Салва од осум ракети „Москит“ испукани од рускиот ховеркрафт „Бора“ може да уништи кој било современ воен брод, вклучително и нуклеарен носач на авиони. Извор: РИА Новости / Александар Мазуркевич.
Со бродовите од проектот 1239 (што ги има вкупно два) остварен е вистински продор во областа на воената изградба на бродови. Тие првобитно се замислени како јуришни носачи на ракети кои можат да го пробијат одбранбениот систем на носачот на авионот и да го потопат овој пловен аеродром. За првпат во историјата успешно се поставени осум тешки противбродски ракети на брод кој плови на воздушна перница – ховеркрафт. Порано се сметаше дека тоа е невозможно, пред сè зашто бродовите од овој тип со помали димензии се прилично нестабилни, така што стресувањето на моќна ракета за време на испукувањето би можело лесно да го преврти пловниот објект.
Речиси е невозможно ховеркрафтот „Бора“ да се запре кога се движи на воздушна перница. Имено, главите на самонасочените противбродски ракети што се наоѓаат во арсеналот на морските сили на НАТО не се во состојба да следат мета која се движи со брзина од речиси 90 километри на час.
Меѓутоа, уште во некогашното ленинградско Централно поморско конструкторско биро „Алмаз“ под раководство на Валеријан Корољков е развиен проект на брод на воздушна каверна (анг. surface effect ship – SES), кој претставува своевиден хибрид на катамаран и ховеркрафт.
Ракетниот ховеркрафт „Бора“ од проектот 1239 е конструиран од две тесни трупни тела (слично на катамарана) меѓусебно споени со помош на платформа со должина од 64 и ширина од 17.2 метри. Трупот на бродот е направен од специјални сводови и мошне цврста легура на алуминиум. Воздушната перница се појавува кога однапред ќе се спушти полукрутиот штит, а во просторот меѓу дводелниот труп ќе навлезе воздух.
Ховеркрафтот од проектот 1239 се одликува со исклучителни особености. Од една страна тој е стабилен катамаран кој може да се движи со брзина од 20 јазли, а од друга тој е брз лебдечки објект со максимална брзина од над 50 јазли. Со депласман од само 1050 тони вкупната сила на погонските агрегати е 56.000 коњски сили. Поседува два дизел мотори со јачина од по 10.000 коњски сили за движење кога лебди.
Со оглед на тоа дека има две одделни погонски единици за крстарење и за движење со полна брзина, кои инаку можат да работат и поединечно и заедно, овој брод поседува три главни режими на движење (катамаран, лебдечки објект 1 и лебдечки објект 2) што гарантира речиси стопроцентно движење во секоја ситуација. Освен тоа може да се движи и кога главниот погон му е сосема исклучен. Ховеркрафтот само со работењето на моторот-вентилатор може да се движи наспроти ветрот (7 метри во секунда) со брзина од три јазли, благодарение на протокот на воздух од воздушната перница во крмата.
Главното борбено средство на ховеркрафтот е системот на суперсонични противбродски ракети „Москит“. Ракетите се наоѓаат во две четирикратни ракетни единици кои се наоѓаат од левата и од десната страна. Противвоздушната одбрана на бродот е составена од противавионскиот ракетен систем „Оса МА“ и два автомата АК-630М со шест цевки и калибар од 30 милиметри. На носот се наоѓа универзалното автоматско артилериско оружје АК-176 со калибар од 76.2 милиметри.
Салва од осум ракети „Москит“ испукани од рускиот ховеркрафт „Бора“ може да уништи кој било современ воен брод, вклучително и нуклеарен носач на авиони. Во исто време е речиси невозможно ховеркрафтот „Бора“ да се запре додека се движи на воздушната перница. Имено, главите на самонасочените противбродски ракети што се наоѓаат во арсеналот на морските сили на НАТО не се во состојба да следат мета која се движи со брзина од речиси 90 километри на час.
Уште во советско време постоел план во рамките на секоја флота да се формираат летачки флотили составени од ховеркрафти, но се изградени само два брода „Бора“ и „Самум“, кои влегоа во составот на Црноморската флота. Но, и овие два брода, според мислењето на западните воени експерти, се доволни за да се промени односот на силите на Црно море. Доколку по распадот на Советскиот Сојуз, со отпишувањето на голем број бродови на Црноморската флота на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, објективно најмоќна морска флота поседуваше Турција, од 202 година, со појавата на „Самум“ ситуацијата се измени.
Според тоа, воопшто не изненадува што „Бора“ беше во центарот на вниманието на сите военоморски стручњаци кои се собраа на саемот IDEF 2013 во Истанбул.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче