Руските биолози во експедиција околу светот

Постои план според кој за време на експедицијата треба да се создаде единствена база на фотографии и на видеоматеријали за природното богатство на Светскиот океан – со илјадници квалитетни и живописни снимки од организмите драгоцени за науката, а некои можеби и сосема нови. Фотографии: Александар Семјонов

Постои план според кој за време на експедицијата треба да се создаде единствена база на фотографии и на видеоматеријали за природното богатство на Светскиот океан – со илјадници квалитетни и живописни снимки од организмите драгоцени за науката, а некои можеби и сосема нови. Фотографии: Александар Семјонов

Биологот Александар Семјонов и неговите колеги планираат на патот околу светот во следните три години да минат 35.000 морски милји. Имаат намера со стотици нуркања да го проучуваат животот во океанот и со сиот свет да ги споделат своите впечатоци и возбудливи откритија од ова патување.

„Акватилис“ е првата руска експедиција околу светот посветена на проучување на животот во Светскиот океан. Идејниот предводник и организатор на овој проект е Александар Семјонов, началник на нуркачката служба на Беломорската биолошка станица при Московскиот државен универзитет (МГ) „М.В. Ломоносов“, кој во исто време е и познат подводен фотограф.  Изминативе седум години тој води научно-популарен блог посветен на истражувањата во морето. Негова главна цел е да им покаже на луѓето колку светот околу нас е неверојатен и какви сè необични и прекрасни суштества живеат во него. Но, претстојната експедиција не е насочена само кон проучување на живиот свет во океанот, туку пред сè кон популаризација на науката.

Секој што сака може да придонесе во организацијата на експедицијата околу светот: на веб-сајтот на сервисот за масовна поддршка на проекти „Boomstarter“ во тек е акција за собирање средства за првата, подготвителна фаза од експедицијата.

„Океанот е всушност еден паралелен свет, сосема поинаков од нашиот, населен со прекрасни суштества. Сметаме дека е важно на луѓето да им се покаже колку прекрасни и возбудливи можат да бидат истражувањата. Наш сон е да започнеме нова одисеја и да го продолжиме прекрасното и благородно дело на оние кои први ни го открија подводниот свет“, вели Семјонов.

Тимот на „Акватилис“ има намера преку блогови и социјални мрежи да ги пренесува впечатоците од патувањата, од своите активности во морето и од средбите со разни суштества, да објавува фотографии и видеоснимки и да комуницира со сите оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за тоа. Постои план според кој за време на експедицијата треба да се создаде единствена база на фотографии и на видеоматеријали за природното богатство на Светскиот океан – со илјадници квалитетни и живописни снимки од организмите драгоцени за науката, а некои можеби и сосема нови.

„Како човек од природните науки го следам севкупниот подводен свет кој може да се фати со објективот на камерата. Со оглед дека нуркам со години, можам да речам дека ова е многу интересна работа. За мене ова е седма или осма година, постојано се спуштам во морските длабочини, ги следам истите животни и ги фотографирам. Излезе дека кај многу од нив сме успеале да ги забележиме практично сите детали од нивниот животен циклус“, објаснува Семјонов.

Според зборовите на биологот овие фотографии можат да бидат мошне корисни за истражувањата на студентите или на научниците кои се занимаваат со определена животинска група.

„Подводните снимки, фотографиите или видеоматеријалите внесуваат многу знаења од класичната биологија во современите истражувања. На пример, кога некој се занимава со систематизација на определена група, нему му е многу интересно да дознае нешто повеќе за начинот на живот на определен организам, зашто не е невообичаено сродни видови да имаат сосема поинакво однесување. Ние ги следиме животните, сето тоа го споредуваме со книгите и доаѓаме до сознание дека во литературата има многу нецелосни податоци – би можело да се додаде уште многу. Современите фотографски и видеокамери овозможуваат да се добијат неверојатни детални снимки, што претходно беше едноставно невозможно. Претходни биолозите проучуваа сè со помош на микроскоп и на бинокулар, па правеа скици, понекогаш заборавајќи дури и некој сегмент. Но, денес можат да се фатат мошне ситни детали со величина од ва, три или четири милиметри, и да се сними така што ќе може да се види секое ноже, секое смукало, па така се добива детален приказ дури и на мошне ситните животни. И тоа е прекрасно“, истакнува Семјонов.

Уште една цел на овој проект е да се сврти вниманието на што поголем број на луѓе кон еколошките проблеми во нашите океани. На маршрутата на експедицијата ќе се најдат и „острови од ѓубре“ – непрегледни купишта пловечки отпад и пластика кои според својата површина надминуваат и некои помали земји. Членовите на експедицијата сакаат сето тоа да го забележат и на сите да им пренесат што се случува во такви услови со океанот и со живиот свет во него.

Тригодишната експедиција ќе биде поделена во десет фази во траење од 2 до 4 месеци. На бродот на „Акватилис“ во исто време ќе престојуваат од 8 до 16 луѓе, во зависност од конкретната задача во определена фаза. Во текот на трите години колку што ќе трае експедицијата, би требало да учествуваат – и во вода и на копно – над 50 стручњаци.

Рускиот текст на сајтот на gazeta.ru.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња