Македонец на пат кон вселената

Ројтерс
По повод 55-годишнината од полетувањето на Јуриј Гагарин во Вселената, „Руска реч“ се упати кон централното место за подготовка на космонаутите од целиот свет – Ѕвездениот Град.

Кога во 1997 година за првпат добив можност да заминам на екскурзија во Ѕвездениот Град немав претстава за што станува збор, всушност. Не знаев дека тоа ќе биде највозбудливата екскурзија во мојот досегашен живот. Долго време потоа си поставував прашања за нештата што ги бев видел, многу дилеми, неразјаснети нешта... 18 години подоцна добив можност повторно да заминам во ова волшебно место. И тогаш пред себе си поставив задача: ќе правам куси записки и ќе прашам сѐ што бев заборавил да прашам претходниот пат. Па, драг читателу, врзи го појасот – еден Македонец ќе те одведе на патот кон вселената.

На патот

Ѕвездениот Град се наоѓа недалеку од Москва, на некои 25-30 километри надвор од територијата на престолнината. По автопатот комбито почнува да се движи низ една шума со тенки високи стебла, кои се предвесници на возбудата што следува. Стасуваме до една рампа каде што стојат стражари. Водичот ги собира нашите пасоши и заедно со списокот ги предава на едно намуртено лице. Потоа следува „фејс-контрол“. Некако се чувствувате како да не сте пожелни тука, како да сте неканет гостин. Откако завршува процедурата, стражарот се насмевнува и нѐ поздравува: Добре дојдовте во Ѕвездениот Град! Ви посакувам „космичка“ екскурзија! Тука ми олеснува и го прашувам водичот зошто беше потребна сета оваа строгост. Тој, пак, како по навика одговара дека е оваа област од високо федерално значење и е со посебен режим за влегување.

Во деведесеттите години од минатиот век, во услови на дефицит, беше навистина тешко да се добие пропусница за ова место, зашто токму во овој град во продавниците имало сѐ. Во денешно време дефицитот не постои, но режимот со пропусници е сѐ уште строг, така што не е едноставно да се влезе во овој град.

Одиме на тренинг

Првото нешто што ќе ви го покажат на екскурзијата е центрифугата во Одделот за тренинг на космонаутите. Многумина ќе се запрашаат зошто токму центрифуга и како изгледа таа. Навидум станува збор за еден куп железо, но нејзините вртежи во сите правци и насоки се навистина зачудувачки. Порано на космонаутите во оваа машина им биле задавани 15 единици, односно тие чувствувале сила што била петнаесет пати поголема од онаа на Земјината тежа. Денес, пак, се работи со осум мерни единици. За време на тренинзите во контролната соба се наоѓаат голем број лекари и научници што постојано ја следат состојбата на космонаутот во кабината. За следење се користи најсовремена компјутерска технологија. Додека го минува тренингот, космонаутот мора постојано да го држи притиснато специјалното копче со кое им сигнализира на оние во контролната соба дека е сѐ уште епри свест. На прашањето дали некој би сакал да проба како изгледа тоа, сите од македонската делегација се откажаа. „Најхрабриот“ рече дека тој би се обидел, но дека тукушто појадувал.

Во текот на екскурзијата ќе ви покажат и како изгледа храната на космонаутите, а оние што сакаат да ја пробаат можат да ја набават во специјалната продавница за сувенири. Можете да купите сок во туба, чај во кеса изработена од специјален вид фолија, овошје и зеленчук, како и главни јадења и десерти што космонаутите ги јадат во вселената. Којзнае дали за некој македонски космонаут ќе направат и ајвар во туба!

Вистинска ракета

Понатаму следуваат кабините „Сојуз ТМ“ и „Сојуз ТМ-а“. Не станува збор за макети, туку за вистински вселенски бродови. Во нив космонаутите тренираат и полагаат испити. Сите нешта што можат да ги искусат тие во вселената, тука се постигнуваат со помош на компјутерската технологија. Космонаутот управува со леталото гледајќи на монитор, кој дава веродостојна слика од космосот. Сите чекори на екипажот се контролирани од специјалистите што седат на пултот во непосредна близина на космичкиот брод. За време на полетувањето, слетувањето и маневрите на орбитата космонаутите задолжително облекуваат скафандер. Доколку прошетате по бродот може да видите многу работи што наликуваат на оние од „Ѕвездени патеки“. Ако случајно ве фаќа клаустрофобија, тогаш спалните соби дефинитивно не се за вас, зашто во нив се наоѓаат само неколку најнеопходни работи.

Во текот на изложбата ни беше предложено да го пробаме скафандерот „Сокол“. Како љубител на модата и на вселената, се сложив. Не можете ни да си претпоставите колкав товар постојано носат космонаутите на себе. Овој скафандер не е наменет за излегување во отворен космос, па велат дека е лесен, но десетина килограми облека на себе не се играчка – пробај да потрчаш по ЈСП во него!

Зачекорете во вселенската станица „Мир“

До вселенскиот брод е сместен одделот за тренинг каде што се наоѓа станицата „Мир“. За овој оддел може да се каже дека е вистинско ремек-дело, зашто е изработено идентично на вселенската станица, а згора на тоа сите корекции што се направени во вселената се внесуваат и тука. На ова место космонаутите ги проучуваат сите детали од станицата и, секако, стекнуваат искуство за работа на неа. Малку понатаму се наоѓа и одделението со фрагменти на меѓународната космичка станица, каде што космонаутите можат детално да се запознаат со секој нејзин дел и начинот на работа одделно. Ова овозможува дистанцирање од станицата во целост и сосредоточување на задачата што му е зададена на секој од космонаутите.

Во рамките на комплексот се нудат и најразлични други интересни нешта, а тука е и Музејот на космонаутиката „Ј. А. Гагарин“, каде што можете да видите многу интересни работи поврзани со космосот и со историјата на руската космонаутика. За оние со подлабок џеб се нудат најразлични екстремни екскурзии, кои ќе ви останат во сеќавање.

Космонаути во акција

Доколку, пак, продолжиме понатаму по алејата, ќе стасаме до хидролабораторијата. Ова е навистина интересен дел, зашто посетителите на Ѕвездениот Град можат да ги видат космонаутите „во акција“. Станува збор за огромна метална топка исполнета со вода во која космонаутите вежбаат работа на отворено, под вода и под притисок, што е мошне важно за нивната кондиција во вселената. На топката се наоѓаат многубројни тркалезни  прозорчиња низ кои посетителите можат да видат сѐ што се случува внатре. Мојата балканска љубопитност ме натера по автоматизам да почнам да чукам по прозорчињата. Во тој момент околу мене се создадоа неколкумина чувари кои ме предупредија дека не смеам да го правам тоа зашто ги деконцентрирам космонаутите што вежбаат.

Во Скопје постои улица што го носи името на Ј. А. Гагарин. Освен тоа, во населбата Карпош минатата година во паркот „Македонија“ беше поставен и споменик на првиот човек што полета во Вселената.

Враќање кон земјата

Од просторијата со огромната топка полна со вода преку еден долг ходник се излегува надвор. Така и завршува еднодневната екскурзија во Ѕвездениот Град. Додека шетате по прекрасно уредените паркови не можете да се ослободите од чувството на возвишеност. Во тој момент се запрашувам: А, ќе отпатува ли некогаш некој Македонец во Вселената?

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња