„Гледај ме во очи!“: 3 дипломатски скандали поврзани со Русија

Заменик претставник на Русија во ОН Владимир Сафронков.

Заменик претставник на Русија во ОН Владимир Сафронков.

AP
Русија го намали дипломатскиот персонал на САД во земјата за речиси две третини. Тоа би требало да е најголемиот скандал во дипломатските односи на Русија со други земји, нели? Да, ама не е! Да се осврнеме на три скандали од блиското минато.

Претседателот на САД Доналд Трамп на 10 август 2017 година изрази благодарност за протерувањето на 755 дипломати кои работат во амбасадата и конзулатите на земјата поради новите санкции наметнати на Москва од страна на Вашингтон. „Многу сум благодарен што тој (Владимир Путин) отпушти многу луѓе и сега нашите трошоци за плати се намалија“, рече Трамп. Според него САД онака немаат потреба од толку многу луѓе кои работат во Русија.

Изгледа не сите високи американски политичари го делат гледиштето на Трамп, бидејќи вработен во Стејт департментот пред тоа ја опиша одлуката на Москва да протера речиси една третина од американските дипломати кои работат во Русија, како „чин кој предизвикува жалење и е неоправдан“. Дипломатскиот скандал привлекува силно вниманието на јавноста и некои луѓе го дефинираат како најголем во последниве децении. Сепак имало и други настани поврзани и со Русија и со странски дипломати, кои веројатно ја надминуваат сегашната ситуација.

Амбасадор, нападнат од царинските службеници

Владимир Титоренко. Извор: ТАССВладимир Титоренко. Извор: ТАСС

Во ноември 2011 година Владимир Титоренко – почитуван руски дипломат кој работел во неколку арапски земји, а во тоа време амбасадор во Катар – станува жртва на сериозен напад. Тој и неговиот помошник не се нападнати од некакви насилници – инцидентот се случува кога дипломатот поминува низ царинската служба на аеродромот во Доха. Цариниците инсистираат Русите да им ја дадат дипломатската пратка (а според меѓународните закони тие имаат целосно право да не го прават тоа). Кога дипломатите не ги исполнуваат барањата на цариниците, тие им се нафрлуваат и ги претепуваат. Титоренко добива сериозни повреди -  му се одлепува ретината.

Вработен во Министерството за надворешни работи, кој побара да остане анонимен, коментира дека нападот би можело да е чин на агресија, поврзан со ставот на Русија за Сирија, каде Москва го поддржува сегашниот претседател Башар ал Асад (Катар, пак, стои зад опозицијата). Скандалот е огромен. Русија веднаш го повлекува Титоренко и вели дека инцидентот е целосно неприфатлив. Москва го намалува нивото на дипломатските односи со Катар.

Неуспешниот мандат на Мекфол

Мајкл Мекфол. Извор: Алексеј Филипов / РИА НовостиМајкл Мекфол. Извор: Алексеј Филипов / РИА Новости

Назначен за амбасадор на САД во Русија во 2012 година, Мајкл Мекфол, специјалист за истражувања на Источна Европа и поранешен советник на Барак Обама за надворешна политика, не очекувал неговиот мандат да биде толку тежок. Откако Мекфол се среќава со неколку руски опозициски лидери на вториот ден од почетокот на својот мандат, руските медиуми стануваат доста критични кон него, а ваквата ситуација само се влошува за време на работата на Мекфол во Русија. На него дури му се наметнува да објаснува дека САД не ја поддржуваат финансиски руската опозиција и не се обидуваат да ја соборат владата.

Мекфол останува само две години во Русија и ја напушти функцијата во 2014 година. Две години подоцна самиот тој се најде на рускиот список според кој му се забранува влез во Русија. Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова, коментирајќи ја тезата, изјави дека Мекфол намерно сакал да им наштети на руско-американските односи. Мекфол сè уште не може да ја посетува Русија, но се надева дека еден ден ќе биде тргнат од листата. Веројатно продолжува да му недостасува пивото „Рускаја Балтика 7“, кое, како што самиот вели, тој навистина го сака.

Остри зборови во Советот за безбедност

Владимир Сафронков. Извор: РојтерсВладимир Сафронков. Извор: Ројтерс

Дипломатските судири можат да бидат премногу остри, но во април 2017 година заменик-амбасадорот на Русија во ОН Владимир Сафронков манифестираше сосема ново ниво на вжештеност. Како одговор на репликата на британскиот амбасадор во ОН, Метју Рикфорд кој уште еднаш ја критикуваше Русија поради нејзината поддршка на сирискиот претседател Башар ал Асад, Сафронков покажа со прст кон Рикфорд и остро се врти кон него на руски јазик: „Рикфорд! Гледај ме во очи! Не го спуштај погледот! Да не се осмелил да ја навредиш повторно Русија!“ Ова се случуваше на состанокот на Советот за безбедност на ОН.

Емоционалниот излив на Сафронков предизвика критики и на Запад, па дури и меѓу некои високи руски претставници. Валентина Матвиенко, претседател на Горниот дом на рускиот парламент, јавно изрази неодобрување на изборот на зборови, направен од Сафронков, истакнувајќи дека таа го информирала за тоа министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Во исто време портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, тврдеше дека во зборовите на Сафронков немало ништо навредливо, и дека неговиот емотивен настап е разбирлив со оглед на жестоката дискусија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња