Според плановите на научниците, по проучувањето на ‘рбетникот од девонскиот период следува анализа на трагите на пермските влекачи и на јурските диносауруси, чие постоење го потврдуваат бројните наоди на просторот на Кузнецкиот басен (рус. Кузбасс). Извор: Alamy / LegionMedia.
Професорот на Сибирскиот државен индустриски универзитет (СибГИУ) Јарослав Гутак доби официјална потврда за теоријата дека првите копнени ‘рбетници на светот се појавиле во Сибир. Станува збор за фотографии на тетрапод – прв копнен ‘рбетник, кои му биле испратени од Гренобл, Франција. Таму во уникатната лабораторија научниците со помош на тродимензионална технологија ги испитувале камењата собрани во местото Ивановка во Краснојарскиот крај, каде се откриени остатоци од скелети на праисториски животни.
„
Стручњаците веќе сега се сигурни дека првите тетраподи, кои живееле пред 350 милиони години, излегле од водата на копно токму во Сибир.
Истражувањата траат и понатаму зашто научниците допрва треба да проучат повеќе од 25 фрагменти од карпи во кои се сочувани траги на праисториски организми. Но, стручњаците веќе сега се сигурни дека првите тетраподи, кои живееле пред 350 милиони години, излегле од водата на копно токму во Сибир.
Научниците наведуваат дека руско-шведските истражувања даваат можност според фрагментите да се реконструира сликата на континенталната историја. Според нивните планови по проучувањето на ‘рбетникот од девонскиот период следува анализа на трагите на пермските влекачи и на јурските диносауруси, чие постоење го потврдуваат бројните наоди на просторот на Кузнецкиот басен (рус. Кузбасс).
„Кемеровската област е уникатна. Во неа можат да се реконструираат сите случувања и сите промени на Земјата во изминативе милијарда години. Таму може да се пронајде апсолутно сè“, истакнува Јарослав Гутак.
До интересни палеонтолошки откритија во Кузбас е дојдено уште во средината на минатиот век. Имено, истакнатиот советски научник и писател на научна фантастика Иван Ефремов во своето писмо до геологот Генадиј Прашкевич ги споменува древните фосили пронајдени во подрачјето на селото Шестаково кај градот Маринск: „Какви се вашите планови за налето? Нашиот музеј (Палеонтолошки музеј на Академијата на науките на СССР) има до Вас една молба – да проверите како стојат работите со наоѓалиштата на остатоци од мали диносауруси со папагалски клун – пиктосауруси, кои планиравме да ги проучуваме во 1953 година, но кои беа зафатени од пролетната поплава.“
Потоа пиктосаурусите беа проучувани во средината на седумдесеттите години од минатиот век.
Во Кемеровската област течат обилни земјени работи. За време на тие работи секако се наоѓаат голем број коски, главно од периодот на холоценот (започнува пред 12.000 години и трае до денес). Овие коски ѝ припаѓаат на таканаречената мамутска фауна, односно на животните кои ги населувале овие простори во периодот на топењето по сартанската глацијација во квартарот. Во тоа време таму живеел и човекот, кој всушност е и причината за изумирањето на мамутот, на рунестиот носорог, на џиновските елени, на куланите (диво азиско магаре), но и на грабливците кои ги ловеле.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче