страна на американската компанија „Инграм Микро“. Рускиот смартфон ќе биде претставен и на азискиот пазар, како и на пазарите на Блискиот Исток, кои покажаа неочекуван интерес за рускиот новитет.
Во компанијата не се обидуваат да предвидуваат каква ќе биде продажбата на Јотафон на почетокот. Познато е само дека на Интернет бројот на порачките во претпродажба достигнал околу 10.000.
Главниот пазар за извоз засега е Европа, каде продажбата ќе биде организирана преку американската компанија „Инграм Микро“. Освен тоа, рускиот смартфон ќе биде претставен и на азискиот пазар, како и на пазарот на Блискиот Исток.
„Тешко е да се предвиди што било кога на пазарот се исфрла сосема нов тип уред, но ние секако се надеваме на успех“, рече Мартинов.
Со него се сложуваат и партнерите задолжени за малопродажба: според нивните процени продажбата би можела да достигне обем и од повеќе од милион примероци.
Најавената цена на Јотафон е нешто пониска одошто се очекуваше: во Русија се продава за 19.990 рубли, а во Европа ќе чини 499 евра. Сепак, определени експерти сметаат дека поради релативно малата разлика во цената во однос на останатите понуди во овој пазарен сегмент тешко дека ќе се постигне голем продажен успех – без оглед на предноста во вид на дополнителен екран, особено што сите негови останати карактеристики претставуваат просек за телефоните во оваа ценовна категорија.
„Не сум сигурен дека побарувачката на Јотафон ќе биде огромна. За тие пари можат да се најдат многу понапредни уреди“, смета Евгениј Алминов, раководител на секторот за мобилна телефонија и дигитални уреди во компанијата „J'son & Partners Consulting“.
Не треба да се заборави на уште една работа: бидејќи монохроматскиот дисплеј е постојано вклучен, тоа значи дека секому отстрана му се достапни личните податоци на сопственикот на телефонот.
„Сето тоа е замислено да изгледа убаво и да биде згодно – но не знам кој би сакал СМС преписката и распоредот на состаноците да им бидат достапни на сите. Секако, вториот екран може да се направи на него да нема доверлив податок – но, на тој начин станува обичен часовник, па се поставува прашање каква е смислата на сето ова“, ги изнесе својот впечаток за новиот телефон еден од присутните на презентацијата.
Јота Дивајсис најавува дека до крајот на следната година ќе ја претстави следната генерација на својот револуционерен уред. Но, конечниот суд за тоа дали за пазарот на смартфони навистина му е дојдено до револуција, треба да го дадат самите корисници, кои конечно добија можност да го испробаат новиот руски производ.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче