Како најголемиот терорист на СССР се најде на слобода

Виктор Илин

Виктор Илин

Лев Романов
На 22 јануари 1969 година се случува невиденa за комунистичкиот Советски Сојуз несреќа: крај ѕидовите на Кремљ вооружен терорист непречено отвора оган по моторизираната придружба на лидерот на земјата Леонид Брежњев, убивајќи еден и повредувајќи четири лица. Но, стрелецот не е осуден на смрт: тој е жив до ден-денешен. Згора на тоа тој е на слобода. Дописникот на „Руска реч на македонски“ се сретна со човекот кој изврши атентат над првиот човек на СССР.

Во слабичкиот пријателски расположен постар човек кој го шета уличното куче Хазар кое го спасил од минус триесет степени, невозможно е да се препознае поранешен терорист. „Ако на седумдесет години човек гледа на светот така, како и на дваесет, значи тој живеел залудно“, вели Виктор Илин. Оваа година ќе наполни токму седумдесет, а кога пукал на Брежњев имал 21 години. "Ако може да се вратам во 1969, не би убивал никого. Фала му на Бога што имам можност да го кажам ова денес. Зашто кога пукав во моторизираната придружба, бев отпишан. Тоа беше самоубиствена постапка. Но, за среќа, ми беа дадени два живота“.

Наместо стрелање - пензија

Поради тоа злосторство Илин можел да биде осуден на смрт (бил обвинет за четири тешки дела - тероризам, убиство, кражба на оружје и напуштање), но тој никогаш не бил осуден затоа што бил прогласен за непресметлив и бил испратен на принудно лекување во психијатриска клиника . Сите кои го испрашувале, вклучувајќи го и директорот на КГБ и иден лидер на СССР Јуриј Андропов, првично тврделе дека Илин постапил свесно, од идејни побуди.

Виктор Илин / Снимка од видео на РТ.Виктор Илин / Снимка од видео на РТ.

„Да се ​​признае дека советски граѓанин, здрав и со чист разум, пукал по Брежњев, за советската држава би значело да признае дека во земјата постои уште незадоволство од комунистичкиот поредок. Такво нешто беше невозможно - објаснува Виктор. - Затоа одлучија да покажат дека против шефот на СССР би можел да направи атентат само непресметлив човек“.

Архива

Тогаш никој не можеше да претпостави дека по дваесет години СССР ќе се распадне, а новиот Врховен суд ќе го пушти терористот на слобода, правејќи уште малку од него херој на отпорот. На државна сметка дури и ќе му се обезбеди на Илин еднособен стан во предградието на Ленинград (сега Санкт Петербург), каде што тој е роден и израснат, и ќе му дадат пензија.

Дваесет години на апчиња

Сега веќе е тешко да се дознае дали во моментот на атентатот Илин бил здрав. Годините поминати во психијатриската клиника имале свое влијание: за време на разговорот прескокнува од тема на тема, ту раскажува за околностите на злосторството, ту почнува да цитира свои стихови, ту се фали со тоа што го реновира својот стан, иако во него нема ништо друго освен хартија и ѓубре.

Впрочем самиот Илин тврди дека во болницата не му давале лекови со силно дејство. „Имав слушано многу за 'кривичната психијатрија', во страв дека ќе ми ставаат инјекции со халоперидол и ќе ме претворат во растение. Уште повеќе што бев сместен во болница далеку од Москва - во Казањ (главниот град на Република Татарстан.) Доколку таму се случеше нешто со мене, никој немаше да дознае. Но, на крајот односот беше хуман. Ми дава само некакви таблети.

Писмото до Кремљ

Причината поради која Илин се решава да пука во Брежњев, се крие најверојатно во неговото детство. Виктор немал уште ни две години, кога го одземале од неговите родители - хронични алкохоличари. Израснал во прифатно семејство. На училиште не комуницирал речиси со никого, сам си признава дека страдал од недостиг на внимание.

Виктор Илин. Извор: Лев РомановВиктор Илин. Извор: Лев Романов

„Во постарите одделенија сонував да станам геолог - раскажува Илин. - Тогаш во Советскиот Сојуз оваа професија се сметаше за најромантична - експедиции, нови познанства, чисти предели, песни крај огнот. Се запишав во топографски техникум, обиколив многу оддалечени од Ленинград градови и области. Но, она што го видов, остави кај мене обесхрабрувачки впечаток. Сиромаштво, пијанство, пропаст - ништо заедничко со она што го покажуваа на советската телевизија. Сфатив дека целата земја живее така, а комунистите најбезобразно лажат. Првично немав намера да правам терористички напад против раководството на земјата. Јас напишав план за реформи, кој предвидуваше на секој граѓанин месечно да му се плаќа рента од продажба на природни ресурси. И го испратив на Брежњев во Кремљ. Но, не добив одговор. Тогаш решив да го убијам. Сакав сите да дознаат за моите идеи, а за тоа требаше да се случи некаков бомбастичен настан. За своите реформски планови сметав да кажам во судот, кога ќе го кажувам последниот збор“.

Илин го подготвувал атентатот речиси една година. За да се добие пристап до оружје, од студентската клупа оди во касарната. Служи недалеку од Ленинград, секојдневно ги следи темелно централните весници, кои детално опишуваат каде, кога и со кого се среќава Брежњев. Во средината на јануари 1969 година печатот пишувал за последователна победа на советската космонаутика: бродовите „Сојуз-4“ и „Сојуз-5“ се споиле во отворено пространство. Чествувањето на повратници на Земјата било предвидено за 22 јануари во Москва. Владина делегација на чело со Брежњев требала да ги пречека на аеродромот и свечено да ги придружува до Кремљ.

Касметот на Брежњев

Илин пресметувал сè со математичка точност. Рано наутро на 21 јануари, откако дочекал стражарот да заспие, тој се украл од оружарницата два пиштола и муниција за нив, избегал од единица, со приградски возови стасал до ленинградскиот аеродром „Пулково“ каде полетал за Москва (во тоа време не се правеле такви проверки на аеродромите). Стигнал до главниот град, тој престојувал кај чичко си, кој работел во милицијата, кому му рекол дека е на одмор. Утрото на 22 јануари тајно излегол од станот во милиционерска униформа, маскиран во неа и стасал до Кремљ токму во моментот кога пристигнувала и моторизираната придружба. Виктор го направил сето тоа за помалку од еден ден. „Ако многу се подготвував, планот ќе пропаднеше. Сигналите за мене пристигнуваа во седиштето на КГБ буквално еден час пред убиството. И само благодарение на тоа што кога во единица откриле дека некој недостасува, не сакале да креваат многу врева и првично ме барале со сопствени сили“.

Во тој момент околу Кремљ веќе бил направен кордон од милиционери, кој ја одделувал владината траса од толпата случајни минувачи. Илин застанал во кордонот. Бидејќи бил во униформа, никој не му обрнувал особено внимание. Кога моторизираната придружба на Брежњев се приближила до Кремљ, Илин излегол од кордонот и пукал со двете раце (пиштолите му биле скриени во ракавот на шинелот) во втората кола во која обично се наоѓал првиот човек на СССР. Но, Брежњев имал среќа: за време на движењето неговиот автомобил ги заменил местата со овој, во кој патувале космонаутите. Илин испукал единаесет куршуми. Го убил возачот и тешко ги ранил Андријан Николаев и Георгиј Береговој (освен нив, во автомобилот се наоѓале Алексеј Леонов и првата жена-космонаут во светот Валентина Терешкова). Еден куршум добил мотоциклист од придружбата. Илин е уапсен на место, без да даде отпор. Но, неговиот план не успеал: Брежњев е жив, информациите за атентатот се затаени (за него се пишува само во странскиот печат), а судење, како што е познато, нема да има.

План Б

Го прашувам Илин за неговите денешни политички ставови, но тој го избегнува одговорот, велејќи дека сега треба да му служи на Бога, бидејќи убил апсолутно невин човек. Поранешниот потполковник од КГБ Игор Атаманенко кој го испрашувал Илин во 1969, се сеќава дека „кога на првиот распит убиецот сфатил дека не пукал во Брежњев, ами по космонаутите, почнал да паѓа во хистерија“.

„Сега јас живеам друг живот - вели Илин. - Кога Хазар ќе умре, ќе го вратам живеалиштето на државата, а јас самиот ќе се преселам во дом за стари луѓе“. Роднини не му останале, единствената сосетка со која бил пријател, починала пред една година. „Ви треба ли некаква помош?“, прашувам јас. „Одамна сакам да ги објавам моите стихови, но никој не ги печати. Ќе ми помогнете ли?“. Но, стиховите тој така и не ми ги дава. „Сепак, сега не е вистинскиот момент, подобро во текот на летото, по Педесетница. Треба да се подготвува за неа“.

Виктор Илин. Извор: Лев РомановВиктор Илин. Извор: Лев Романов

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.