Рамиљ Ситдиков / РИА Новости
Спикерот на горниот дом од парламентот (Советот на федерацијата) е третиот човек во државата по претседателот и премиерот. Патот до ова место за Валентина Матвиенко бил долг: во седумдесеттите и во осумдесеттите години од минатиот век работела во Комунистичката партија на Ленинград, по распадот на СССР била амбасадор во Малта и во Грција, а во минатата деценија се вратила во Санкт Петербург, веќе како губернатор.
Откако заминува од местото губернатор во 2011 година, Матвиенко застанува на чело на СФ. Таа во целост ја поддржува политиката на Владимир Путин, ги критикува западните санкции (во нејзин мандат Русија го прекина членството во Парламентарната асамблеја на Советот на Европа) и е застапник за проширување на ингеренциите на регионите. Матвиенко често зборува за зголемувањето на улогата на жената во политиката – така, во февруари таа се пошегува дека „мажите-политичари со својот брутален стил не се справуваат со управувањето со светот“.
Григориј Сисоев / РИА Новости
Во 2016 година Исинбаева, која има 28 светски рекорди и е најзначајната спортистка во лесна атлетика во Русија, ја заврши тажно својата кариера. Меѓународната асоцијација на федерации за лесна атлетика ја отстрани Исинбаева, како и останатите спортисти од лесна атлетика, од учеството на Олимпијадата во Рио де Женеиро. Причината беше антидопинг-скандалот, без оглед на тоа што Исинбаева не беше обвинета за употреба на забранети супстанци.
„Не ми дадоа убаво да заминам од спортот“, велеше Исинбаева. Но, таа не остана да седи туку-така: во август 2016 година беше избрана во комисијата за спортисти на МОК, каде што вети дека нема да допушти неправда во однос на Русија. Освен тоа, Исинбаева влезе во извршниот комитет на Олимпискиот комитет на Русија и застана на чело на набљудувачкиот совет на Руската антидопинг-агенција. На половина шега, на половина сериозно таа остава простор дека ќе се врати на Олимпијадата 2020 во Токио.
Сергеј Пјатаков / РИА Новости
Зељфира Трегулова е еден од најискусните менаџери во културната сфера на Русија. Пред да застане на чело на московската Третјаковска галерија во 2015 година, Трегулова работела во најголемите музеи во Русија – „РОСИЗО“ и во Музеите на московскиот Кремљ, а претходно била одговорна за изложбите на руската уметност во САД, Германија, Италија.
За време на нејзината работа во Третјаковска галерија популарноста на музејот нагло порасна. За првпат по долго време музејските изложби станаа големи културни настани – на изложбата на Валентин Серов секој ден доаѓаа повеќе од 4.800 луѓе, а билетите за ремек-делата на Ватикан беа купени за 15 минути. „Благодарение на Трегулова, Третјаковска галерија влезе во епоха на вистинска ренесанса“, сметаат нејзините колеги.
Поранешната министерка за економски развој Ељвира Набиулина дојде во Централната банка на Русија во 2013 година во очи на острата економска криза кога инфлацијата скокна од 6 на 11%. Борејќи се со кризата, Набиулина пристапи кон цврста политика, насочена кон намалување на инфлацијата – по цена на зголемување на клучната стапка на ЦБ и затворање н повеќе од 300 руски банки.
Мерките на Набиулина заедно со стабилизацијата на цената на нафтата овозможи зацврстување на рубљата: во 2016 година инфлацијата падна до 5.4% - минимална во историјата на Русија. Шефицата на ЦБ очекува во 2017 година економијата на земјата да премине во зоната на пораст. Без оглед на тоа што дел од аналитичарите ја сметаат рубљата за опасно преоценета валута, списанието „Глобал Финанс“ високо ги оцени успесите на Набиулина, вклучувајќи ја во осумката најдобри раководители на централните банки на земјите од светот во 2016 година.
Антон Денисов / РИА Новости
Во 2015 година дипломатот и специјалист за Кина Марија Захарова стана првата жена-директор на одделот за информации и печат на МНР на Русија. Една од главните јавни фигури на руската дипломатија, Захарова секоја недела одржува брифинг на кој ја објаснува позицијата на Москва за меѓународната агенда и комуницира со медиумите.
Уште пред да стане официјален претставник на МНР, Захарова се залагаше за пожива и понеформална соработка на ресорот со надворешниот свет. Своите брифинзи таа ги менува со постови на Фејсбук, каде понекогаш иронично и нагло се изјаснува на адреса на критичарите на Русија. Претставничката на МНР е далеку од класичниот тип на дипломат од советската школа кој во основа е воздржан и затворен – таа може да танцува и руски народен танц на самитот на АСЕАН, и да предложи на Евровизија да се испее песна за Башар ал Асад.
Евгенија Новоженина
Кога во мај 2016 година истражувачката компанија YouGov ги праша Русите на кои д познатите луѓе најмногу им се восхитуваат, второто место кај жените, по Анџелина Џоли, го зазеде актерката Чулпан Хаматова. За 20 години кариера Хаматова има снимено 50 филма и серии, а според нејзините изјави игра во 20 претстави месечно, но во Русија не ја сакаат само поради актерскиот талент.
Во 2006 година Хаматова заедно со актерката Дина Корзун ја основаше една од првите во Русија хуманитарни фондации „Подари живот“. Сè започна од еден концерт кога за опремување на детската онколошка болница беше потребно да се соберат 200.000 американски долари, па актерките се зафатија со хуманитарната работа сериозно. За 10 години работа „Подари живот“ има помогнато на 30 илјади деца со онколошки и други тешки болести. „Одам по лекари, по луѓе во кои верувам“, вели Хаматова за работата во својот фонд.
Максим Авдеев / РИА Новости
„Животот надвор од театарот често го заменував со проби“, се сеќава Дијана Вишњова за својата работа на Запад. Вишњова е една од највредните танчарки во светот, во интервјуата таа вели дека работи по 6 часови на ден, иако на многумина колеги им се доволни 1-2 часа.
Неверојатната упорност на Вишњова заедно со талентот ѝ ја донесоа славата на една од најдобрите балерини во светот – таа танцува на најголемите светски сцени од Скала до Ковент Гарден. Вишњова не се плаши од новото: танцува како класика, така и современа кореографија, постојано се претставува со авторски експериментални проекти, од 2013 година го организира сопствениот фестивал „Контекст. Дијана Вишњова“, на кој учествуваат млади танчари и кореографи – руски и странски. По 20 години кариера Вишњова останува една од главните руски балерини.
Getty Images
Руските дизајнери може да се разделат на две категории: првата се ориентира на внатрешната публика и е малку позната во странство, втората, напротив, создава претстава за Русија на Запад, не е популарна во самата земја. Уљјана Сергеенко, автор на марката Ulyana Sergeenko (основана во 2013 година) е дел од втората категорија: моделите во нејзините дизајни от-котур повеќе можат да се видат на Неделите на висока мода во Париз, одошто на руските писти.
Сепак, Сергеенко е уверена: „Ние сме апсолутен руски бренд, дури и ако пистата е во Париз“. Создавајќи колекции, таа бара вдахновение во руската култура и во искуството на советските жени кои без модни куќи и моделиери шиеле фустани од она што имале. Секако, облеката Ulyana Sergeenko е многу поскапа и попрестижна: во неа се облакаат Леди Гага, Ријана и Бијонсе – но, корените сепак се во Русија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче