Ракети и Трамп: дали Русија навистина го нарушува договорот за РСМД?

Михаил Климентјев / РИА Новости
Весникот „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на анонимни извори напиша дека Русија тајно има поставено на својата територија нови системи на крстосувачки ракети, кршејќи го на тој начин договорот со САД. Руските официјални лица ги отфрлаат обвинувањата, а експертите сметаат дека оваа публикација може да има позадина во настаните поврзани со внатрешната политика на САД.

„Русија тајно постави нови крстосувачки ракети“, вака започнува статијата на американскиот весник „Њујорк тајмс“ во која се тврди дека Москва го крши Договорот за нуклеарни ракети од среден и мал дострел (РСМД) од 1987 година. Повикувајќи се на неименувани претставници на администрацијата на Белата куќа, „Њујорк тајмс“ пишува дека Русија направила и поставила нова крстосувачка ракета со копнено базирање со нуклеарна боева глава.

Публикацијата ја прокоментира сенаторот од Аризона Џон Мекејн. Според него, крстосувачката ракета, која наводно ја поседува Русија, ја загрозува безбедноста на сојузниците на САД од НАТО и нивните сили во Европа. „Време е новата администрација да преземе итни мерки за зајакнување на средствата за одвраќање во Европа и за заштита на своите сојузници“, повика Мекејн. Но, Русија смета дека стравувањата на Мекејн се неосновани.

„Недокажани тврдења“

Според портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков, Русија ги почитува меѓународните договори што ги има потпишано, вклучувајќи го и Договорот за РСМД“, потсетува Песков. Министерството за надворешни работи на Русија исто така ги отфрли американските обвиненија. Директорот на канцеларијата за прашања за неширње и за контрола на вооружувањето Михаил Уљјанов вели дека забелешките упатени кон Русија се неосновани и дека немаат никаква поткрепа.

Тимофеј Бордачов, директор на Центарот за комплексни европски и меѓународни истражувања при Националниот истражувачки универзитет „Виша школа за економија“ во разговор со „Руска реч на македонски“ исто така истакна дека САД тешко можат да ги докажат своите обвинувања. „Не се претставени никакви докази, дури не се именувани ни функционерите кои зборуваат за кршење на договорот“, вели Бордачов. „Тоа се целосно недокажани тврдења“.

Заткулисна борба во Вашингтон

Експертите со кои се консултираше „Руска реч на македонски“ истакнуваат дека статијата во „Њујорк тајмс“ може да биде поврзана со конфронтацијата во внатрешната политика на САД. Многумина претставници на американската политичка елита стравуваат дека претседателот Доналд Трамп тежнее да ги подобри односите со Русија, а тие тоа сакаат да го спречат.

Тимофеј Бордачов претпоставува дека публикацијата во „Њујорк тајмс“ може да биде дезинформација што во медиумскиот простор намерно ја „уфрлиле“ припадниците на тврдата струја во односите со Русија. „Таквото 'ракетирање' на медиумскиот простор е 'тешка артилерија' чија задача не е да се утврди реалната состојба, ами да се создаде одредена политичка атмосфера во која одмрзнувањето на односите помеѓу Русија и САД ќе биде невозможно“, смета експертот.

Неговото мислење го дели и политикологот Фјодор Лукјанов, главен уредник на весникот „Русија во глобалната политика“. „Гледаме судир на поголем дел од владејачката класа со Трамп во обид тој да се парализира, па дури и да се отстрани од власта“, вели Лукјанов за „Руска реч на македонски“.

Експертот истакнува дека Русија стана „универзално средство“ против Трамп коe се користеше уште од предизборната кампања, кога Хилари Клинтон го обвини дека тој е своевидна марионета на Кремљ. „Според тоа, секоја нова приказна за подмолните планови и вероломството на Русија повторно се користи против Трамп“, вели Лукјанов.

Нуклеарниот спор и последиците

Лукјанов исто така истакнува нов тренд во меѓународните односи. Тој го врти вниманието на тоа дека сега многу поинтензивно се разгледуваат прашањата поврзани со нуклеарните арсенали и стратешката безбедност. „Во САД е актуелно прашањето за модернизација на нуклеарниот потенцијал, а можеби и за нова трка за вооружување“, смета експертот. „До неодамна се мислеше дека проблемот со нуклеарното вооружување е оставено во минатото, а сега излегува дека воопшто не е така“.

Прашањата за нуклеарното вооружување не ја загрижува само Америка, ами и Европа, па затоа обвинувањата дека Русија го крши договорот за РСМД ја подгреваат атмосферата наспроти Минхенската конференција за безбедност што ќе се одржи од 17 до 19 февруари, истакнува Лукјанов. „Оваа конференција е своевиден барометар за расположението на евроатлантската заедница, така што на приврзаниците на тврдата линија во односите со Русија воопшто не им пречи да ги подгреат стравовите на европските сојузници на Америка“, вели Лукјанов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња