Путин: Политичка реторика која нема многу смисла

Алексеј Никољски / Служба за информација на Рускиот претседател / ТАСС
Претседателот на Русија Владимир Путин во интервју за француската телевизија TF1 објасни зошто не заминал во Париз на состанок со својот колега Франсоа Оланд. Исто така ја објасни и руската политика во сирискиот конфликт. „Руска реч на македонски“ ви ги презентира основните тези од разговорот на рускиот лидер со француските новинари.

За посетата на Париз

Знаете, ние не се откажавме од таа посета, туку ни беше кажано дека сега не е умесно да се отвора руски верско-културен центар, а тоа беше главната причина, односно повод, за моето заминување во Париз. Доколку главната причина за мојата посета на Париз е неумесна тогаш веројатно ќе најдеме некоја друга пригода де се состанеме и да поразговараме за Сирија. Ние немаме никакви ограничување во врска со ова прашање и отворени сме за дијалог. Нам само ни е предочено дека ова не е најповолен момент за вакви активности, и толку. Значи, не се откажавме ние.

За обвинувањата дека Русија бомбардира цивилно население во Сирија

Би рекол дека тоа е политичка реторика која нема многу смисла и не ја зема предвид сириската реалност, а ќе ви кажам зошто е тоа така. Јас сум длабоко убеден дека за ситуацијата во Сирија и во целиот регион се одговорни пред сè нашите западни партнери, и најпрво, секако, САД и нивните сојузници, вклучувајќи ги водечките европски земји.

Да се сетиме како сите тие безрезервно ја поддржаа „арапската пролет“. И каде е сега тој оптимизам? Како заврши сето тоа? Да се сетиме како изгледаа Ирак или Либија пред силите на нашите западни партнери да ги уништат овие држави или нивните државни структури.

Сега на овие места се наоѓа изворот на терористичката опасност. Наша цел е да не дозволиме истото да се случи на територијата на Сирија.

Кога станува збор за хуманитарната ситуација во Алепо, зарем заборавивме како американската авијација во Авганистан бомбардираше болница, каде меѓу другите загинати беа и [претставници на организацијата] „Лекари без граници“? Во Авганистан уништуваа цели свадби, по 100 луѓе наеднаш. А, што се случи во Јемен? Во еден напад загинаа 170 луѓе на погреб, а 500 беа ранети.

Каде и да се водат борбени дејствија, за жал, гинат и настрадуваат и сосема невини луѓе. Но, ние не можеме да им дозволиме на терористите да се кријат зад цивилите како зад жив штит, ниту можеме да дозволиме да го уценуваат сиот свет кога земаат заложници, кога убиваат луѓе и им ги отсекуваат главите.

Доколку сакаме успешно да се избориме со тероризмот, тогаш мораме да се бориме против нив, а не да ги исполнуваме нивните желби, да се поклонуваме пред нив и да се повлекуваме.

За односите помеѓу Ал Нусра и САД

Во Алепо ситуацијата ја контролира друга терористичка организација – Ал Нусра [а, не ИДИЛ]. Таа сѐ уште се третира како крило на Ал Каеда и се наоѓа на списокот на терористички организации на ОН.

Нè депримира и нè чуди фактот што нашите партнери, особено американските, на различни начини постојано се обидуваат да ја позиционираат Ал Нусра надвор од рамките на овие терористички организации. Се чини дека нашите партнери постојано прават една иста грешка. Тие сакаат да го искористат борбениот потенцијал на овие терористички организации и екстремисти за постигнување политички цели, а во овој случај за борба против Ал Асад и неговата влада, не сфаќајќи дека потоа нема да можат да ги запрат [терористите] и да ги принудат да живеат според цивилизираните правила, доколку терористите победат некого.

За договорот за прекин на огнот во Сирија

Ние неодамна се договоривме да објавиме прекин на огнот, односно „ден Д“ како што велеа нашите американски пријатели. Јас инсистирав на тоа тие најпрво да ја решат задачата за одвојување на Ал Нусра од останатите терористи од здравите делови на опозицијата, па потоа да се објави прекин на огнот.

Но, Американците инсистираа најпрво да се објави прекин на огнот, а потоа тие ќе ја исполнат задачата за одвојување на терористите од неториристите. На крајот ние им излеговме пресрет и го прифатиме тоа, така што на 12 септември беше објавен ден на тишина и на прекин на борбените дејствија. Веќе на 16 септември американската авијација ракетираше позиции на сириската армија. Загинаа 80 лица.

Во истиот момент, веднаш по ракетирањето, ИДИЛ – тука веќе ИДИЛ – тргна во напад токму на ова место. Нашите американски колеги ни рекоа дека ракетирањето било грешка. Прво, поради таа грешка загинаа 80 лица. А, второ, веројатно и ИДИЛ исто така случајно тргнала во напад веднаш по ракетирањето.

Интегралниот текст од интервјуто на руски јазик.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња