Руски „тенк“ на тркала

3D-модел на „Коалиција“. Извор: Денис Мокрушин / livejournal.com.

3D-модел на „Коалиција“. Извор: Денис Мокрушин / livejournal.com.

152-милиметарска хаубица „Коалиција-СВ“ на шасија од КамАЗ-6560 ќе биде прикажана во септември во Нижни Тагил.

Министерството за одбрана на Русија започна со имплементација и развој на артилериска техника на тркала, која во перспектива ќе ја замени гасеничната. Првата руска хаубица на платформа на тркала ќе биде прикажана веќе есенва во Нижни Тагил на меѓународниот саем на воена техника REA-2013. 

Како што изјави за „Известија“ претставникот на КамАЗ Олег Афанасјев, како платформа за новата хаубица била избрана КамАЗ-6560 со четири оски, која се користи за градежна и за воена техника. За „Коалиција“ таа е малку модернизирана – вграден е помоќен мотор и изменета е конструкцијата на рамката, за таа да може да издржи моќен истрел. 

- Тоа се истите оние шасии на кои се монтира комплексот за противвоздушна одбрана „Панцир-С“. Таа одговара на фабричките и на воените потреби. Тоа е веќе сериска платформа, затоа нема да има никакви проблеми со нејзиното производство, изјави Афанасјев. 

Тој додаде дека експерименталниот примерок на платформата за „Коалиција“ бил испратен во „Мотовилихинските фабрики“ каде што се произведува самиот артилериски уред. Таму двата дела на хаубицата треба да се соединат во една машина и со тоа да започнат тестирањата. Кога тие ќе завршат, првиот „тенк“ на тркала ќе биде ставен во употреба во Руската армија и ќе почне да се користи во војската. Се очекува дека тестирањата ќе завршат до крајот на 2015 година. 

Се претпоставува дека хаубицата ќе биде во целост автоматска, односно ќе може да се полни и да се стрела со неа со оддалеченост. Притоа екипажот ќе се наоѓа во кабина, која се планира да се блиндираат за заштита од куршуми и од шрапнели.

Во министерството за одбрана за „Известија“ објаснуваат дека новата машина треба најпрво да дојде во вооружувањето на десантно-јуришните и на планинските лесни бригади, каде е потребна мобилност и висока брзина во движењето по патиштата, а потоа и во средните бригади, кои наместо гасеничните борбени возила за пешадија за превоз користат оклопни транспортери на тркала. Се планира тешките бригади да бидат вооружени со гасенична техника, зашто таа е најдобро блиндирана. 

Како што изјавија за „Известија“ во управата за ракетната војска и артилерија на пешадијата, „Коалиција“ на шасијата на Камаз ќе ја надополни ултралесната хаубица, која била нарачана претходно. 

Независниот воен експерт Вјачеслав Целујко појасни дека и покрај сета своја привлечност „Коалиција-ЦВ-КШ“ ќе најде ограничена примена. 

- Ваквата хаубица најмногу ќе им користи на оклопните транспортери, каде поголемиот дел е со шасија на тркала и притоа бригадите се движат со голема брзина. Во ваквите единици гасеничните хаубици Мста-С или реморкираната Мста-Б ќе го забават темпото на движење. Но, за лесните бригади ваквата хаубица е неприменлива. Таа според своите габарити нема да влезе во Ми-26, а тоа е задолжителен услов за лесната техника, појасни Целујко. 

Тој додаде и дека пешадиската војска веќе се обидела да создаде хаубица на тркала со Мста-К, но овој експеримент завршил со неуспех, кој се должи на нестабилноста на тркалата од страничната тежина од стрелањето. 

Артилерискиот уред „Коалиција-СВ“ беше разработен во нижегородскиот научно-истражувачки институт „Буревесник“, а неговото производство беше доделено на АД „Мотовилихински фабрики“ од Перм. 

За првпат макетите на перспективните артилериски системи од семејството „Коалиција“ на различни шасии беа прикажани за време на посетата на вицепремиерот Дмитриј Рогозин на Перм во јули 2012 година. 

Тогаш АД „Мотовилихински фабрики“ излезе со иницијатива за создавање претпријатие на федералниот центар на артилериските технологии, во кое беше предложено да земат учество и најголемите производители на артилериски системи во земјата – екатеринбуршкото АД „Фабрика бр. 9“ и нижегородскиот научно-истражувачки институт „Буревесник“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња