Јандекс, најпопуларниот Интернет-пребарувач во Русија, на 8 декември објави истражување во врска со пребарувањата на корисниците во 2016 година, и ги подели по категории. Во категоријата „Настани“ првите две места ги зазедоа септемвриските парламентарни избори во Русија и ноемвриското гласање за претседател на САД.
По руските и прекуокеанските избори Русите кои користат Интернет, се интересирале најмногу за свинскиот грип. Оваа година во Русија имаше голема епидемија на грип и кај мнозинството болни беше проширен поттипот А (H1N1) или таканаречен свински грип. Грипот сепак не е единствениот вирус кој го привлече вниманието на Русите. Во топ 10 влезе уште една вирусна болест - треската Зика, која неодамна се прошири во земјите од Латинска Америка.
Внимание насочено кон американските избори, го утврди и најпопуларниот маж на годината меѓу Русите по бројот на пребарувања на корисниците - тоа е новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп. По него се наоѓа холивудската ѕвездата Леонардо ди Каприо. Трето место, што беше помалку предвидливо, го зазеде пејачот Валериј Обоѕински, популарен во СССР во шеесеттите и во седумдесеттите години на минатиот век. Интересот кон советскиот изведувач беше предизвикан од една од песните на Обоѕински „Овие очи наспроти“ која се појавува лани во истоимената серија.
Најпопуларна жена меѓу Интернет-корисниците се покажа Ксенија Собчак - телевизиска дива и „светска лавица“, како што ја дефинираат изданијата, кои пишуваат за шоубизнисот. Таа е ќерка на поранешниот петербуршки градоначалник Анатолиј Собчак, во чија администрација по работата во КГБ ја започна цивилната кариера претседателот Владимир Путин.
Второто и третото место го зазедоа телевизиската водителка Ољга Бузова и советската манекенка Регина Збарскаја (кај неа улога одигра телевизиска серија „Црвената кралица“посветена токму на неа).
Американските избори извршија влијание и на интересот на корисниците на рускојазичниот интернет за жените. Хилари Клинтон и сопругата на Доналд Трамп, Мелани, исто фигурираат во топ пребарувања на Русите на Интернет.
Меѓу „премиерите“ на година првото место го освои новиот, седми IPhone. Тој го надмина и пуштањето на новото лајт-метро на Московскиот централен прстен, и излегувањето на рускиот пазар на новиот модел на автомобилскиот концерн Рено (Renault) - Captur.
„Интернет-настан“ за Русите стана гласањето за симболот на новите апоени на рубљите (кои градови треба да бидат прикажани на банкнотите од 200 и 2.000 рубли) и петициите на сајтот change.org. Во средината на листата се најдоа пребарувања во врска со 50-годишниот италијански милионер, кој танцува со жена по бикини.
Кога станува збор за играниот филм, Русите се интересирале главно за холивудските блокбастер како „Одред самоубијци“ или „Дедпул“. Единствениот руски филм на топ-листата е „Екипаж“, римејк на култниот советски филм со истиот наслов. Најпопуларна странска серија стана „Игра на престолите“. Јандекс забележува дека излегувањето на последната сезона на ТВ-серијата го привлекло вниманието на корисниците на Интернет дури и повеќе од изборите во САД и од појавата на новиот iPhone.
Меѓу Интернет мемињата Русите најмногу се заинтересирале за „лабутените“, како што во Русија понекогаш се нарекуваат чевлите на францускиот дизајнер и моделиер на чевли Кристијан Лубутен. „Лабутените“популарноста на Интернет ја стекнаа по еден од клиповите на групата „Ленинград“ во кој тие го заземаат централното место.
Во топ-листата влегуваат и „црвените панталони на Песков“ (портпаролот на Путин, Дмитриј Песков беше фотографиран во перална за автомобили во светлоцрвени панталони и со чизми од типот валенки). Во рејтингот место наоѓа и познатата фраза на премиерот Дмитриј Медведев „Пари нема, но вие држете се“, со која тој се прости со кримските пензионери, како и предлогот што нему му се допадна, да се преименува кафето Американо на Русијано.
Зборувајќи за методологијата на рејтингот Јандекс појаснува дека иако бројот на пребарувања е соодветен на интересот на луѓето кон некоја тематика, со тоа не може да се дефинираат најинтересните теми. Листата на најпопуларните теми не се менува во текот на многу години: корисниците традиционално се заинтересирани за сообраќајниот метеж на патиштата и за времето. Затоа се избрани теми на година или прашањата за кои интересот нагло се зголеми во 2016 година. Силното зголемување на пребарувања или т.н. експлозии се во основата на составувањето на овој рејтинг.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче