Зошто Русија повлекува дел од војската од Сирија

Максим Блинов / РИА Новости
Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на 29 декември објави прекин на огнот во Сирија, а исто така и намалување на военото присуство на Русија во регионот. Воените аналитичари стравуваат дека мировните напори можат да бидат искористени од бунтовниците и тоа да доведе до повторување на настаните во Палмира од пред еден месец.

Русија издејствува прекин на огнот и стартуваше нова рунда на мировни преговори помеѓу опозицијата и актуелната влада на Сирија, изјави на 29 декември претседателот на Русија Владимир Путин.

„Пред неколку часа [...] беа потпишани три документи. Првиот документ е помеѓу сириската влада и вооружената опозиција за прекин на огнот на територијата на Сириската Арапска Република. Вториот документ е комплекс од мерки за контрола на режимот за прекин на огнот. А, третиот документ е изјава за подготвеноста да бидат започнати мировни преговори за решавање на сириското прашање“, изјави првиот човек на Русија.

Путин ги повика завојуваните страни, а исто така и земјите кои можат да влијаат на ситуацијата, да ги поддржат мировните иницијативи и да пристигнат кон крајот на јануари за учество во мировните преговори во Астана, главниот град на Казахстан.

Во исто време рускиот претседател истакна дека воениот контингент на Руската Федерација во Сирија треба да биде намален.

Зошто се повлекува дел од војската

Министерството за одбрана на Руската Федерација го намали бројот на ловците и бомбардерите, на групите за деминирање, а исто така го намали и бројот на бродовите покрај сириското крајбрежје, посочуваат воени експерти за „Руска реч на македонски“.

„Руските војници постигнаа значителен успех и го ослободија Алепо, вториот по големина град во Сирија. Во врска со ова беше решено да се намали бројот на војниците за тие да се одморат по една година крвави борби“, изјави за „Руска реч на македонски“ Леонид Ивашов, генерал-полковник во пензија и претседател на Меѓународниот центар за геополитички анализи.

Генералот сепак не мисли дека запирањето на операцијата ќе влијае позитивно на воената атмосфера.

„Само пред еден месец бунтовниците ја искористија хуманитарната пауза на прекин на огнот за да се прегрупираат и да удрат во тилот на сириската армија. Како резултат на тоа во нивните раце падна Палмира. Со таквите луѓе треба да се војува до победоносниот крај“ , додаде Ивашов.

Политички пат

Русија сака да го реши проблемот по политички пат и да го минимизира военото учество во конфликтот, додека има таква можност, коментира генерал-мајор во пензија и заменик-директор на Институтот за САД и Канада при Руската академија на науките (РАН) Павел Золотарјов .

„Во такви конфликти е лесно да се интервенира, но е тешко да се излезе од нив. Раководството на Русија не сака да ги повторува грешките на Американците во Ирак и во Авганистан. Затоа мора да ги ограничиме своите постапки, ако не со чувството на победа, тогаш барем со чувството за извршена задача“, истакна експертот.

Сепак, тој истакна дека војната со борците на ИДИЛ и на Џебхат ан-Нусра сè уште не е завршена. „Нема каде да се скриеме од борбите со нив нема“, додаде Золотарјов.

Резултатот од активностите на руските Воздушно-космички сили

Активностите на руските војници го спречија распаѓањето на сириската држава и го раскинаа синџирот на „обоените револуции“ и на Блискиот Исток, и во Африка, изјави минатата недела министерот за одбрана на Руската Федерација, Сергеј Шојгу.

„Нанесен е значаен удар на меѓународните терористички организации во Сирија, суспендирана е нивната експанзија во регионите, нарушена е финансиската моќ на терористичките формации и системот на нивните ресурси“, рече Шојгу.

Според него кон режимот на прекин на огнот се приклучија над 1.000 населени пункта и близу 108.000 бегалци успеале да се вратат во своите домови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.