Година на руските победи. Што понатаму?

Press photo
Сергеј Караганов, советник во кабинетот на Путин и еден од највлијателните руски политиколози, за кого често велат дека е еден од идеолозите на руската надворешна политика, ги анализира достигнувањата на Русија минатата година и зборува за перспективите и за опасностите што го чекаат во иднина.

Руските победи се резултат на правилните одлуки

На почетокот на 2014 година, за време на божиќните празници, кога беше јасно дека конфронтацијата со Западот се заострува, повторно ја прочитав „Војна и мир“. Посебен впечаток ми остави фразата на која претходно не сум обрнал внимание: „Битката ја добива оној кој цврсто ќе реши да ја добие“. Тогаш сфатив дека Русија цврсто ќе реши и ќе ја добие битката.

Сега, по три години, со задоволство констатирам дека навистина дошло до пресврт. Изгубените битки за Смоленск (двапати: еднаш во 1812 година и вторпат во 1941 година) и за Аустерлиц, како и тешките, но сепак победоносни битки во Бородино, Сатлинград и Курск се веќе минато. Постојат многу опасности, но сè уште е слаба економската база, многу бавно започнуваат реформите, бавно напредува борбата против корупцијата и смената на елитите. Сепак, во надворешната политика Русија остана на нозе и победува практично во сите правци, квалитетно зацврстувајќи ги своите меѓународни позиции. Помогна силната волја, помогна обединувањето на поголемиот дел од народот и елитите, помогна и блескавата дипломатија и способноста за стратешко предвидување.

Започнуваат да се создаваат услови за формирање нов, поправичен и постабилен светски поредок.

На Русија повторно ѝ тргна од рака во многу работи. Цените на нафтата се стабилизираа на прифатливо ниво, и една по една се намалуваат силите во надворешниот свет кои сметаа на пораз на Русија и отворено изразуваа тежнеење да ја „растргнат“ нејзината економија, да го „сменат режимот“ или да го принудат да ја промени својата политика со помош на санкции, „изолација“ или „стратешко трпение“.

Сепак, среќата ги следи храбрите, така што и руските победи во голема мера зависеа од Русија. Тие се резултат на реалистичките процени на ситуацијата во светот и на правилните одлуки.

сè поголемата веројатност од нова голема војна стана очигледна кога во втората половина на минатата деценија изби грузискиот конфликт, а НАТО реши на Украина и на Грузија да им го отвори патот за членство во своите редови, кога дестабилизацијата на Блискиот Исток беше во полн ек, и кога Западот реши да се реваншира за битките што веќе почна да ги губи. Тогаш во Русија беше започната ефикасна воена реформа. Потоа дојде време за непосредна политичка конфронтација, но малкумина беа подготвени да навлезат во судир.

Не провинција на Европа, ами центар на Евроазија

Пред неполни 25 години Русија беше на работ на синдромот на „Вејмарска република“, односно да чувствува дека сме оштетени и дека ни е нанесена неправда. Ова чувство на Русија ѝ го наметна политиката на Западот. Мошне афирмативна метаморфоза доживеа другата страна на свеста на водечкиот дел на руската владејачка елита и мнозинството од населението. Имено, во текот на изминативе 300 години луѓето во Русија во геостратешка и културна смисла се доживуваа себеси и својата земја како периферија на Европа, за во 2011-2012 година Москва да направи нагол пресврт кон сè поголемите економски и политички пазари на Азија. На овој пресврт се надоврза заострувањето на политичките и на идејните конфронтации со постмодернистичката Европа која во голема мера всушност ги заборави корените на своите вредности. Стана јасно дека Европската Унија западна во сеопфатна криза, во која таа како политички партнер има мошне лоши перспективи. Откако го согледа сето тоа, Русија ментално го отфрли чувството дека е провинција на Европа и ја прифати улогата на центар на сè помоќната Евроазија, и со самото тоа стана глобална атлантско-тихоокеанска сила, која е конзервативна, но која се стреми кон иднината. И се надевам дека како таква нема да преземе некакви глобални обврски, освен обврските да одржува мир и да обезбедува реализација на своите основни интереси.

Клучна сила на Блискиот Исток

Сириската операција засега се покажа како успешна. Релативно евтино се постигнуваат политички цело, меѓу другото и запирање на практиката на „смена на режимот“. Преку учеството во реални борбени дејствија зацврстена е и впечатливо демонстрирана новата моќ на вооружените сили, што го зголемува одвраќањето на големите сили. Освен тоа, Русија успеа наметнатата конфронтација да ја премести во сферата на умот, волјата и острата примена на сила, кадешто таа е поефикасна.

По многубројните обиди за покренување мировен процес со западните земји, истиот е започнат со учество на најважните регионални сили – Иран и Турција. Претходно Москва со цврста политика успеа да ги регулира односите со Анкара, која се извини за соборениот руски бомбардер. Русија уште еднаш докажа дека е сериозна земја, што особено стана очигледно во споредба со недоследноста на САД кои правеа отстапки и врзување на рацете на Европејците.

Засега Русија успеа да го избегне безнадежното и длабоко вовлекување во конфликтот, за што отворено мечтаеја злобниците.

Како и да се заврши сириската граѓанска војна, а таа може да трае бескрајно долго, Русија во Алепо победи заедно со силите на легитимната влада и го зацврсти својот статус на клучна регионална сила на Блискиот Исток и на глобална светска сила. Без овој статус не се чувствуваа добро поголемиот дел од руската елита и од општеството, кои уште од времето на Петар Велики е под дејство на слаткиот отров на голема светска моќ. Воспоставена е и рамнотежа на силите во светот, а таа беше нарушена по привременото симнување на СССР од светската сцена, по што НАТО, некогашниот одбранбен сојуз, стана агресор во Југославија, во Ирак и во Либија.

„Русија не падна на ниво на вулгарност“

Од крајот на минатата деценија Западот кој почна да ги губи битките врши најостри напади или контранапади во сферата на информациите каде сè уште ги држи клучните позиции. А, кога станува збор за „меката сила“ се сметаше дека тој е во подобра позиција, односно се сметаше дека е попривлечен начинот на живот на релативно слободните, и што е најважно, богати западни општества. Пропагандата против Русија од 2013 година стана целосна – за Русија практично повеќе не беа емитувани дори, па дури ни коректни вести.

Но, и тука се случи пресврт. Русија почна да ја добива битката и покрај тоа што нејзините опоненти имаат неспоредливо побројни медиуми. Имаше толку многу неправди, што целата западна пропаганда почна да се доживува како лага.

Неколку околности најмногу влијаеја на овој пресврт. Тоа е пред сè цврстата и спокојна политика на Русија. Нејзините лидери, за разлика од нејзините западни колеги, не паднаа до ниво на вулгарни изјави. Русија понуди принципи кои можат да функционираат и кои се привлечни за мнозинството народи и земји. Станува збор за заштитата на националниот суверенитет, слободата на политичкиот и на културниот избор и нормалните вредности во општествениот и во личниот живот, вкоренети за време на илјадниците години од историјата на човештвото. Излезе дека списокот на овие вредности самиот по себе претставува прилично голема „мека сила“.

Помогна и силната конзервативна реакција насочена против наметнувањето на постмодернизмот, на ултралиберазлизмот и на глобализацијата на самиот Запад и во целиот свет. Русија, за разлика од СССР е „вистинската страна на историјата“.

Преломниот информациски момент на 2016 година се одрази така што Западот се откажа од информациската и од политичката офанзива и почна да се брани. Кампањата за семоќните „руски хакери“ кои се во состојба да ги разнишаат политичките структури на Западот ја покажа неговата претходно скриена внатрешна слабост.

Не смее да има попуштање во военополитичкото одвраќање

Сега е најважно да не се занесеме со успехот.

А, уште поважно е поттикнувањето на економскиот пораст и на развојот, со цел Русија повторно да не заостане во најновата технолошка револуција. Економската слабост предизвикува притисок однадвор.

Кога станува збор за надворешнополитичката сфера, во неа е стратешкиот курс за следните неколку години, кој барем мене ми е очигледен, и тоа во онаа мера во која може да се планира нешто среде олкави вртоглави промени.

Неопходно е да се продолжи со модернизација на вооружените сили, со тоа што ќе се намалат нејзините трошоци. За тоа Путин веќе зборуваше. Уверен сум дека досегашните успеси се доволен сигнал за сите актери во светот.

Не смее да се попушти со военополитичкото одвраќање. Претставниците на елитата што ја губи историската битка повеќе не можат да ги испраќаат своите носачи на авиони или да се закануваат со „црвеното копче“. Но, затоа можат да прават провокации. Тие се лути и очајни. Ќе направат сè што е во нивна моќ за да ја попречат нормализацијата на руско-американските односи.

Економската дипломатија треба квалитетно да се развива и да се зајакнува.

Започнат е процесот на делиберализација, па дури и на делумна деглобализација и политизација на светската економија. Конкуренцијата постојано ја обвинува Русија за вешта примена на економското оружје. За жал, овие обвинувања во голема мера не се оправдани.

Вртење кон Истокот и нормализирање на односите со САД

А, сега за конструктивните актуелни прашања. Треба да се продолжи со забрзување на развојот на нашето „вртење кон Истокот“. Сега веќе треба да се развиваат односите со Јапонија, со Јужна Кореја и со Асоцијацијата на земјите од југоисточна Азија (АСЕАН).

Секако, треба да се развива и најголемото постигнување во изминативе години, а тоа е дефакто стратешкиот сојуз со Кина, особено со оглед на неизбежноста од обидите за „растурање“ на овој сојуз што го презема новата американска администрација, а тоа ќе биде сосема рационално од нејзината гледна точка.

Конкуренцијата со САД и понатаму ќе биде актуелна. А, можеби ќе биде и акутна, па дури и опасна. Но, доаѓањето на новата администрација која сака да се концентрира на преродба на самата Америка дава простор за маневар кога станува збор за нормализацијата на односите и нивното градење врз основа на интересите и балансот. Тој простор би требало да се искористи.

Би било рационално обете земји да спроведуваат политика насочена кон уништување на ИДИЛ и давање поддршка на постоечките држави и режими. Секое слабеење на државноста, особено во вака ранлив регион, е докажано зло.

Треба да се направи обид да се постигне договор со Американците и во поглед на спречување на ремилитаризацијата на Европа, која и онака станува сè „понежна“, благодарение на продлабочувањето на кризата во која се најде Европската Унија.

На крајот постои потреба да се ублажи и острината на военостратешките конфронтации, но не по пат на контрапродуктивни и застарени преговори за разоружување, ами преку широк дијалог на сите нуклеарни сили насочени кон зајакнување и стабилизација на нуклеарното одвраќање. Веројатно е време да се надмине реакционерниот идеализам на мечтаење за нуклеарно разоружување и да се сфати дека нуклеарното одвраќање, и покрај сите опасности што ги носи со себе, е главен факт што го спаси светот од катастрофи во минатото, и го спасува и сега во време на мошне брзи и опасни промени, во време на појавување на нови предизвици, меѓу кои и сајбер-опасноста.

Што да се прави со Европа и со НАТО?

Во следниве години Русија треба да го развие својот источен потенцијал и да стане вистинска тихоокеанско-атлантска сила насочена кон иднината. А, како таква треба да размислува и за подобрување на односите со Европа кои се расипани, благодарение на алчноста и на непромисленоста на нашите соседи.

Тешко е сега да се замисли дека можат да се постигнат некакви големи договори со Европската Унија. Но, треба да се разговара за тоа како да се олесни создавањето ново партнерство на „Голема Евроазија“, која треба да ја опфати и Европа. По итна постапка би требало да се развијат односите со водечките европски земји и така да се придонесе за понатамошна изолација или самоизолација на силите од епохата која заминува во минатото.

Нема зошто да се реанимираат старите пропаднати преговарачки формати во кои партнерите повторно ќе се обидат да нè вовлечат, зашто тие формати им одговараа. Обновувањето на политичкиот дијалог помеѓу Русија и НАТО е грешка која се граничи со смирување на агресорот и негова легитимизација. Дијалогот Русија - НАТО треба да се преориентира на воено ниво, односно на спречување инциденти, а дијалогот помеѓу Русија и БСЕ на координација на борбата против тероризмот, сајбер-нападите и нелегалната миграција, во заштита на надворешните граници, во спречување и решавање на кризите како што е украинската, а мошне е можно, на идните внатрешни европски кризи.

Украинската ситуација засега е безизлезна. Треба да се продолжи со инсистирање на целосно исполнување на договорот од Минск, а во исто време да се градат заобиколни транспортни магистрали, и покрај сето тоа треба да се преземе ситуацијата и да се инсистира на висок степен на автономија на ДНР во границите на Украина, а по неколку чекори да се насочи процесот кон формирање единствена, неутрална и независна Украина, пријателски расположена кон Русија, или неколку такви Украини, доколку Киев не успее да ја задржи контролата на целата територија на сегашната земја. Единствен начин за опстанок на сегашната Украина е таа да стане мост и тампон-зона, наместо да е субјект на конфронтации.

Нов светски поредок и „концерт на нации“

Стариот светски поредок е урнат. Треба да се започне со изградба на нов. Мислам дека тој ќе биде благо биполарен. Еден центар ќе може да се формира околу САД, а другиот ќе биде Голема Евроазија, во која Кина ќе биде економски лидер, но нити една земја нема да биде хегемон. Рамнотежа со Пекинг ќе воспоставуваат Москва, Њу Делхи, Токио, Сеул, Техеран, Џакарта и Манила.

Но, потребен е и орган за глобално управување во сосема новиот свет за во него да се осигури безбедноста и да се избегне глобален конфликт.

Советот за безбедност на ОН е незаменлив. Но, во него постои инерција од минатото.

Мислам дека светот порано или подоцна (очигледно дека нема друго) ќе се врати на концепцијата на „концерт на нации“. На почетокот, доколку се случи тоа, ќе биде „големата тројка“ – Русија, Кина и САД. Потоа би требало ним да им се придружат Индија, Јапонија и, можеби, Бразил, а исто така и некои од водечките европски земји, доколку ЕУ се врати на координираната политика на суверени држави, наместо сегашните „унифицирани“, која има нулта политичка вредност.

Да се вратам на историската паралела од почетокот на текстов. Доколку Аустерлиц и Бородино, Сталинград и Курск навистина останаа во минатото, тогаш е подобро да се оди на Париз како 1814 или на Берлин како во 1945 година, ами директно во Виена, како во 1815 година, односно во пресрет на новиот „концерт на нации“, насочен кон иднината, градејќи структура за управување со новиот свет. Без такво „враќање кон изворите“ хаосот ќе биде сè поголем или подоцна ќе прерасне во сеопшта катастрофа.

Сергеј Караганов е декан на Факултетот за светска економија и светска политика при Националниот истражувачки универзитет „Виша школа за економија“ и почесен претседател на Президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика.

Оригиналот на руски јазик на сајтот на Росијскаја газета.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња