Турција на чекор од потпишување на договор за руските системи С-400

Сергеј Малгавко / РИА Новости
Двете страни се многу близу до потпишување голем договор, но Москва сака пари однапред, додека Анкара се обидува да плати на кредит.

Анкара и Москва влегоа во завршна фаза на преговорите за ракетниот одбранбен систем С-400. Турција конечно изгледа подготвена да го купи руското ПВО оружје. Голем број на спогодби кои се однесуваат на договорот се веќе потпишани, иако некои административни и финансиски прашања се уште треба да се решат, изјави за „Руска реч на македонски“ извор близок до преговорите.

„Чекорите се веќе преземени и документите со Русија во однос на С-400 се потпишани. Со милоста на Алах, ќе ги видиме системите С-400 во нашата земја“, изјави Ердоган на 25 јули. Русија сѐ уште не дава коментар за зделката.

Што останува да се направи?

Двете страни ги имаат договорено сите технички аспекти за извоз на системот во Турција, вклучувајќи го и тоа колку ракети, лансери, како и машини за поддршка ќе бидат испорачани.

Сѐ уште не е потврдено како Турција ќе го плати оружјето, затоа што Анкара се надева да ги купи С-400 на кредит. Според соопштенијата на медиумите, договорот вреди 2,5 милијарди долари.

Ова покажува дека има камен за сопнување, затоа што министерот за индустрија и трговија на РФ Денис Мантуров е цврсто убеден  дека договорот ќе биде склучен без кредит. Тој вели дека Турција може да си дозволи да плати однапред.

Што може да тргне во погрешна насока?

Турција е членка на Северноатлантската алијанса и имањето руски систем за противвоздушна одбрана во своите редови, најверојатно, ќе биде дочекано со негодување од страна на други членки.

„Американската војска има аналог на руските С-400. Системот за противвоздушна одбрана се вика „Патриот“ и сега се испорачува на Јужна Кореја за да се заштити земјата од нејзиниот северен сосед“, изјави за „Руска реч на македонски“ Вадим Козулин, професор на Академијата за воени науки.

Според него, воената елита на НАТО тврди дека не е можно С-400 да работи заедно - или да биде интегриран -  со противвоздушниот систем за одбрана на Алијансата.

„Нешто слично се случи во деведесеттите години, кога Русија продаде 12 лансери С-300 на Грција. Без оглед на тоа што велат официјалните претставници, системот сѐ уште работи добро и може да се интегрира во системот за противвоздушна одбрана на Алијансата“, додава експертот. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња