Зошто руските туристи ги бие лош глас во странство?

Григориј Авојан
Како и секоја нација, Русите сакаат да патуваат. Сепак сите тие не оставаат добар впечаток за себе - или за својата земја...

Една приказна од руското комично шоу „Наша Раша“ покажува двајца „типични“ руски туристи во турско одморалиште. Главните ликови во скечот, Гена и Вован, не се она што може да се нарече воспитан патник кој се обидува да запознае странска култура. Токму спротивното.

Двајцата секогаш се пијани и груби, го навредуваат хотелскиот персонал, фрлаат сè околу себе и постојано извикуваат: „Правилата на Тагил!“ (нивниот роден град Тагил, 1.370 километри источно од Москва). Иако има премногу претерување, многу Руси ги препознаваат во скечот нивните пријатели или себеси!

Заборавете за странство - руските туристи се непопуларни дури во својата земја. Една студија во 2013 година на туристичкиот сајт Triposo покажува дека 42% од Русите сметаат дека нивните сонародници се „најневоспитани“ додека патуваат во сопствената земја. Во истата студија Русија се пласираше на третото место на листата на нации, познати по „лошите туристи“, веднаш по САД и Велика Британија.

Што мислат странците?

Иако Русите дефинитивно сакаат да критикуваат, тие не се единствените кои се шокирани од сонародниците во странство. Напишете „руски туристи“ на Гугл и една од првите опции кои се појавуваат е „најлошите...“. Странците се жалат дека Русите се груби, пијани и срамно се однесуваат за време на одмор.

Списокот со причините поради кои Русите се толку непопуларни, е долг и разновиден: пцујат јавно, јадат премногу во бифето, дури земаат лежалки во својата соба, за да се уверат дека ќе добијат место следниот ден.

Сите можни лудории

Неверојатни приказни за Руси кои си навлекуваат проблеми на туѓа земја, особено во најпопуларните летувалишта во Турција, Египет и Тајланд има колку што сакате. Во 2013 година, на пример, пијан човек се најде во тајландска болница откако одеднаш одлучи дека сака да ги разбие прозорците на пет автомобили на паркингот со апарат со надеж дека ќе најде клучеви. Не најде ништо, па конечно заспа во локва на земјата.

Овој јуни друг руски турист се напи толку многу на лет од Москва до Њу Делхи што се обиде да ја отвори вратата на патничкиот авион среде летот (можеби едноставно немал трпение да ја види Индија...). За негова жал полицајците го чекаа кога пристигна. Што би рекле за приказната на двајца млади Руси кои скокале по ѕидовите на Акропол во Атина, додека изведувале некаков паркур ... или за човекот кој врежа огромно „К“ во ѕидот на Колосеумот во Рим (никој не знае зошто!).

Не е толку лошо како што изгледа

Без разлика колку неразумно делуваат некои Руси во странство, многу од нив, се разбира, се брилијантни амбасадори на својата татковина. Максим Корнеев, консултант на Асоцијацијата на туроператори, вели: „Важно е да се запамети дека стереотипот на пијани и груби руски туристи се однесува на популарните летувалишта. Турција, Тајланд и во минатото - Египет. Овие дестинации се прилично евтини и луѓето од работничката класа можат да си ги дозволат. За жал, некои од овие туристи се слабо образовани и не знаат ништо друго, освен да лежат на плажа, да се пијанат и да врескаат“.

Тој смета дека во Европа, која обично е поскапа, ситуацијата е поинаква. Таму Корнеев смета дека луѓето гледаат на Русите во многу позитивна светлина.

Русија има определен број туристи кои не се однесуваат добро, но земјата сигурно не е единствена во овој поглед. Според Reddit луѓето се исто така склони да се жалат од американски, британски и кинески туристи (во последниот случај дури кинеските владини претставници ги критикуваат туристите за „оштетување на националниот имиџ“).

„Можете да најдете груби луѓе во секоја земја. Станува збор за социјалните вештини и учтивост на конкретни луѓе, а не за националноста“, вели Корнеев за „Руска реч на македонски“.

Овој текст е дел од серијата статии „Зошто Русија...“ во која „Руска реч на македонски“ одговара на најпопуларните прашања поврзани со Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња