Најдобрите стануваат „Калашников“

Извор: РИА „Новости“.

Извор: РИА „Новости“.

Новиот руски холдинг за стрелечко оружје под заеднички бренд треба да ја засили позицијата на Русија на пазарот на цивилното стрелечко оружје, а исто така и да влијае во борбата со нелиценцираните производи под познатата марка.

Акционерското друштво „Инжевска машиноградна фабрика“ („Ижмаш“) официјално е преименувана во концерн „Калашников“. Ова е уште едно скалило кон патот за создавање вертикално интегриран холдинг за стрелечко оружје, а неговата официјална регистрација на 13 август годинава ја објави вицепремиерот на Русија Дмитриј Рогозин.

„Среќен роденден! И успех во работата!“ – со овие зборови Рогозин на својот Твитер-профил му честиташе на новото претпријатие.

Промоцијата и официјалното отворање на концернот на кое учество ќе земат првите лица од државата е закажано за 19 септември во Ижевск и за 21 септември во Москва.

Заеднички бренд за борба против нелегалното производство

Поранешното научно-производствено претпријатие „Ижмаш“ е најголем руски производител на огнено автоматско и снајперско оружје, на водени артилериски гранати, а исто така и на широк спектар на цивилно производство. Претпријатието е основано во 1807 година и своето производство го извезува во 27 земји од светот, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Германија, Италија и Тајланд.

Идејата за создавање холдинг за стрелечко оружје под заеднички бренд се појави по сумирањето резултати за 2011 година, според кои загубите на „Ижмаш“, најголемиот руски производител на огнено оружје, изнесуваше 1.65 милијарди рубли (околу 50 милиони долари). Иницијативата на Дмитриј Рогозин за припојување на неколку претпријатија кон „Ижмаш“ под заедничкиот бренд „Калашников“ доби поддршка од претседателот Владимир Путин, а самиот легендарен конструктор Михаил Калашников, кој долги години работеше во „Ижмаш“, даде согласност за користење на своето име. Сега со брендот и со негова промоција ќе се занимава специјален тим, во чија надлежност влегува работење со компаниите кои го користат брендот без лиценца.

„Со ова не само што ќе го вратиме во Ижевск производството на современото стрелечко оружје, кој според својата сигурност и убиственост ги надминува странските аналози, туку и ќе го ликвидираме нелиценцираното и нелегалното производство на „Калашников“ во земјите од „натовскиот комсомол“, - напиша на својот Твитер-профил Рогозин во ноември минатата година.

Сега не е само автомат

Освен „Ижмаш“, во концернот „Калашников“ во иднина треба да влезат АД „Ижевска механичка фабрика“ („Ижмех“), Вјатско-Полјанската машиноградна фабрика „Молот“, научно-истражувачкиот технолошки институт „Прогрес“, конструкторското биро за автоматски линии „Л.Н. Кошкин“, а исто така и други претпријатија-производеители на стрелечко оружје и муниција. Новиот концерн ќе треба да ги консолидира активите и ресурсите на производната гранка за стрелечко оружје и муниција во Русија. Освен тоа, создавањето на концернот треба да ја засили позицијата на РФ на пазарот на цивилно стрелечко оружје.

„Ижмаш“ беше подготвен за користење на неговото име во називот на концернот да му понуди на Калашников од 45 до 90 илјади долари, но 93-годишниот конструктор на легендарниот АК се согласи да го даде своето име без надомест, оценувајќи го потегот како „голема чест“.

„Си поставивме задача да ја оптимизираме структурата на управување и на одделните процеси, да ја развиваме производната соработка, за обединувањето да им донесе на сите страни само плусови. „Калашников“ ќе има два производни погона – „Ижмаш“ и „Ижмех“. Производството и погоните нема да се селат и да се соединуваат. Ниту еден вработен нема да биде отпуштен“, - уверува генералниот директор на „Ижмаш“ Константин Бусигин. Тој додава дека создавањето концерн ќе доведе до намалување на трошоците за логистика и за транспорт, а исто така и за производство на инструменти и опрема .

Веќе е познато што во кооперација со другите претпријатија што ќе влезат во концернот, поранешното „Ижмаш“ ќе ги исполнува договорите на Министерството за одбрана на РФ за доставување ракети „Вихр-1“ на сума од 13 милијарди рубли. Како што изјави заменикот на генералниот директор на „Ижмаш“ задолжен за производство Андреј Семен, „овој договор ќе биде добро придвижување кон развојот на концернот“. Според него, нарачката ќе создаде услови за повеќе од 300 нови работни места за висококвалификувани работници и за инженери.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња