Цртеж на првиот вселенски брод на Константин Циолковски. Од ракописот „Слободен простор“(„Свободное пространство“, 1883). Во овој текст за првпат се изведува заклучок дека реактивното движење е единственото можно движење во космосот. Извор. РИА Новости.
|
Ви ги претставуваме петте најинтересни идеи на овој научник кои биле многу пред своето време. Некои од нив веќе станаа реалност, додека други сè уште го чекаат своето време.
Дирижабл на расклопување и летало во облик на птица
Еден од првите проекти на младиот самоук пронаоѓач, иако не бил реализиран, привлекол внимание кај голем број научници. Станува збор за неговата сопствена конструкција на дирижабл. Проектот бил специфичен по материјалот со кој требало да се обложи леталото. Циолковски предвидел тоа да биде метал (наместо гумирана ткаенина), со што би се овозможило избегнување на опасни хемиски реакции и би го изменило обликот на леталото во толкава мера што тоа би можело да се склопува и да се расклопува. Благодарение на пресметките и на експериментите научникот дошол до заклучок дека само летало од метал може да биде удобно, безбедно, но и исплатливо.
Работејќи во тој правец Циолковски конструирал летало слично на авионот, и тоа неколку децении пред појавата на првите авиони. Тоа бил еднокрилец од чист метал со дебело свиткано крило. Циолковски го нарекол „птицовидно (авијатичко) летало“.
Лет на реактивен погон
Константин Циолковски станал познат низ целиот свет по идејата поврзана за летовите во космосот. Во текстот „Слободен простор“, напишан во 1883 година во вид на дневник, нараторот е човек кој се наоѓа во простор каде не постои сила на отпор и земјишна тежа. Во овој труд за првпат се изведува заклучок дека реактивното движење е единственото можно движење во космичкиот простор. Во еден подоцнежен труд „истражување на космичките пространства со помош на реактивен уред“ овој заклучок е образложен со законите на механиката. Во него Циолковски докажува дека ракета може да лета во космосот.
„Ракетни возови“
Со терминот „ракетен воз“ научникот го нарекувал прототипот на повеќестепените ракети. Тоа се ракети од неколку делови кои земаат залет на Земјата, потоа летаат низ воздухот и излегуваат во космичкиот простор. Кога на еден степен на ракетата ќе му снема гориво, замислено е тој да се откачи и да падне на Земјата. Според пресметките на Циолковски секоја ракета би требало да биде со должина од 30 метри и со пречник од 3 метри.
„
Циолковски и „Смерч“
Една идеја на Циолковски нашла примена во развојот на модерното оружје. Станува збор за лансирањето ракети под елевациски агол помал од 90 степени. Таа не била погодна за лансирање вселенски бродови, но затоа сега се користи во системите за плотунски оган како што се „Катјуша“, „Град“ и „Смерч“.
Замислата на Циолковски била „возот“ да не биде само исполнување на човековата мечта за престој во вселената, туку и почеток на ерата на интерпланетарен сообраќај.
Космички лифт
За Циолковски ракетите не биле единствен начин да се излезе во отворен космос. Тој осмислил и конструкција со чија помош товарот и без ракета би можел да биде доставен во космичкиот простор. Теоретски за ваквата конструкција би требало да се користи јаже затегнато од космичкиот апарат до површината на земјата. Доколку неговата идеја би можела да се реализира, би се заштедиле огромни пари и би се решил проблемот на еколошката штета што ја нанесува секое лансирање на ракета.
Човек во вселената
Циолковски бил уверен застапник на човековото освојување на вселената. Идеите за патување низ космосот во неговата претстава за иднината биле нераскинливо поврзани со теориите за усовршување на човештвото, кое најпрво треба на Земјата да достигне определена хармонија, а потоа да почне со освојување на другите планети, создавајќи уште посовршени ограноци на човековиот род.
Прочуениот научник посветувал особено внимание на медицинско-биолошките проблеми за време на долготрајните интерпланетарни летови. Тој прв предложил користење одела кои ќе го штитат човекот од влијанието на надворешните фактори. Тоа бил прототип на денешниот скафандер.
Во научно-фантастичната приказна „Надвор од Земјата“ Циолковски ја образложил идејата за космички населби, предлагајќи проект на конструкција која се движи околу својата оска и создава вештачка гравитација. Тука, според неговата визија, би можеле да се организираат индустриско и земјоделско производство и развој на цели градови. Денес оваа идеја е отелотворена во проектот на космички населби со тороиден облик, на чиј развој работат научници од Универзитетот во Стенфорд.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче