Патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква (РПЦ), ја потпиша на 27 септември 2016 година Петицијата на граѓаните за забрана на абортусот, документ напишан од православните активисти. „Ние, граѓаните на Руската Федерација, се залагаме за прекин на праксата на легално убиство на деца пред да бидат родени“, се вели во петицијата. Патријархот ја одобри иницијативата на активистите и, како што соопштува официјалниот сајт на патријаршијата „им се заблагодари за трудот“.
Судејќи според текстот на петицијата, авторите се залагаат за целосна забрана на абортусот: тие бараат човекот да се смета за живо суштество од моментот на зачнувањето и да се забрани прекин на бременоста по хируршки или хемиски пат. Меѓутоа, подоцна портпаролот на патријархот Александар Волков изјави дека „таа петиција не е за забрана, туку петиција за исклучување на абортусот од системот на задолжително здравствено осигурување“. Според зборовите на Волков, Кирил ја потпишал петицијата за да го привлече вниманието на јавноста за овој проблем.
Не да се забрани, туку да се ограничи
Изјаснувањето на патријархот против вештачкиот прекин на бременоста е тешко да се нарече неочекувано: православието, како и другите христијански деноминации, го сметаат абортусот за чедоубиство. Новинарот Иван Давидов со иронија ги коментираше на „Твитер“ реакциите на блогерите кои се изненадија или збунија од зборовите на Кирил:
„Судејќи според реакцијата на јавноста, многумина очекуваа дека патријархот ќе истапи со поддршка за сексуалната револуција. Навистина, многу разочара“.
Владимир Легојда, првиот човек на синодскиот оддел за односи на Црквата со јавноста и медиумите, го појасни за агенцијата ТАСС ставот на РПЦ: најважно во моментов е барањето да се исфрли абортусот од системот за задолжително здравствено осигурување за луѓето, кои не го поддржуваат абортусот, да не мораат да плаќаат за него од сопствениот џеб. Легојда се надева дека забраната за државно финансирање на абортусот ќе биде првиот чекор на патот до општество без абортуси.
Борци против абортусот
Претставниците на муслиманите во Русија исто така ја поддржуваат борбата против абортусот. Врховниот муфтија на Русија Талгат Таџудин изрази согласност со духовниот поглавар на руските христијани, нарекувајќи го абортусот „убиство на деца“.
На претставниците на традиционалните конфесии им се придружи ополномоштената за правата на детето Ана Кузнецова. „Целиот цивилизиран свет со години се залага против таквата појава како што е абортусот и ние ја поддржуваме таа позиција“, смета детскиот омбудсман. Кузнецова ја истакна важноста и ефикасноста на државната политика за спречување на абортусот – според неа, минатата година 67 илјади жени биле наговорени да се откажат од таквиот чекор.
Критика на иницијативата
Министерството за здравство на Русија не ја поддржа иницијативата на духовните лидери и детскиот омбудсман – ниту во делот за забрана на абортусот, ниту во делот за негово исклучување од задолжителното здравствено осигурување. Првиот човек на Министерството за здравство Вероника Скворцова изјави во програмата на радиото „Зборува Москва“ (Говорит Москва) дека воведувањето ограничувања за абортус може да биде опасно за жените.
„Постојат определени нијанси поврзани со можното преминување на абортусот во сферата на сивата економија, особено за лицата кои имаат ниски примања или се малолетни“, истакна Скворцова. Според неа, задачата на Министерството за здравство на Русија е да не дозволи пораст на морталитетот кај бебињата и родилките, кој може да настане како резултат на некакви ограничувања.
Другите критичари на ограничувања на абортусот исто така укажуваат дека мерките на забрана нема да дозволат да се реши проблемот со абортусот, туку само ќе го исфрлат од легалната сфера и ќе го направат поопасен за здравјето на жените.
Така, потпретседателот на Руското здружение на акушери-гинеколози Виктор Радзински смета дека концепцијата на забрана е примитивна и нема да доведе до позитивни резултати. „Кај нас од 1936 до 1955 година абортусот веќе беше забранет. Умираа од сепса“, изјави Радзински за „Лента.ру“. Лекарот потсетува дека во тој период жените кои сакале да се решат од плодот, користеле методи опасни по здравјето, што доведувало до смртни последици.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче