5 теории на завера: Во што веруваат руските конспиролози?

Getty Images
Меѓународните теории на завера во Русија добиваат посебен колорит и на волшебен начин се преплетуваат со домашните теории. Претежно тоа се теории кои се популарни кај конзервативните и патриотски расположените религиозни луѓе кои се сигурни дека целиот свет нема друга работа одошто да мечтае за тоа како да ја уништи нивната земја и вера.

1. Лажен Петар Велики

Многумина биле незадоволни од реформите на Петар Први кој владеел од 1682 до 1725 година. Ги натерал луѓето да носат европски костуми, да ги бричат брадите, ја укинал патријаршијата... Антихрист, странски шпион! А, што ако го замениле додека патувал во странство?

Петар Велики/ Кунстхал Хамберг Петар Велики/ Кунстхал Хамберг

Гласовите не престанаа да се шират ниту по смртта на императорот. И ги има до денешен ден. На Интернет можат да се најдат многу конспиролошки статии во кои се докажува дека царот не бил вистински. Прво реформите. Второ се развел и ја испратил сопствената жена во манастир. Трето, остарел по патувањата во Европа. Четврто, на раните портрети има бенка, а на подоцнежните нема. А, пред сè – токму по „замената“ на Петар во Бастилја се појавил мистериозен затвореник, познат како Човекот со железната маска.

2. Еврејско-масонска завера

Во 18 век во високите руски кругови во мода било масонството. Некои ги доживувале таинствените ритуали сериозно, а некои како забава. Масони навистина имало многу. А, тоа што ги користеле симболите на Кабала дало повод да ги поврзат со Евреите. А, кога е веќе така, не е далеку ни приказната за „пиење крв на христијанско младенче“.

Владимир Жернов / ТАСС Владимир Жернов / ТАСС

Денес низ цела Русија одвај се наоѓаат неколку илјади масони. Многу ложи се затворени зашто едноставно нема доволно заинтересирани луѓе. А, бројот на оние кои веруваат во масонската завера против Русија само расте.

Постои, на пример книгата на Татјана Скворцова „Светата Русија против Хазарите“ издадена во тираж од 35.000 примероци во кои се зборува за тоа дека како наследници на средновековниот Хазарски каганат, чија државна религија бил јудаизмот, управуваат со светот во завера со католиците. Значи, не е само еврејско-масонска, ами и еврејско-масонско-католичка завера.

3. Лекари-убијци

Од 1948 до 1953 година во СССР е водена кампања против „космополитите без педигре“. Тоа биле интелектуалци кои скептично се однесувале кон властите и им префрлале дека му се „клањаат на Западот“, а тоа главно биле Евреи. Нив ги отпуштале од работа, а понекогаш и ги апселе. Еден таков пример е „случајот на лекарот“.

ТАССТАСС

Сè започнало со смртта на Андреј Жданов, близок соработник на Сталин. Еден од лекарите кои го лекувал сведочел дека другиот лекар многу доцна забележал кај Жданов инфаркт на миокардот и дека не го лекувал на потребниот начин. Така и започнале масовните апсења на „убијците во бели мантили“, кои наводно специјално го уништуваат човечкиот род.

Гонењата престанале дури по смртта на Сталин, но не и во народената свест. И денес има многумина кои чекаат до последен момент да побараат лекарска помош зашто се плашат од лекар-убиец. А, на социјалната мрежа ВКонтакте постои група од 17.5 илјади луѓе која се нарекува „Јас сум против вакцинирање и вградување поткожни чипови на децата“.

4. Бројот на Ѕверот и печатот на Антихристот

Од 1999 година секој државјанин на Русија кој заработува пари мора да има индивидуален даночен број (ИНН). Во името на Сатаната, секако! А, што пишува во Апокалипсата за бројот на Ѕверот? „Никој нема да може да купи, ниту да продаде, освен оние што имаат негов жиг на десната рака или на челото...“ Како е тоа поврзано со бројот 666? Додека ИНН беше само проект, се зборуваше дека секој број задолжително ќе има три шестки. Излезе дека не е така. Но, се тврди дека во бар-кодот на ИНН „бројот на ѓаволот“ го има запишано федералниот суд на градот Приозјорск од Ленинградската област.

Архива на Уилјам Блејк Архива на Уилјам Блејк

Што е тоа „бар-код на ИНН“ не знае ниту еден државен сајт. На самиот ИНН нема никаков бар-код, но тоа не е важно.

По многубројните пораки на Руската православна црква дека не е грев доколку христијаните ги користат ИНН и бар-кодовите, буката стивна. Но, сајтовите како што се Not INN или „Не на електронскиот концентрационен логор“ и понатаму постојат.

5. Планот на Далес

Злите Американци ги трујат Русите со генетски модифицирана храна и вакцини, воведуваат свои електронски правила и манипулираат со политичарите. Но, пред сè ја расипуваат младината според системот на Ален Далес, шеф на ЦИА од 1953 до 1961 година.

Ален Далес / APАлен Далес / AP

„Ќе им ги плевиме духовните корени, ќе им ги уништуваме основите на народниот морал. Така ќе ги расипуваме генерација по генерација. Ќе работиме со нив од најмлади години, и главната мета секогаш ќе ни биде младината. Ќе направиме од нив цинични, глупави луѓе и космополити. Е, како ќе го направиме тоа!“ се цитира главниот план кој, најверојатно, никогаш и не постоел.

Овој текст кој му се припишува на Ален Далес за првпат е објавен во 1993 година, а подоцна излегува дека од збор до збор е препишан од патриотскиот роман на рускиот писател Анатолиј Иванов „Вечниот повик“ (1981). Сепак, во вистинските намери на ЦИА веруваат дури и некои современи политичари. Така во 2016 година губернаторот на Самара го обвини опозицискиот активист Алексеј Наваљни дека го остварува токму овој план на Далес.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња