Цветовите од мраз на Арктикот

Невозможно е со зборови да се искаже бурата чувства што ве обзема среде бреговите од мраз кога пред вас ќе се открие цело поле од проѕирно бели цветови од мраз. Фотографија: Matthias Wietz.

Невозможно е со зборови да се искаже бурата чувства што ве обзема среде бреговите од мраз кога пред вас ќе се открие цело поле од проѕирно бели цветови од мраз. Фотографија: Matthias Wietz.

На површината на Северниот леден океан близу северното приморје на Русија расте „цвет“ во кој врие од микроскопски живот. Станува збор за мошне необичен и недоволно истражен феномен. „Цветните полиња“ што растат на океанот окован во мраз како да се слика од друга планета од некој научно-фантастичен филм. Уште повеќе, во нив можеби се крие и тајната на појавата на животот на Земјата.

Океан скриен под дебел слој мраз, бескрајно снежна пустина, ветар, мраз... Така ние обично го замислуваме Арктикот. Во секој случај, кога станува збор за овој дел од планетата, не очекуваме дека тука може да се види нешто што личи на поле полно со проѕирно бели цветови. А, на Арктикот навистина постои цвеќе од мраз. Ова е необично убава, ретка и недоволно проучена појава, уште едно неповторливо, волшебно и филигранско уметничко дело на природата. 

Ова „цвеќе“ расте на тенкиот мраз кој тукушто се фатил. Водата од цврста агрегатна состојба може да премине во гасовита без претходно да мине во течна, и благодарение на ова на површината на мразот на Северниот леден океан се формира слој заситен со влага. Во услови кога разликата во температурата на водата и воздухот е околу 20 степени, овој слој нагло се лади и се кондензира. Кога вистинскиот мраз тукушто ќе се зафати, неговата температура е околу 0 степени, а температурата на воздухот околу -20, и во тој момент за само неколку секунди израснува „арктичкиот цвет“, односно кристали мраз високи неколку сантиметри. По извесен временски период на кристалите мраз се фаќа скрама од солени аеросоли, така што концентрацијата на сол во цветовите од мраз е за четирипати поголема одошто во морската вода.

Арктичкото цвеќе од мраз е неповторливо, волшебно и филигранско уметничко дело на природата. Фотографија: Matthias Wietz.

На прв поглед се чини дека цветовите од мраз се апсолутно безживотни кристали, но овој впечаток лаже. Тие всушност се своевидни привремени минијатурни екосистеми. Од засега непознати причини бројот на живи микроорганизми што живеат во суровите услови на Арктикот е неколкупати поголем во цветовите од мраз одошто под дебелиот слој мраз. Секој цвет од мраз содржи околу милион бактерии. Со оглед на ова определени научници ја застапуваат теоријата според која животот на нашата планета настанал во слични природни творби. 

Арктичката природа е неповторлива во својот аскетизам. Брекчињата покриени со мраз и снег незабележливо се спојуваат со облачното небо. Често и не се забележува границата помеѓу небото и земјата. Како потези на некој невидлив уметник, матни зраци на бледото сонце продираат низ снежните облаци, а темните дамки на водата низ слојот мраз. Ова се единствените обоени делови на непрегледното бело платно, на овој недопрен дел на планетата Земја. И невозможно е со зборови да се искаже бурата чувства што ве обзема среде бреговите од мраз кога пред вас ќе се открие цело поле од проѕирно бели цветови од мраз.

Цветовите од мраз се всушност своевиден привремен минијатурен екосистем. Секој цвет од мраз содржи околу милион бактерии. Фотографија: © Matthias Wietz.

За жал, цветот од мраз на Арктикот е многу кревок и има краток век. Цветовите исчезнуваат штом дебелината на младиот мраз се зголеми, а неговата температура ќе се приближи на температурата на воздухот. Освен тоа, висината на цветовите и подрачјето во кое тие никнуваат зависи од слојот презаситен со влага, а тој, пак, е мошне нестабилен. На него влијаат мноштво фактори, а еден од нив е ветерот. 

Научниците предупредуваат на тоа дека цветовите од мраз, и покрај својата убавина, можат опасно да влијаат врз атмосферата. Сончевата светлина во нив иницира реакции по кои цветовите ослободуваат големо количество соединенија на бром и формалдехид, а тие ја нарушуваат озонската обвивка околу нашата планета. Навистина, науката засега не може прецизно да даде одговор во која мера оваа појава реално влијае на природните процеси, но на Арктикот сè повеќе има млад мраз, а цветовите од мраз растат токму на него, и оваа околност би требало да биде стимулатор за сестрани проучување на овој природен феномен.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња