Најновиот руски истребувач Т-50 е подготвен за лет

Извор: Sukhoi.org

Извор: Sukhoi.org

На саемот за воздухопловна техника во францускиот град Бурже беше објавено дека е завршена изработката на моторот за перспективниот комплекс на фронтовска авијација (ПАК ФА) или, како што уште го нарекуваат, ловец-пресретнувач Т-50. Според изјавите на руските воени стручњаци, кои претходно ја извршија првата етапа на тестирањето на новиот апарат, добиените резултати потврдуваат дека рускиот ловец-пресретнувал не само што е рамноправен со својот главен конкурент, американскиот F-22 „Raptor“, туку според некои параметри е дури и подобар.

Според изјавите на шефот на Обединетата авиоконструкторска корпорација Михаил Погосјан, во програмата на тестирањето на Т-50 учествуваат пет авиони. Ова, всушност, им овозможи на руските конструктори да го форсираат процесот и да го намалат заостанувањето зад Американците. F-22 одамна е во служба на РВ на САД и засега со целосно право ја носи титулата најсовремен ловец-пресретнувач. Во исто време, за неговиот руски конкурент не се знае многу. 

Како што велат конструкторите, Т-50 е квинтесенција на сето современо што постои во руската авијација. Реализирани се цели низи иновациски решенија што се поврзани со развојот на технологијата на намалување на воочливоста на авионот, со нови конструкциски материјали и оплати, со вештачката интелигенција, со елементарната база што ја крева нашата воена авиоиндустрија на суштински поинакво технолошко ниво. 

Кај Т-50 за првпат е применет цел спектар најнови полимерни карбонски влакна. Тие се двапати полесни од алуминиумот со истата цврстина, четири-пет пати полесни од челикот, а двапати од титаниумот. Новите материјали сочинуваат 70 отсто од оплатата на ловецот-пресретнувач. Неговата маса сега е четирипати помала во споредба со авионот што беше склопуван од вообичаените материјали, благодарение на што конструкторите може да го зголемат борбеното оптоварување на оваа машина. 

Во конструкторското биро на „Сухој“ се зборува за „исклучително ниското ниво на радарска, оптичка и инфрацрвена забележливост на ПАК ФА“. Така, ефикасната рефлектирачка површина кај Т-50 ќе биде 0,5 m2 (кај Су-30МКИ, неговиот претходник, таа изнесува 20 m2). Тоа значи дека истиот тој Су-30МКИ на радар ќе биде видлив како метален објект со димензии 5 х 4 метри, а рефлектирањето на Т-50 е 40 пати помало. Значи, ќе биде мошне тешко тој да биде забележан и кон него да биде насочено оружје.  Освен тоа, апаратот има и уште една карактеристика на ловецот од марката „Су“, а тоа е суперманеварската способност.

Освен тоа, кај Т-50 е реализирано главното барање што се однесува на современите ловци-пресретнувачи, а тоа е високата интелектуализација на апаратот. Радарот на ловецот-пресретнувач со нова активна фазирана антенска решетка (АФАР), со електронско скенирање, гледа сѐ што се случува во воздухот и на земјата на растојание од неколку стотици километри. Може да следи мноштво цели и истовремено да го насочува кон нив вооружувањето на ловецот-пресретнувач, и тоа како кон целите во воздухот така и кон земјата.

Покрај другото, по целиот труп на авионот се разместени уште неколку десетици различни сензори, кои оневозможуваат не само контрола на околната ситуација туку и размена на податоци во реално време со систем за управување на земјата, а истовремено и внатре во авијатичката група. Благодарение на функцијата „електронски пилот“, Т-50 самостојно ја анализира ситуацијата и му предлага на пилотот неколку варијанти за дејство. Голем дел од летачките и од борбените информации човекот ги добива во вид на симболи и знаци. Тоа многу го олеснува нивното разбирање, што во голема мера го намалува оптоварувањето на пилотот и му дава можност да се сконцентрира на извршување на тактичките задачи. 

Т-50 може да полета и да слета на писта која е долга 300-400 метри. Во перспектива, на база на овој авион треба да се направи и поморска варијанта на ловец. Вооружувањето на новиот авион ќе биде во целост склопено во внатрешните отсеци на ловецот-пресретнувач. Ова се должи на малата воочливост на „Стелт“. Во овие отсеци, според определени податоци, можат да се сместат до осум ракети „возух-воздух“ од типот Р-77 или две насочени авиобомби со тежина од 1.500 килограми. Освен тоа, на двете надворешни подвески на авионот можат дополнително да бидат сместени две ракети со долг дострел, кои му овозможуваат да се бори со цели на оддалеченост од 400 километри. 

За перспективноста на програмата што им соодветствува на највисоките барања зборува и фактот дека при конструирањето на ловецот-пресретнувач се придружи и Индија. Делхи за оваа цел издвои речиси 25 милијарди американски долари и планира до 2018 година да добие своја верзија на ловецот-пресретнувач од петтата генерација. Според мислењето на руските експерти, токму овој авион ќе биде наменет за извоз. Рускиот Т-50 ќе остане исклучиво за внатрешно производство. Целосно исто како и американскиот F-22. Првите сериски ловци-пресретнувачи руската војска ги очекува веќе годинава, а има намера да купи најмалку 70 примероци.

Кој е подобар – американскиот F-22 или рускиот Т-50?

 

F-22 од 2005 година е во употреба. Руската машина сега ги поминува тестирањата. Истото тоа беше и со F-15 и Су-27. Американецот леташе, додека Русите го набљудуваа и ги забележуваа сите недостатоци на конструкцијата, кои беа отстранети од Су-27. Конструкторот на рускиот истребител Михаил Симонов повеќепати велеше дека за таква анализа не треба да се ангажираат разузнавачките служби. Доволно е да се читаат американските воени списанија и весници, каде што новинарите, пилотите и воените началници  ги коментираат особеностите на експлоатацијата на F-15 и од тоа да се изведат заклучоци. На крајот Су-27 беше прогласен за најдобар истребител на своето време.

Во случајот со Т-50 исто така може да се претпостави дека компанијата „Сухој“ внимателно ќе ги набљудува сите недостатоци при експлоатацијата на F-22. Ќе ги изучуваат американските погрешни пресметки и ќе го исшлифуваат својот истребител. F-22 и Т-50 тешко дека ќе се сретнат во воздушна борба. А, да се даде суд за тоа колку Т-50 ќе биде ефикасен ќе биде можно во 2018 година, кога ќе се појави индиската варијанта на ПАК ФА. Индиските пилоти повеќепати имаат учествувано во меѓународните вежби на воено-воздушните сили и ги победувале американските F-15/16/18 со своите Су-30МКИ. Се проценува дека тие нема да се откажат од задоволството да го проверат и новиот истребител од петтото поколение, кој е конструиран заедно со Москва.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.