Кои се сценаријата за воената соработка помеѓу Русија и САД во Сирија?

РИА Новости
Минатиот понеделник руската авијација и силите на меѓународната коалиција на САД го нанесоа првиот заеднички удар по бунтовниците од ИДИЛ во северниот дел на Сирија. Според воените експерти Доналд Трамп е расположен да стави крај на ИДИЛ, а тоа е можно само на два начина: да почне копнена операција или да се обедини со Русија.

Во понеделникот, 23 јануари, во руската авиобаза во Сирија имаше повик од американските колеги. Странските воени лица пренесоа разузнавачки податоци со координати на бунтовниците од ИДИЛ во близина на новиот театар на воените дејствија во Сирија - градот Ел-Баб.

Како резултат на тоа, по извесно време руските ловци заедно со силите на меѓународната коалиција се упатија кон наведениот регион и ги уништија терористите кои се подготвуваа за офанзива против националната армија.

По овој случај портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер изјави дека Доналд Трамп бил „крајно јасен“, кога рекол дека е „подготвен да работи со секоја земја која сака да уништи ИДИЛ“, без разлика дали тоа е „Русија или некоја друга“ .

„Пентагон (на 24 јануари) уште по инерција одрекуваше да има каква било соработка со Русија против ИДИЛ. И додека новиот министер за одбрана Џејмс Матис сè уште нема свој тим, премногу е рано да се зборува за кардинални промени во американскиот пристап кон Русија“, изјави за „Руска реч на македонски“ научниот раководител на Институтот за САД и Канада при Руската академија на науките Сергеј Рогов.

Според него на крајот на оваа недела Трамп ќе го посети Пентагон и ќе ги постави пред воените лица новите задачи и цели во Сирија.

Со што ќе се зафати Русија?

Следното место на борбени активности со учество на руските Воено-космички сили, според експертите, ќе биде провинција Идлиб, каде по хуманитарните коридори од Алепо се преместија над 30.000 бунтовници со своите семејства.

„Сириската армија, со наша поддршка, се обидува да го стегне обрачот околу терористите, откако го ослободи западниот дел на провинцијата Алепо, а исто така и северниот дел на провинциите Хама и Латакија“, изјави за „Руска реч на македонски“ воениот експерт и заменик-директор на Институтот за ЗНД Владимир Евсеев.

Воените дејствија во овој регион ќе продолжат до лето, а потоа руските војници и сириската армија ќе преминат на источниот фронт - кон градовите Ракот и Дејр ез-Зор.

„Се надевам поактивно да почнеме да соработуваме со САД во таа насока и војната во Сирија да не трае повеќе од една година“, додаде Владимир Евсеев.

Американските сценарија за Сирија

Експертите се едногласни во едно - во решеноста на Доналд Трамп и желбата да се стави крај на ИДИЛ.

„Може да има други варијанти: испраќање на копнен контингент во Сирија за водење на борбени дејства; зголемување на финансирањето на т.н. умерена опозиција и Курдите што ќе предизвика крајно незадоволство од страна на клучниот сојузник на САД во регионот - Турција; а исто така и развој на реален план за воена соработка со Русија“, коментира Рогов.

Според претседателот на Меѓународниот центар за геополитички анализи, генерал-полковник во пензија Леонид Ивашов, усогласувањето на целите и распределбата на обврските на фронтот ќе стане факт само по средбата на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин со Доналд Трамп.

„Идејата за соработка со Русија ќе се соочи со сериозен отпор во Пентагон. Но, крајно е сомнително Трамп и американското општество да се согласат со копнена операција според авганистанското или ирачкото сценарио за победата на ИДИЛ. Затоа не може да се исклучи варијанта за воена соработка“, истакна научниот раководител на Институтот за САД и Канада при Руската академија на науките Сергеј Рогов.

Доколку биде така, тогаш ова ќе биде првиот воен сојуз помеѓу Русија и САД по Втората светска војна. „Но да се зборува за тоа е премногу рано“, додава Рогов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.