Разјаснета тајната на третиот радијациски појас на Земјата

Јуриј Шприц: Сега знаеме дека ултрарелативистичките честици се однесуваат поинаку. Ова сознание ќе ни помогне да развиеме подобри начини за заштита на сателитите. Извор: Lori Media.

Јуриј Шприц: Сега знаеме дека ултрарелативистичките честици се однесуваат поинаку. Ова сознание ќе ни помогне да развиеме подобри начини за заштита на сателитите. Извор: Lori Media.

Меѓународен тим физичари на чело со професорот Јуриј Шприц од рускиот Сколковски институт за наука и технологија (Сколтех), направи голем исчекор во фундаменталната физика, расветлувајќи ја тајната на потеклото на таканаречениот трет радијациски појас околу Земјата, што беше првокласна научна тема во изминатава година. Во ексклузивно интервју за „Руска реч на македонски“ професор Шприц ја објаснува важноста на ова откритие.

Руска реч на македонски: Господине Шприц, какво е значењето на откриениот модел за фундаменталната наука? Дали со него е востановен сосема нов агол на гледање на радијациските појаси околу Земјата?



Јуриј Шприц ја проучува динамиката на популацијата на енергетските честички. Голем дел од својот досегашен професионален ангажман е посветен на истражувањето, предвидувањето и елиминирањето на ризиците во вселенските мисии. Статии за неговите најзначајни резултати се објавуваат во National Geographic, Forbes и New Scientist. Работел како главен истражувач на 15 проекти финансирани од страна на американските институции како што се Националната воздухопловна и вселенска администрација (NASA), Националната научна фондација (NSF), Истражувачката лабораторија на воздухопловните сили (AFRL) и Канцеларијата на претседателот при Универзитетот Калифорнија (UCOP).

Јуриј Шприц:Откривме дека ултрарелативистичките електрони иницираат мошне различни физички процеси. Ако го гледаме тоа од гледна точка на физиката на радијациските појаси, тоа значи дека сме откриле сосема нова популација честици кои коегзистираат во обичните радијациски појаси, но се одликуваат со поинакви просторни и временски структури.

РРМ: На кој начин третиот радијациски појас околу нашата планета може да влијае на сателитите и на останатата вселенска опрема? Дали најновите резултати од Вашето истражување можат да се применат на сателитската техника?

Ј.Ш.: Енергетските честици се способни да продрат низ речиси секоја заштитна обвивка. Можат да ги оштетат минијатурните делови од сателитската електроника и да предизвикаат неправилности или целосно откажување на виталните потсистеми на сателитите. Во минатото сметавме дека сите енергии над определено ниво имаат ист модел на однесување. Сега знаеме дека тоа не важи за ултрарелативистичките честици. Ова сознание ќе ни овозможи да развиеме подобри начини за заштита на сателитите.

Еве и пример: доколку правите возило за движење по Антарктикот, тоа нема да биде исто како автомобилот предвиден за возење низ Лос Анџелес, кој се одликува со умерена клима. Познавањето и разбирањето на околината е од суштинско значење за конструирањето на безбедни и сигурни возила. Теренските возила за Антарктикот се направени да задоволат сосема поинакви потреби од оние што важат за кабриолетите од Лос Анџелес: мораат да бидат високоподни, да имаат издржлива батерија и добар систем за греење – секако, ним не им е потребен покрив што се отвора и клима-уред.

РРМ: Каква практична примена може да има Вашето истражување?

Ј.Ш.: Оваа студија може да помогне и во унапредување на заштитата на космонаутите. Друг потенцијален начин на примена е во областа на нуклеарната енергија. Земјината магнетосфера е извонредна природна лабораторија каде можат да се проучуваат бројни физички процеси. Слични процеси можат да се одвиваат и во лабораториите на земјата, што може да им помогне на научниците кои ја проучуваат плазмата во лабораториски услови и кои ја истражуваат можноста за добивање енергија од нуклеарна фузија.

Вакви процеси можат да се појават и на Јупитер и на Сатурн, што ќе биде од големо значење кога ќе се планираат походи кон оддалечените делови на Сончевиот систем.

Моделот на третиот радијациски појас околу Земјата (црвено). Радијациските појаси се слоеви од наелектризирани честички кои кружат околу нашата планета. На едно место ги држи магнетното поле. Извор: Јуриј Шприц, Адам Келерман, Дмитриј Суботин / UCLA.

 

РРМ: Кои беа членовите на меѓународниот истражувачки тим на чие чело бевте Вие? Која земја има најмногу права ова откритие да со смета за свое?

Ј.Ш.: Нашиот тим имаше разнолик и меѓународен карактер. Сметам дека сите институции кои беа вклучени во ова истражување имаат право да се сметаат себеси заслужни за реализацијата на проектот. Прв на списокот е Сколтех, мојата матична организација, но голем и напорен дел од работата е извршен на Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес (UCLA), додека мошне важни се податоците добиено од Универзитетот во Алберта и од Универзитетот во Колорадо. Обемот на современите истражувачки проекти изискува соработка и заедничка работа на повеќе институции – не можеме да постигнеме сè само во една. За Сколтех меѓународната соработка и во иднина ќе биде мошне значајна.

РРМ: Вие сте визитинг-професор на Масачусетскиот технолошки институт (МИТ) и соработник сте на Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес. Дали МИТ има некакви заеднички истражувачки проекти со Русија? На кое поле сте ангажирани во моментов?

Невидениот наносвет

Ј.Ш.: Во моментов работам со инженерите на МИТ на проучување на ефектот на космичката радијација врз сателитите, како и на други бројни проекти.

Михаил Добинде, мој студент од Сколтех, истражува како зрачењето влијае на луѓето за време на долготрајните летови во вселената. На пример, тој сака да открие кој е најдобар период за време на соларниот циклус за патување до Марс и да утврди дали можеме да бидеме сигурни дека космонаутите ќе бидат безбедни на тој пат.

Еден од моите соработници е и Татјана Подладчикова. Во моментов таа е на постдокторски студии на Сколтех и работи на создавање модел кој во реално време треба да ги предвиди условите во вселенското опкружување врз основа на параметрите за соларниот ветар, добиени од повеќе сателити истовремено во реално време. Овој модел ќе им помогне на операторите на телекомуникациските сателити подобро да ги разберат дејствата на космичките влијанија и од нив да ја заштитат сателитската опрема.

Како главен истражувач на UCLA работам на проектот за изградба на сателитот „Ломоносов“ во соработка со Научно-истражувачкиот институт за нуклеарна физика „Д.В. Скобељцин“, кој е во состав на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Задачата на овој сателит е набљудување на честиците со широк опсег на енергија. Врз основа на тоа ќе можеме подобро да го проучиме и да го квантифицираме губењето на овие честици во атмосферата. Тоа, исто така, може да помогне во развојот на активни механизми за отстранување на ризичниот космички отпад.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња