„Ги снимав сите руски претседатели“

Приватна архива
Нашата колешка, уредничката на хрватското издание, пишува за сеќавањата на нејзиниот татко кој ги снимал првите луѓе во СССР и во Русија.

Мојот татко Сергеј Григорјан беше еден од најискусните и најпознати руски сниматели. Ги има снимено Брежњев, Елцин, Путин и Медведев: има престојувано на највисоките планини во светот, има живеено во Унгарија и во Мексико, му смрзнувале прстите, се тепал со разбојници, снимал на најтоплите локации на светот. Живееше во телевизиската  куќа, на снимања и на службени патувања... Кога ги пишував овие сеќавања и кога избрав фотографии, контактирав со многу колеги од целиот свет и ми раскажаа необични приказни за обичен човек кој секогаш се наоѓал од другата страна на објективот.

Сергеј Григорјан го снима Kонстантин Черненко, советски политичар, лидертот на СССР и генералниот секретар на KП СССР од 13 февруари 1984 до 10 март 1985. Приватна архиваСергеј Григорјан го снима Kонстантин Черненко, советски политичар, лидертот на СССР и генералниот секретар на KП СССР од 13 февруари 1984 до 10 март 1985. Приватна архива

Дијаманти во Бангладеш

Во седумдесеттите години од минатиот век мојот татко работеше како снимател за телевизија во Бангладеш. Со оглед на тоа дека станува збор за земја со нестабилна политичка ситуација и тешка клима, платата таму му била многу висока. И паметни луѓе му советувале на татко ми да купи дијамантски прстен – никогаш не се знае што ќе се случи во животот, а тоа е добра инвестиција. По едно снимање, татко ми со новинарот отишол во продавница за накит каде избрале прстени со огромни камени, при што татко ми решил веднаш да купи два. Но, во тој момент започнал воен удар – низ улиците поминувале тенкови и друга воена техника. Татко ми истрчал за да го сними сето тоа, а потоа се вратил во продавницата каде продавачот му дал убаво спакувани кутии.

Приватна архиваПриватна архива

Многу долго во нашето семејство се веруваше дека сме богати луѓе – дијамантите не можат да пропаднат. Но, кога еднаш се појавија некакви долгови, мајка ми реши за секој случај да ја процени нашата надеж за мирна иднина.

Јувелирот не се двоумел – циркон премачкан со никел, 50 долари за двата прстена. Татко ми долго не сакаше да поверува дека го прелажале и велеше дека јувелирот не бил професионалец.

Брежњев, Унгарија

Следниот службен пат бил во братската социјалистичка Унгарија. По повод некој револуционерен датум таму стасал генералниот секретар на Централниот комитет на СССР Леонид Иљич Брежњев, кој веќе бил во поодминати години. Во задолжителната програма на посетата од некаква си причина била вклучена и посета на унгарска детска градинка. И така, раскажуваше татко ми, децата цел час играле и пееле пред Леонид Иљич, додека тој седел со камен израз на лицето. Можеби тој воопшто не сака деца, си помислил, внимателно снимајќи крупни планови.

Приватна архиваПриватна архива

По концертот помошникот на Брежњев изнел огромна мечка и му ја предал на Леонид Иљич. „Што да правам со неа?“, запрашал Брежњев. „Подарете им ја на децата“, му шепнал на помошникот. „На кои деца?“, се изненадил Леонид Иљич.

Татко ми велеше дека никогаш во животот не бил повеќе засрамен – во тоа време рускиот јазик бил задолжителен во унгарските училишта, иако и без зборови сè било јасно. „Токму тогаш сфатив дека нашата земја ја очекуваат големи промени“, ни велеше тој.

Патем, тој филм го зеле и го осветлиле.

Црна магија во Мексико

Патувањето во Мексико беше најдолго, нашето семејство во таа земја мина осум години. Пропатувавме надолж и попреку и многу ја засакавме. Мексиканците се на некој начин слични на нас Русите – отворени и гостољубиви. Снимањата обично завршуваа како и во Русија, со збратимување и со заедничко пиење текила. Но, за секое правило постојат исклучоци.

Во деведесеттите години од минатиот век светот беше фасциниран од книгите на Карлос Кастанеда за мексиканскиот шаман Дон Хуан. Кога од Москва доби задача да го најде самиот Дон Хуан или неговите наследници, татко ми заедно со новинарот се упати во длабочината на мексиканските шуми. Наишле на населба со шамани кои знаеле како да се направи земјата да биде неплодна, да се испрати болест и многу други лоши работи. Сепак, знаеле да прават и добри работи, но ретко им доаѓале луѓе со добри намери.

Позната советска и руска пеачка Софија Ротару. Приватна архиваПозната советска и руска пеачка Софија Ротару. Приватна архива

Шаманите со задоволство дале интервју, но за снимањето на обредот побарале голема сума. И татко ми, реалист до срцевина кој не веруваше во никаква мистика, едноставно не можел да дозволи државните пари да се трошат на такви глупости. На шаманите им рекол дека нема да го снима обредот, ами дека само ќе го гледа. Тоа чинело помалку пари. А, кога шаманите почнале да фрлаат магии, незабележливо ја вклучил камерата и снимил сè. На заминување шаманите незадоволно го гледале татко ми, а главниот уверено рекол „повторно ќе се вратиш“. На тоа татко ми му покажал шипинки во џебот и на руски му одговорил „сонувајте“.

Мексико. Приватна архиваМексико. Приватна архива

Кога во Мексико татко ми почна да го прегледува материјалот, се шокираше – по интервјуто на местото на шаманскиот обред се појавија црни квадрати кои постепено се спојуваа во слика на костур. Звукот исто така исчезна, остана само ѕунење...

Опасната Чукотка

Татко ми имаше огромни, корави, жолти нокти. Кога мислам на него, постојано се сеќавам на тие нокти... Такви му станаа за време на снимањето на документарниот филм „Чељускинска епопеја“ на Чукотка. Татко ми даваше интервју на ќерката на познатиот глумец и пејач Јуриј Визбор кој глумеше во тој филм: „Покрај Певек (Чукотка) постои една необична планина од која јас и Јура решивме да го снимиме Певек. Почнавме да се качуваме на планината – страшна приказна – ни смрзнаа прстите. Кога се искачивме излезе дека е невозможно да се снима – ветрот беше ужасен! Сеедно, ние го поставивме стативот, а Јурка легна покрај него... Мислам дека екстремните ситуации се наша работа. Можевме и да не се качиме и да снимиме, но се качивме и снимивме“.

Неколку дена подоцна, повторно го ризикуваа својот живот: „Визбор и јас го смисливме следниов кадар: патнички авион се забрзува по бетонската писта и полетува, но решивме да го снимиме на сосема поинаков начин. Зедовме хеликоптер, му ја тргнавме вратата и се подготвивме да полетаме заедно со авионот. Успеавме од седмиот обид – полетавме паралелно со авионот и ја снимавме тивката пустина на Чукотка. Колку весели извици 'Ура!' имаше. Истата вечер дојдоа луѓе кои ни го зедоа материјалот, зашто, како што излезе, според плочите на постата можело да се види кој авион полетува и слетува. А, тоа беше голема тајна“, ѝ раскажа татко ми на Татјана Визбор.

Чукотка. Певек Приватна архиваЧукотка. Певек Приватна архива

Проблем во Азербејџан

Познатиот новинар на Првиот канал Антон Верницки: „И уште една приказна. Тажна. Полетавме на претседателска посета во Баку. Некој нешто измешал... Во Азербејџан го испратиле Ерменецот Григорјан! Проблемите почнаа на аеродромот. Азербејџанските граничари ја изгубија моќта на говорот, а татко ми, кого го знаеја и по ерменското име Сос, мирно и, рекол: „Браќа! Јас сум од Москва! Ја имаме Зејналова и куп Азербејџанци – мои колеги. Заедно работиме! И нема проблеми!“ А, граничарите се фаќаат за пиштолите. Изби голем скандал. Но службата за медиуми на Путин беше принципиелна. Долета со нас, со нас и ќе работи! За да ги смири домаќините, на Сос му дадоа значка на која пишува: Личен снимател на В.В. Путин!“

Работата во Кремљ

Работата во Кремљ беше најтешка, потешка од патувањата во проблематичните региони. Снимањето на претседателот за главниот канал во земјата беше тешка работа, зашто претседателот во секој момент мора да изгледа прекрасно! Имаше денови кога на татко ми му се чинеше дека претседателот излегол премногу жолт, премногу низок или премногу осветлен – тогаш сите со неизвесност ја чекавме програмата „Новости во 21“. Доколку сè беше во ред, тогаш сите ќе здивневме по своја работа, а доколку нешто не е како што треба, ќе го чекавме утрото и ќе се грижевме за тато.

Приватна архиваПриватна архива

Дописничката на Првиот канал Људмила Шулакова раскажува како го снимале говорот на сопругата на претседателот Дмитриј Медведев. „Беше во друштво на тогашната сопруга на Константин Ернст (главниот директор на Првиот канал) Лариса Синељшчикова, од која сите се плашеа и покрај неа одеа на прсти, дури и нејзините познати. Медведева веќе седеше на масата, започна да зборува кон камерата. А, Синељшчикова цело време разговараше со познаниците зад грбот на снимателот. Серјожа ги опомена: тие седнаа и рекоа 'ох' и послушно молчеа. Ние го прашавме: „Човеку, што ѝ рече!“ На што тој ни одговори: „А, која е таа всушност?“.

Приватна архиваПриватна архива

Еднаш имаше снимано говор на декан од Московскиот државен универзитет – ценет, постар човек. Зад деканот стоеше млад шеф на расвета. Снимателите и шефот на расветата често меѓусебно комуницираат и си велат 'стари'. Татко ми гледаше во камерата и рече: „Дај, стари, чекор надесно!“. Кутриот декан послушно станал, го зел столот и се тргнал надесно. Татко ми онеме, почна да се извинува, објаснувајќи дека мислел на младиот колега.

Во спомен на татко ми

Последен пат го видов пред три месеци, игравме шах и разговаравме за политичката ситуација на Балканот. Тогаш уште огорчено зборуваше за тоа дека цело време во прашање се истите проблеми – и пред 30 години и денес. Не знаев и не можев да претпоставам дека тоа ќе биде наша последна средба. На сите ни се чини дека сме бесмртни. Тоа делумно е точно – остануваат само снимените кадри, фотографии, написи. И горчината, и сеќавањето.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња