Една од главните теми за дискусија во руските медиуми во октомври 2016 година беше злосторството на две живодерки од Хабаровск (6.140 километри источно од Москва). Другарките земале животни од привремените домови за животни и ги убивале. Потоа на Интернет објавувале крвави селфи. Активистите за правата на животните потпишуваат петиции, објавуваат постови во социјалните мрежи и бараат садистките да бидат испратени в затвор. На 20 октомври против нив беше поведена кривична постапка.
Малтретирањето животни е забрането со закон, но многумина сметаат дека за вакво злосторство се казнува ретко и многу меко. „Заштитата на животните е дел од кривичниот закон“, вели Ирина Новожилова, директор на „Вити“, еден од најголемите руски центри за заштита на правата на животните. „Но тоа не е доволно, постои правен вакуум“.
„Казната за малтретирање животни е многу мека и во полиција обично не сакаат да ги разгледуваат пријавите за ваквите дела“, велат во фондацијата „Умка“. „Огромен број ужасни случаи остануваат неказнети“, додаваат во тихивинската (625 километри северно од Москва) јавна организација „Заштита на животните“.
Според членот 245 од кривичниот закон на РФ за малтретирање животни може да се добие казна до 80.000 рубли (1.271 американски долар) или шест месеци затвор. Доколку животното било малтретирано од неколку луѓе, бројките растат – до 300.000 рубли (4.769 американски долари) и до две години затвор. Сепак во реалноста суровите казни не се чести. Според податоците на архивата на судската практика „РосПравосудие“ во последниве 10 години имало не повеќе од 716 судски процеси по овој член. Згора на тоа, убијците на животните многупати биле неказнети.
Во Државната дума веќе имаше поднесено предлози за пожестоки закони со појасни формулации, но не беа донесени. Можеби проблемот се состои во тоа што заштитниците решиле да се борат не само со садистите, ами и со бизнисмените што заработуваат од животните. „Нацрт-законот го урнаа лобистите“, смета Ирина Новожилова. „Протестираа губернаторите на северните области, крзнената индустрија, па дури и факултетите по биологија од универзитетите. Ограничувањата силно ќе удреа по нив.
Пасивноста на државата во врска со правното решавање во дел се компензира со граѓанската иницијатива. Живодерките од Хабаровски се препознаени според фотографиите и нивниот идентитет е објавен на Интернет, по што за садистките се заинтересира полицијата. Петицијата со барање живодерките да бидат кривично гонети собра 420.000 потписи. Како резултат на тоа на жителките на Хабаровски им се заканува до две години затвор. Претходно, во 2009 година на сличен начин Русите разоткрија друга девојка која на Интернет постави фотографија од мачката што таа самата ја убила.
Граѓаните се активни не само кога станува збор за определена ситуација, ами и кога се зборува за глобалната слика. Во 2008-2009 година по огромната јавна кампања во Русија беше забранет ловот на младенчињата на фоките. Протестите од страна на младите и на заштитниците на животните на почетокот од минатата деценија ги натераа московските власти да го откажат планираното шоу со корида.
Впрочем, кога правото се наоѓа во рацете на руските граѓани, често започнува злоупотреба. Во стремежот на универзитетите да ги задржат експериментите над животните активистите гледаат „спротивставување на научниот и етички прогрес“ и „садизам“. Некои активисти беа фатени во измама – тие собираа пари за помош на настраданите кучиња и исчезнуваа.
Особено строго љубителите на животните се однесуваат кон догхантерите – луѓе кои самоволно ги требат потенцијално опасните бездомни кучиња. „Догхантерите не се луѓе, тие треба да се кастрираат или самите да се застрелат. Горете во пеколот“, пишуваат љубителите на животните на Интернет. Заштитниците на животните на Интернет ги објавуваат личните податоци на догхантерите.
Помалку воинствени иницијативи имаат поголеми шанси за успех, понекогаш дури и на административно ниво. Негодувањата на московјаните против масовното принесување жртви за време на Курбан Бајрам вродија со резултат – властите на престолнината забранија јавно убивање овци. Во 2005 година, пак, администрацијата на Санкт Петербург забрани просење со животни. Просјаците често бараа пари за „храна“ за кучињата, но ги трошеа парите за себе, а животните ги чуваа во неподносливи услови.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче