Берлинската средба на лидерите на Русија, Украина, Германија и Франција од 19 октомври, од самиот почеток не ветуваше некаков голем напредок. Русија и Украина меѓусебно се обвинуваа за неисполнување на договорот од Минск, а Кремљ наспроти средбата соопшти дека Владимир Путин сепак ќе земе учество. Претходно претседателот на Русија изрази сомнеж за потребата од преговори,
Официјален Киев исто така беше скептично расположен: пред почетокот на средбата Константин Елисеев, заменик на шефот на кабинетот на претседателот Порошенко, изјави дека шансите за напредок се мали „Не треба да се очекува дека ќе се случи некакво чудо“, изјави Елисеев.
Чудо навистина не се случи. По петчасовни разговори не беше потпишан никаков документ. Страните само изјавија дека во текот на месецот ќе биде подготвена нова „маршрута“ за решавање на ситуацијата во Донбас.
Учесниците на средбата дадоа умерени позитивни оценки за резултатите од неа. На пример, Путин ја истакна приврзаноста на сите лидери кон договорот од Минск, а Порошенко нагласи дека „нормандискиот формат“ нема алтернатива. Сепак, експертите сметаат дека за суштинските несогласувања на Москва и Киев нема никакви промени.
„Русија и понатаму има затегнати односи со Украина. Москва веројатно би се откажала од оваа средба доколку стануваше збор само за дијалог со Киев“, смета Сергеј Караганов, декан на Факултетот за светска економија и меѓународна политика при Националниот истражувачки универзитет „Висока школа за економија“. Караганов е уверен дека Порошенко не може и не сака да го исполни делот од договорот од Минск кој се однесува на изборите во Донбас и на амнестијата на „сепаратистите“.
Тимофеј Бордачов, програмски директор на Меѓународниот дебатен клуб „Валдај“, се сложува со Караганов за тоа дека Украина не е расположена за дијалог. „Украинската страна отворено изјавува дека го чека доаѓањето на нов претседател во Белата куќа и дека очекува тоа да биде Хилари Клинтон, што ќе им овозможи повторно да преминат на конфронтациското сценарио“, вели Бордачов за „Руска реч на македонски“.
Експертите се уверени дека Путин не отпатувал во Берлин за да разговара со својот украински колега. „Целта на средбата не беше разговор со Порошенко, ами со Европејците, и тоа за многу прашања кои не се однесуваат само на Украина, ами на односите помеѓу Русија и Европа, како и за Сирија“, истакнува политикологот Сергеј Михеев.
Украинскиот политиколог Михаил Погребенски во емисија за радиото „Комерсант FM“ изнесе мислење дека една од целите на посетата на Путин на Берлин е давање поддршка на германската канцеларка која ја организираше средбата. „Путин реши да не ја доведува Меркел во непријатна ситуација во која би се нашла доколку обидот за организација на средбата не успееше. Очигледно нешто му треба (од Меркел)“, истакна Погребенски.
Сергеј Михеев смета дека тоа е условено со значењето што Германија го има за Русија. „Германија е највлијателна земја во Европската Унија во економска смисла. Русија со неа има голем промет на стока. Поради тоа е важно да се одржуваат односите и да не се расипуваат без потреба“ вели Михеев.
Според него, на Путин му било важно и да поразговара со Оланд, со оглед дека рускиот претседател минатата недела се откажа од посетата на Франција. „Состанокот на 'нормандиската четворка' е добар повод да се состанат Путин и Оланд и да го ублажат несогласувањето кое постои помеѓу нив“, смета Михеев.
По завршувањето на средбата со Порошенко, лидерите на Русија, на Германија и на Франција го продолжија разговорот во тројка. Германската канцеларка и францускиот претседател го осудија бомбардирањето на Алепо од страна на руската и на сириската авијација и не ја исклучија можноста за воведување нови санкции за Русија. Русија, пак, од своја страна, објави продолжување на хуманитарната пауза во Алепо и го повика Западот да направи разлика помеѓу терористите и опозицијата.
Сергеј Караганов е скептичен во поглед на перспективите на дијалогот за Сирија со европските лидери, но позитивно го оценува самиот факт дека е одржан. „Франција и Германија немаат вистински алатки со чија помош би можеле да влијаат на ситуацијата во Сирија, зашто таму клучна улога имаат САД. Но, можат да разговараат за тоа – зошто да не? Не треба да се пропушти шанса и да се одбива дијалог“, вели експертот за „Руска реч на македонски“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче