Ѕвон од космосот

Ќе ги натера ли метеоритот од Челјабинск научниците да создадат меѓународен проект за заштита од астероиди?

Своевремено „таткото“ на американската нуклеарна бомба, Едвард Телер, веќе се обиде да го вклучи алармот, да ја исплаши светската јавност со астероидната закана. Тој создаде комисија под покровителство на ООН, отиде кај сите водечки научници во светот, го посети СССР, привлекувајќи група истомисленици. Тие ги пресметаа ризиците, предложија мерки за заштита. Нивниот извештај се најде на масата на високите чиновници. 

- Нашите заклучоци никого не загрижија - раскажува академикот на Руската Академија на Науките Владимир Фортов, кој работеше во таа комисија. – Зошто? Наједноставен аргумент: за 300 години од метеорит не загинал ниту еден човек, урнати се 1-2 згради. И толку. Поголемите делови од овие тела паѓа во океаните и во ненаселени места, а системот за заштита чини многу милијарди. Не вреди толку. 

Но, работата на комисијата на Телер сепак донесе некакви плодови. За волја на вистината, само на Холивуд. Со застрашувачките сцени за Армагедон тој заработи стотици милиони долари. Доколку скептичните Американци не се исплашија и не зедоа веднаш да создадат штит од астероиди, тогаш што да се каже за Русија. Повеќе од 10 години директорот на Центарот за планетарна заштита Анатолиј Зајцев тропа на сите врати, докажувајќи дека треба итно да се преземат мерки. А, научниците на РАН одамна подготвија концепција за астероидно-кометска безбедност. Според директорот на Институтот за астрономија на РАН, Борис Шустов, периодично ги ислушуваат во високите кабинети, но понатаму работата не се турка. 

И така, на едната страна од вагата милијарди, а на другата страв од кој овие милијарди треба да нè заштитат. Науката постојано наоѓа нови аргументи за создавање астероиден штит. На пример, таа ги пресмета особено опасните астероиди за Земјата со големина поголема од еден километар. Такви има околу илјада. Овие астероиди-убијци можат да ѝ донесат на Земјата огромни разурнувања. За среќа, тие не ни се закана. Науката знае помалку за средните космички тела со дијаметар од 100 метри. Од речиси 500 илјади малечки космички тела засега се откриени помалку од еден проценти. Значи, изненадувања од космосот може да се очекуваат во кое било време. Ова го покажа и случајот од Челјабинск. За него не беа подготвени ниту цивилните, ниту воените служби. 

- Не треба едноставно да се пронајдат астероидите, ами треба тоа да се направи брзо - објаснува Борис Шустов. – За да успееме да преземеме мерки. Да кажеме, да ги разбиеме. Воените сили уверуваат дека за да се добие 100-процентна гаранција ним им е потребен подолг период. Односно, ако станува збор за мало тело што може тешко да се види, тоа треба да биде забележано на растојание од минимум неколку милиони километри. Тоа, пак, значи дека е потребно постојано скенирање на небото, оти не се знае од каде ќе се појави дојденецот. Денес во светот не постојат такви системи, а современите телескопи можат да видат само определени делови. Притоа, треба да се има предвид дека овој систем треба да биде сместен во космосот. 

- За заштита од астероиди ние го разработивме системот „Цитадела“ - вели директорот на Центарот за планетарна заштита Анатолиј Зајцев. – Доколку се забележи опасен објект, податоците за него ќе дојдат до Центарот за заштита. Во него, пак, се разработува акциски план и му се презентира на раководството на земјата. Последниот збор е кај него. Какви можат да бидат мерките? Најрадикалната е нуклеарна експлозија, која или ќе го уништи астероидот или ќе го пренасочи од опасната траекторија. Втората варијанта е пренасочување од орбитата со помош на директен удар во астероидот со ракета. Друга варијанта што може да се предложи е со помош на гравитациски носач. Оваа варијанта се смета за најбезбедна и најеколошка. Но, таа е и најненадежна, зашто воопшто не е едноставно да се дојде до космичкото тело што лета брзо и да се усогласи неговата брзина. 

Анатолиј Зајцев е дециден дека системот за астероидна заштита не може да биде национален. Тој може да биде само меѓународен. Основните научно-технички прашања се решливи, но многу посложен е договорот околу политичките, етичките и еколошките прашања. Да кажеме, постои забрана за користење нуклеарно оружје во космосот. 

- Но, што да се прави ако која било друга варијанта се покаже неефикасна - вели Зајцев. – Доколку за ваквата опасност се дознае една недела претходно, а тоа е сосема реално при нашите денешни знаења за космосот, решението ќе треба да се донесе во цајтнот. Токму тогаш бомбата може да стане единствената мерка за спас. 

А, доколку една земја активно развива систем за откривање астероиди, зарем тоа не е повод и другите да се замислат? Станува збор за монопол врз стратешка информација за опасни објекти за сето човештво, а фактички тоа значи и целосна контрола на космичкото пространство. 

- Со еден збор, за создавање ефикасна заштита од астероиди потребна е, пред сè, политичка волја кај водечките земји - заклучува Зајцев. 

Едвард Телер не успеа да ја убеди јавноста да вложи пари во системот за заштита од астероиди. Тие не се сметаа како „приоритетна“ закана за животот на земјаните. И сега во Челјабинск се слушна ѕвонот од космосот. Можеби овој метеорит ќе влезе во историјата и од него ќе започне грандиозен светски проект за создавање глобален систем за заштита? 

Директен говор

Сергеј Ламзин, заменик-директор на Државниот астрономски институт „Штернберг“, доктор на физичко-математички науки:

-Во земјината атмосфера годишно влегуваат 100 илјади тони меѓупланетарна материја. Во основа тоа се честички прав, кои горат во атмосферата, а ние гледаме ѕвезди што паѓаат. Колку се покрупни телата, толку поретко тие паѓаат на Земјата. Но, сепак, вакви космички гости има многу. Многу е сложено да се забележат малите метеорити и астероиди со дијаметар од 10 метри. Тука е потребна среќа. Да кажеме, своевремено астрономите случајно пресретнаа такво тело, предвидоа дека ќе падне во Африка и го набљудуваа тоа паѓање. Ако сакаме однапред да знаеме за некоја космичка опасност, треба да се создадат моќни системи што ќе го скенираат небото постојано. И тогаш космичките дојденци нема да паѓаат на земјаните како снег на глава.

Доколку експлозијата се случеше над Москва...

Сергеј Нароенков, кандидат на физичко-математички науки, Институт за астрономија на РАН:

-Според оценките на НАСА, висината на експлозијата на метеоритот беше околу 60 километри, а неговата моќност околу 200 килотони. Тоа е за 20 пати повеќе од можноста на атомската бомба што падна врз Хирошима. Но, без оглед на тоа, престолнината би поминала, како и Челјабинск, со искршени стакла.

Во меѓувреме

Русија ја пресмета штетата нанесена од падот на небесното тело. На територијата на Челјабинската област се оштетени 3.724 згради, од нив 671 се образовни установи. Вкупната површина на искршеното стакло изнесува 200 илјади квадратни метри.

Медицинска помош побарааа 1147 лица, од кои 50 завршија во болница. Две лица беа со повреди со просечна тежина, а една жена беше евакуирана во Москва со авион на Министерството за вонредни состојби на РФ.

Статијата за првпат беше објавена во печатениот додаток „Руска реч на македонски“ во дневниот весник „Нова Македонија“ од 9 март 2013 година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња