По седум дена потрага во тајгата пронајдено изгубено 13-годишно девојче

Сибирска тајга

Сибирска тајга

Ана Груздева
13-годишната Јана Томачева, која седум дена помина во непроодната тајга на Тјухтетскиот реон во Краснојарскиот крај, по 7-дневна потрага е пронајдена жива, соопшти за „Комсомолскаја правда“ Владимир Јурченко од прес-службата на ГУ МВР на Русија за Краснојарскиот крај.

„Засега можеме да кажеме дека Јана е жива и здрава, колку што може да биде. Таа е ослабена, затоа што цела недела се хранела само со јагоди и тревки. Многу е настината, зашто сиве овие денови врнеше, а ноќе е веќе студено.

Јана веднаш беше пренесена во локалната болница и предадена во рацете на лекарите, кои ќе извршат детален преглед. Веројатно, неколку дена ќе мора да помине под постојано внимание на лекарите и медицинските сестри. Доколку има потреба, може да биде пренесена во Краснојарск кај најдобрите детски лекари“, изјави Јурченко.

Девојчето на 24 јули заедно со мајка си и трите сестри отишла во шумата да бере јагоди. Таа не сакала да оди во шумата, не ѝ се допаѓало да го прави тоа. Затоа кога се изгубила од вид, мајка ѝ и сестрите не се вознемириле, помислиле дека Јана избегала за да се врати дома. Кога не ја нашле дома, се исплашиле, се вратиле во шумата и ја барале. Следното утро повикале полиција.

Првиот ден во потрагата учествувале повеќе од сто полицајци, на кои им се придружиле и локални доброволци, како и група волонтери од „Потрага по загубени деца - Краснојарск“.

Од воздух била истражувана територијата со помош на дрон и гирокоптер.

За седум дена се пребарани 75 километри патишта, 50 километри крајбрежје на реката Чиндат, 95 километри крајбрежје на реката Чулим.

Со помош на гирокоптер „Калидус“ се истражени повеќе од 759 квадратни километри шумски масив.

Во потрагата учествуваа повеќе од 233 лица и 25 единици техника, соопштува „Комсомолскаја правда“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња