Американската хиперсонична ракета X-51A WaveRider. Извор: US Air Force/Handout/Reuters.
Американската војска изврши уште едно лансирање на беспилотен хиперсоничен уред X-51A WaveRider кој развива шест пати поголема брзина од брзината на звукот. Тестирањето, како и претходно, беше неуспешно, но не е планирано прекинување на програмата.
Поранешниот началник на Генералштабот за Стратешки ракетни единици, генерал-полковник Виктор Есин, за vz.ru зборува за тоа какви се карактеристиките на овие ракети и каква закана претставуваат тие.
vz.ru: Господине Есин, колку сериозна закана претставуваат овие проекти?
Виктор Есин: Сè уште е рано да за проценка на заканите што овие ракети ги носат со себе денес. Засега не е јасно што планираат да прават Американците со ова оружје. Ако тоа не носи нуклеарни глави, туку обично полнење, тогаш тоа ќе биде средство за таканаречена стратегија за брз глобален удар. Тоа е помалку опасно за Русија.
Ако овие системи бидат опремени со нуклеарни боеви глави, тогаш, секако, тоа ќе предизвика голема загриженост кај Русија. Но, сакам да кажам дека и Русија работи на создавање на вакви хиперсонични летала. И ние правевме тестирања, едно од нив беше извршено во 2011 година. Ниту ова тестирање не беше целосно успешно, но ова е неистражена област и во неа е невозможно да се направи продор за толку кратко време.
Русија не заостанува на ова поле. Ние сме отприлика на исто ниво. Секако, Американците можат да вложат големи средства, но треба да се смета на тоа дека и двете страни ќе ги продолжат истражувањата во овој правец.
vz.ru: Зошто тестирањата се неуспешни? Во што е проблемот?
Виктор Есин: Претставува проблем да се обезбеди отпорност на конструкцијата на топлотно и механичко оптоварување при толку голема брзина. Материјалот од кој е направен апаратот очигледно ја губи отпорноста за време на загревањето и се распаѓа.
vz.ru: Кога ваквите апарати ќе бидат усовршени, ќе можат ли да носат боеви глави?
Виктор Есин: Секако. Но, не може да се каже дека Американците така ја формулираа својата програма. Судејќи по нивните официјални извештаи, не е предвидена ваквите средства да се опремуваат со нуклеарни боеви глави. Тие засега велат дека оружјето се прави за ракетирање на селективни цели со обични боеви глави. Но, ним не треба да им се верува.
vz.ru: Доколку ваквите ракети би се вооружиле со нуклеарни глави, колку тие би биле поопасни од интерконтиненталните балистички ракети?
Виктор Есин: Хиперсоничниот ефект се состои во тоа што ракетата лета на височина од 80 до 100 и повеќе километри. Тоа го отежнува лоцирањето на објектот со помош на систем за воздушно-космичка одбрана. Во тоа е предноста на овој проект. Ваквата ракета е тешко да се забележи, така што е поголема веројатноста таа да ја погоди целта, за разлика од интерконтиненталната балистичка ракета, чија траекторија може да се открие, а за пресретнување на боевите глави можат да се користат системи за противракетна одбрана.
vz.ru: Дали барем постојат идејни решенија за борба против ваквите ракети?
Виктор Есин: Засега не постојат. Таквите проекти се развиваат во рамките на постоечките ракетни закани, а појавата на овие ракети изискува создавање нови системи. Можеби воената индустрија веќе добила задача да работ на ова поле, но јас засега немам такви информации.
vz.ru: Дали системите за противвселенска и противракетна одбрана што ги поседуваат водечките армии во светот можат колку-толку да им парираат на овие ракети?
Виктор Есин: Тие засега не можат да им се спротивстават на овие објекти. Ниту кај Американците, ниту кај нас. Заради тоа ова е една од приоритетните програми, зашто ги обезвреднува постоечките системи за противракетна одбрана. Но, тоа е само привремена состојба. Секогаш е така: едни ќе направат подобар меч, а други ќе направат подобар штит.
Оригиналниот текст можете да го најдете на vz.ru.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче