Ситуацијата тогаш беше комплицирана, контроверзна, во целина алармантна. [...] Севкупната атмосфера беше тревожна: американските бродови се обидуваа да се „запознаат“ со нашите територијални води, САД вршеа тестирања на нуклеарно оружје, испровоцираа шпионски скандали и така натаму. [...] Јас сметав дека не смее да се дозволи преговорите да се претворат во параван зад кој не се случува ништо суштинско, и уште полошо - да продолжи трката со нуклеарно оружје. Затоа предложив да се сретнеме со претседателот на САД, за да ги тргнеме преговорите од мртвата зона. Кога се договоривме за средба, ја започнавме подготовката. Требаше во Рејкјавик да се оди со конструктивни предлози.
Ние предложивме јасна шема за договор. Да се скратат до 50% од сите компоненти на тријадата стратешко оружје. Бевме подготвени да скратиме 50% од тешките ракети со копнено базирање и да постигнеме нулта варијанта кај ракетите со среден и мал дострел. Но, при тоа зафатив цврст став: не треба да се започнува трка за вооружување во вселената, во областа на противракетната одбрана.
Претседателот [Роналд Реган] беше донекаде збунет. [...] Тој сакаше да продолжи да се развива програмата ИСО (Иницијатива за стратешка одбрана, претпоставувам распоредување на оружје во вселената), згора на тоа - да добие наше одобрение за распоредување на глобална ПРО. Со тоа јас немаше како да се согласам.
[...] Прво, за многу од прашањата ние се разбравме. Второ, ние погледнавме од другата страна на хоризонтот, во изгледите за свет без нуклеарно оружје.
Мене ми се допадна тоа што во текот на преговорите претседателот Реган решително, и според мене искрено зборуваше за потребата од спасување на светот од оружјето за масовно уништување, од сите видови нуклеарно оружје. За ова ние најдовме заеднички јазик.
Да, сега односите помеѓу Русија и САД се заострени, напнати. Забележана е колапс на меѓусебната доверба. Повеќе пати сум го искажал своето мислење: треба да се обноват преговорите за целиот дневен ред, да не се затвораме во регионалните проблеми. И пред сè - за нуклеарната проблематика.
[...] Јас мислам дека светот се приближи до опасна зона. Не би сакал да давам конкретни рецепти, но сакам да кажам: треба да запреме. Треба дијалогот да продолжи. Неговиот прекин беше најголемата грешка. Треба да се вратиме кон главните приоритети. А, тие се намалување на нуклеарното оружје, борбата против тероризмот, спречување на еколошката катастрофа. Во споредба со овие предизвици, сè друго оди на втор план.
Се разбира, во сегашните услови е тешко да се зборува за свет без нуклеарно оружје. Ова треба чесно да си го признаеме. Но, да не заборавиме: додека постои нуклеарно оружје, има опасност за неговата употреба. Или како резултат на случајност, технички проблем, или злата волја на човек - безумник или терорист. И можеме да ги замислиме последиците. Покрај тоа, во согласност со договорот за неширење на нуклеарно оружје, нашите земји треба да водат преговори за негово намалување, вклучувајќи и негова ликвидација. Значи целта за свет без нуклеарно оружје не е утопија, ами императивна неопходност. Но, тоа може да се постигне само под услов политиката да се демилитаризира и меѓународните односи да се демилитаризираат.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче