Носачот на авиони „Викрамадитја“ (модернизираниот „Адмирал Горшков“) има депласман од 45.000 тони и развива максимална брзина од 32 јазли. Може да плови 13,500 морски милји (25.000 километри) со брзина од 18 јазли. Извор: Press Photo.
Руската индустрија може да гради бродови-носачи на авиони, изјави минатата недела директорот на департманот за државни набавки за потребите на одбраната на Обединетата корпорација за изградба на бродови, Анатолиј Шлемов. Според него, потврда за ова гледаме во искуството кое се однесува на длабоката модернизација на тешкиот крстосувач-носач на авиони „Адмирал Горшков“.
„Од гледна точка на Воената морнарица (ВМФ) ова прашање е концепциско за толку голема поморска суперсила како што е Русија. Многу научници кои се занимаваат со руската флота сè уште сметаат дека носачите на авиони ни се потребни, со оглед на специфичноста на нашата држава. Згора на тоа, сите водечки поморски суперсили: САД, Велика Британија, Франција, Индија, Кина, како и Шпанија, па дури и Италија поседуваат имаат намера да поседуваат носачи на авиони во составот на своите воени морнарици, односно, општата светска тенденција е јасна“, го цитира Шлемов ИТАР-ТАСС.
Моментално
единствениот во воената морнарица на РФ: тешкиот крстосувач-носач на авиони
„Адмирал на флотата на Советскиот Сојуз Кузнецов“. Извор: ИТАР-ТАСС.
„Мошне интензивно се развива овој род на морнарицата во Азискиот регион. Според податоците од авторитетни извори, Кина мошне сериозно почна да се занимава со оваа тема. Индија, нашиот стратешки партнер, оваа година задолжително ќе го добие носачот на авиони ‘Викрамадитја’ [под ова име во составот на воената морнарица на Индија ќе влезе „Адмирал Горшков“ – заб. ред.]“, уверен е Шлемов.
„Што имаме ние? [...] Ќе потсетам на тоа дека денес имаме само тежок крстосувач-носач на авиони („Адмирал Кузнецов“). Освен тоа, потребни ни се неколку бродови од ваков тип, кои би биле базирани во Северната и во Тихоокеанската флота“, вели Шлемов.
Според мислењето на Шлемов, „постои уште еден аргумент кој оди во прилог на ваквото убедување: мораме да сочуваме цел род на морнарицата, а тоа е палубната авијација“. „Тоа се најдобрите пилоти во составот на воената морнарица и на военото воздухопловство на РФ. Охрабрува и фактот што сега кај градот Ејск се гради универзален комплекс за експерименти, полигон за симулација и тестирање НИТКА („наземни испытательный тренировочный комплекс авиационный“)“, изјави тој. „За жал, со новата државна програма за вооружување која е во фаза на реализација не се предвидени задачи кои се однесуваат на конструирање носачи на авиони. За волја на вистината, сега военоиндустриската комисија на Русија и министерството за одбрана активно работат на државната програма за вооружување што ќе се реализира во периодот од 2016 до 2025 година. Не е исклучено дека работата врз создавањето на комплекс носачи на авиони ќе биде конкретизирана, определена и дека ќе биде зададена, со постоење на определена политичка волја“, рече тој.
„Сета опрема што е поврзана за авијациската група, сиот систем кој го обезбедува полетувањето и слетувањето беше нов, направен според нарачка на Индија. Сето ова е тестирано и функционира“, изјавува експертот на Центарот за анализа на стратегијата и на технологијата, Василиј Кашин.
„Тргнувајќи од тоа, Русија е во состојба да направи носач на авиони. Но, ова прашање се однесува на распределувањето на ресурсите. <...> Ова е прашање на високи стратегии, а до некаде и на надворешната политика: подготвени ли сме да се откажеме од можностите што сме можеле да ги добиеме за истите пари и наместо тоа да направиме носач на авиони? Ако сакаме да го направиме, тогаш каков треба да биде тој? Колку што јас можам да сфатам, руското раководство нема некоја своја исклучителна увереност и конечна гледна точка во врска со оваа тема.“
„Сè зависи од волјата на државата“, ја продолжува својата мисла поранешниот началник на управата за ракетно-артилериско вооружување на воената морнарица, контраадмиралот Вјачеслав Апанасенко. „Ние повеќепати почнувавме да градиме од нула. Само ќе потсетам дека по Револуцијата за буквално 10-15 години, пред Втората светска војна, изградивме флота. И тоа мошне солидна. Тогаш бевме во значително потешка ситуација, започнувавме од нула, а сега имаме искуство“.
„Тоа е мошне скапа играчка“, изјави за vz.ru директорот на програмата на Центарот за политички истражувања на Русија за конвенционално вооружување, Вадим Козјулин. „Според мене, тие не многу се вклопуваат во воената доктрина на Русија. А, ниту во буџетот особено не се вклопуваат. Иако, уверен сум: ако се финансира, тогаш и руската индустрија ќе биде во состојба да ги произведе, а флотата да работи со нив.“
Рускиот текст на порталот vz.ru
Лесниот носач на авиони „Викрамадитја“ по изградбата треба да стане командант на пловниот состав на воената морнарица на Индија. Бродот е правен врз база на тешкиот крстосувач-носач на авиони „Адмирал Горшков“, односно направена е негова темелна модернизација. Договорот кој беше склучен во 2004 година предвидуваше издвојување 974 милиони долари за реставрација и за модернизација на носачот на авиони, како и 530 милиони долари за испорака на 16 ловци-пресретнувачи МиГ-29К и поморски противподморнички хеликоптери Ка-31 и Ка-27.
Според договорот, Индија требаше да го добие „Викрамадитја“ уште во 2008 година но тогаш испораката на носачот на авиони беше одложена за 2012 година. Сепак, на крајот на минатата година беше обелоденето дека нарачателот нема да може да го добие воениот брод пред 2013 година поради проблеми со котлите и со моторите (кои настанаа, меѓу другото, и поради расипување на дел од опремата добиена од Кина, Велика Британија и од Полска).
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче