Нуклеарна централа „Ловииза“ во Финска. Извор: Press Photo.
Во постсоветскиот период руската Државна корпорација за нуклеарна енергија „Росатом“ не се откажа од замислата да го прошири своето присуство во Европската унија, па вложените напори конечно почнуваат да даваат резултати. Да кажеме, Чешка во целост се откажа од американското нуклеарно гориво и премина на горивните системи од руски производство заради поголемата безбедност. Финската компанија „Fennovoima“ и компанијата „Русатом Оверсиз“ ова лето потпишаа спогодба за развој на проект за подготовка на договор за изградба на нуклеарната станица „Ханхикиви 1“ во Финска.
Руските нуклеарци имаат намера да влезат во сопственичката структура на компанијата „Fennovoima“ со удел од 34%. Доколку партнерите се согласат во врска со сите прашања поврзани за овој проект, тој секако ќе може да се окарактеризира како мошне перспективен за современа Европа.
Треба да потсетиме дека во Финска според советски проект се изградени два енергетски блока од нуклеарната централа „Ловииза“, која според оценките на многу независни експерти и денес е една од најдобрите европски електрани и според исплатливоста, но и по својата безбедност. Познато е дека финскиот нуклеарен надзорен орган (STUK) е еден од најстрогите во светот, па овој податок придава уште поголемо значење на фактот што стручњаците од Финска ја избрале руската технологија.
Производството на енергија по пат на нуклеарен капацитет во Финска сочинува 25% од вкупните енергетски ресурси, што е повеќе одошто во Русија, каде нуклеарните електрани произведуваат околу 16% од вкупната електрична енергија. Финците беа првите во Европа кои истакнаа дека „Росатом“ нуди најдобри енергетски решенија на светот во оваа сфера. Не е исклучено дека следната земја која ќе се реши за напредните руски нуклеарни електрани би можела да биде Чешка. На тендерот за изградба на два енергетски блока од нуклеарната електрана „Темелин“ учествува чешко=руски конзорциум кој го нуди проектот АЕС 2006.
Во Русија на основа на овој проект денес се градат шест енергетски блока, додека уште два се градат во Белорусија и четири во Турција. АЕС 2006 припаѓа на генерацијата „3+“ и е во согласност со сите „постфукушимски“ барања и има посебен спој на активни и пасивни безбедносни системи. Овој комплекс ги исполнува сите параметри на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) и на Европските барања за енергетски постројки (EUR).
Проектот АЕС 2006, меѓу другото, предвидува двослојна заштита која е во состојба да издржи пад на авион низ покривот на постројката, вклучувајќи ги и оние од 400 тони, потоа пасивни системи за одвод на топлината од активната зона и од заштитниот слој, како и активни системи (четири канали) и системи за целосно согорување на водородот и за задржување на растопеното јадро на реакторот (во случај на катастрофа како онаа во Чернобил или во Фукушима). Сериозни безбедносни мерки не предвидува ниту еден друг проект на светот. Доколку слична ваква постројка беше на местото на нуклеарната електрана „Фукушима“ во март 2011 година, без сомнение ќе ги издржеше дури и најекстремните влијанија на оваа природна катастрофа.
Тестовите за издржливост кои беа спроведени по катастрофата во Јапонија ја потврдија стабилноста и отпорноста на рускиот објект од различни облици на катаклизма. Современиот проект за нуклеарна електрана развиен од страна на „Росатом“ предвидува дека доколку системите за снабдување со енергија и за водоснабдување откажат, таа во автономен режим би била способна да ја запре нуклеарната реакција и да ја неутрализира преостанатата топлина, со што се обезбедува сигурност.
Уште една европска земја која со големо внимание ги следи проектите на „Росатом“ е Велика Британија. Со оглед на овој факт сосема е можно годинава да се случи и влез на руските нуклеарни компании и на британскиот пазар. Одлуките на компанијата „Fennovoima“ би можеле позитивно да влијаат на другите европски земји кои сè уште се плашат од нуклеарната енергетика заради „постфукушимскиот синдром“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче