Russia Arms Expo 2013: петте најатрактивни новитети

БМПТ-72. Извор: Росијскаја газета

БМПТ-72. Извор: Росијскаја газета

На изложбата на вооружување, воена техника и муниција Russia Arms Expo 2013, која беше одржана во Нижни Тагил од 25 до 28 септември, беше презентирана цела низа уникатни возила од руско производство. Ви ги претставуваме петте најатрактивни новитети што ги восхитија посетителите.

Борбено возило за поддршка на тенкови „Терминатор-2“

Првпат на изложбата Russia Arms Expo 2013 беше прикажан БМПТ-72, нова верзија на борбеното возило за поддршка на тенкови, направено врз база на прочуениот тенк Т-72. Возилото поседува ураганска огнена моќ и во уличните борби може да ги штити тенковите од минофрлачи, а освен тоа може да решава и самостојни задачи во рамките на моторизираните единици.

Основните карактеристики според кои БМПТ-72 се разликува од претходниот модел со назив „Терминатор“ е усовршениот систем за гаѓање, заштитата на лансерот за наведување ракети од шрапнели и од куршуми од стрелечко оружје и намалениот број членови на екипажот (од пет на три лица) со неизменета ефикасност во управувањето. Борбената маса на возилото е намалена од 48 на 44 тони, но нивото на заштита остана исто.

„Терминатор-2“ ќе биде особено интересен за земјите што во својот арсенал ги поседуваат старите и мошне доверливи тенкови Т-72, зашто новите технологии им овозможуваат брзо и со минимални вложувања максимално да ја модернизираат армијата, практично без набавка на нова техника.

„АТОМ“ – тешко борбено оклопно возило на тркала

Извор: Росијскаја газета

Проектот под називот „АТОМ“ е една од најголемите сензации на изложбата Russia Arms Expo 2013. „АТОМ“ е тешко борбено оклопно возило, кое заедно го конструираа француските и руските експерти. Возилото е тешко 30 тони, има четири оски и 57-милиметарски топ, кој гаѓа цели и дење и ноќе, и од место и во движење. Брзината на гаѓањето е 140 проектили во минута, а дометот му е шест километри. И покрај својата голема тежина, возилото може да плови и да носи осум војници со полна опрема. Добро е заштитено од куршуми од голем калибар и од нагазни мини. Според зборовите на конструкторот, заштитата може да се зголемува или да се намалува со истовремено варирање на огнената моќ.

Специјален роботизиран противпожарен систем СПМ

Извор: Росијскаја газета

СПМ е противпожарно возило на гасеници, заштитено со цврст оклоп. Во конструкцијата се користени елементи од тенковите Т-72 и Т-80. Возилото може да има екипаж од три лица или да се користи како робот на далечинско управување.

Никаде во светот не се произведуваат вакви моќни возила на далечинско управување, кои можат да се борат против огнените стихии во најекстремни услови. Ваквите роботи-пожарникари се крајно неопходни во вонредни услови. СПМ е наменет за гаснење пожари во најопасни услови: во арсенали каде што дошло до експлозија на муниција, во жаришта на големи пожари, на сондажни дупки за нафта и гас, а, исто така, и на места каде што можат да бидат присутни отровни супстанции опасни по човековиот организам.

Самоодечки противтенковски топ 2С25 „Спрут“

Извор: Росијскаја газета

Во Советскиот Сојуз се произведуваше пловниот тенк ПТ-76, кој беше распространет низ светот. Тогаш никој друг не правеше пловни тенкови. Сега ПТ-76 е веќе сосема застарен, а 2С25 „Спрут“ претставува нова генерација руски пловни тенкови.

„Спрут“ може да плови со брзина од девет километри на час, а на копно се движи со 70 километри на час. Наменет е за користење во десантните падобрански единици и во поморската пешадија, има три члена на екипажот, лесен оклоп и моќен 125-милиметарски топ. За време на десант од воздух, безбедноста на екипажот е гарантирана.

Систем за активна заштита на тенкови „Арена-Е“

Извор: Росијскаја газета

„Арена-Е“ е систем конструиран специјално за извоз. Русија прва создаде заштита што овозможува гарантирано уништување на кумулативни гранати и на наведени реактивни проектили пред тие да стасаат до тенкот. Новата „Арена-Е“ има сосема нов изглед: системот за заштита е сместен бочно од радарот, а не над него, како што беше претходно. Според претставникот на Коломенското машинско конструкторско биро, во кое е конструиран овој систем, тој според карактеристиките во моментов е најдобар во светот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња