Каква ќе биде седмата руска Дума?

Сергеј Фадејчев / ТАСС
Четирите партии преставени во рускиот парламент останаа исти по изборите во неделата (18 септември). Владејачката Единствена Русија освои уставно мнозинство и ги зајакна своите позиции. Сега практично целосно го контролира парламентот.

„Знаеме дека животот на луѓето не е лесен; има многу проблеми, но и покрај тоа резултатот е таков каков што е“, рече Владимир Путин на 18 септември во честитката до штабот на Единствена Русија (ЕР) за победата по објавувањето на прелиминарните резултати од гласањето.

Партијата на власта, која традиционално демонстрира лојалност кон претседателот и владата (на чие чело е премиерот Дмитриј Медведев) всушност може да е задоволна.

ЕР освои 54.7% од гласовите и освои 343 места во парламентот. Тоа се 105 места повеќе во споредба со шестата Дума - во 2011 година ЕР освои 238 мандати. Во новата Дума ЕР ќе има уставно мнозинство. Таа ќе може да донесува закони и да внесува измени во Уставот, дури и доколку другите три партии што влегоа во парламентот да се против.

Колку е чиста победата на ЕР?

Многу пред 18 септември властите рекоа дека не сакаат да се повтори ситуацијата од 2011 година, која беше одбележана со масовни протести за наводни фалсификати на парламентарните избори. Новиот прв човек на ЦИК Ела Памфилова кој ја презеде функцијата во март 2016 година, вели дека нејзина задача ќе биде да спроведат максимално фер избори, чии резултати нема да предизвикуваат сомнеж.

ЦИК признава дека на изборите на 18 септември имало определени прекршоци. Резултатите од гласањето во неколку избирачки места беа поништени по обвиненијата за „злоупотреба“ од страна на организаторите. Во Ростовската област поради слични причини е подигната кривична постапка против секретарот на локалната изборна комисија. Според Памфилова секоја жалба за прекршување ќе биде разгледана.

Експертите не се согласуваат во мислења за тоа колку ЦИК успеала да обезбеди фер избори. „Нарушување има, но размерот не може да се споредува со 2011 година. Тоа се прецизни факти и треба да бидат анализирани посебно“, изјави за „Руска реч на македонски“ Дмитриј Орлов, генерален директор на Агенцијата за политички и економски комуникации блиска до Кремљ.

Во исто време политикологот Глеб Павловски, кој е претседател на Фондот за ефективна политика, смета дека „административни манипулации имало во сите фази на изборите“. Павловски е убеден дека е зголемен не само резултатот на ЕР, ами и одѕивот (која е 47.8%).

Неуспех на либералите

Ниту една од десетте непарламентарни партии не успеа да влезат во новата Дума и дури не можеа да ја надминат границата од 3%, која би им овозможила да се потпираат на државно финансирање. Пораз претрпеа и либералните партии „Јаблоко“ и „ПАРНАС“.

Михаил Виноградов, претседател на фондацијата „Петербуршка политика“, смета дека причината за поразот на опозициски расположените „Јаблоко“ и „ПАРНАС“ се крие во нивната неспособност да излезат надвор од границите на нивниот тврд електорат.

„Партиите од типот на Јаблоко се бореа за својот гласач - либерално расположените државјанин, наместо да се обидат да го добијат гласот на нови гласачи - аполитичните и симпатизерите на власта“, вели Виноградов за „Руска реч на македонски“. Според него, ваквиот став довел до неуспех на опозиционерите и ги спречи да привлечат нови гласови.

Александар Пожалов, заменик-директор на блискиот до Кремљ фонд ИСЕПИ, смета дека друго слабо место на кампањата на „Јаблоко“ е постојаното вртење околу лидерот на партијата Григориј Јавлински. Јавлински кој ја основа „Јаблоко“ во 1993 година, според Пожалов создава впечаток на човек од минатото и не може да мобилизира нов електорат.

Слаби конкуренти

Покрај ЕР, во парламентот влегоа три партии, кои беа таму и во претходниот состав: Комунистичката партија (КПРФ, 42 мандати), Либерално-демократската (ЛДПР, 29 мандати) и „Праведна Русија“ (СР, 23 мандати). 1 место во Думата добија едномандатници од „Татковина“ и „Граѓанска платформа“ и независниот кандидат Владислав Резник (поранешен член на ЕР).

Парламентарната опозиција фактички нема можност да се спротивстави на ЕР - уставното мнозинство ѝ обезбедува на партијата на власта можност да управува со парламентот по сопствено наоѓање. „Многу иницијативи (во парламентот) ќе се одржуваат без поддршката на опозициските партии“, смета Дмитриј Орлов. Во исто време Орлов вели дека за голем број прашања КПРФ и ЛДПР ќе се изразуваат поостро од претходно, за да го истакнат своето опозициско расположение и за да се разликуваат од владејачката партија.

И трите главни конкуренти на ЕР се со послаби резултати во споредба со 2011 година, но драстично се одделува СР. Во шестата Дума таа имаше 64 места, а во седмата - одвај 23. Дмитриј Орлов вели дека на СР ѝ е исцрпен потенцијалот што го имала во 2011 година, кога партијата била најмногу опозициски поставена во однос на другите парламентарни партии и предизвикувала протестно гласање . „Сега овој протест го нема“, изјави Орлов за „Руска реч на македонски“.

Доминација или конкуренција?

Дел од политиколозите сметаат дека новиот парламент, во кој доминира ЕР, ќе биде контролиран и целосно под контрола на Кремљ. Глеб Павловски претпоставува дека освојувањето на уставното мнозинство „уште повеќе ќе ѝ ги одврзе рацете на власта“.

„Зачувувањето на трендот за намалувањето на сите можни ограничувања за власта продолжува“, рече Павловски за „Руска реч на македонски“. Експертот ги оценува негативно резултатите од изборите и е на мислење дека во парламентот, кадешто речиси недостасува алтернативна гледна точка, неизбежно ќе се намали нивото на компетентност. „Кремљ во моментов не знае ништо за земјата, бидејќи во Думата не е претставена земјата, ами само сопствениот апарат на власта“, вели Павловски.

Според другата гледна точка конкуренција во седмата Дума сепак ќе има: ќе се натпреваруваат не фракции, ами ситуативни блокови од пратеници поврзани со регионите. Александар Пожалов потсетува на важната улога на пратениците во Думата, избрани со мнозинство гласови. Според него, многу од нив (во новата Дума 203 од 343 пратеници се избрани мнозински) ќе се ориентирани не толку кон партиското раководство, колку кон регионите од кои се избрани.

„По едномандатните окрузи на ЕР влегоа многу непартиски кандидати. Тоа се кандидати од ЕР, но тие не се членови на партијата“, потсетува Пожалов. Експертот смета дека новата Дума ќе биде влијателна од гледна точка на застапеноста на различни територии и социјални групи и тоа ќе обезбеди политичка конкуренција, особено во решавањето на прашањата поврзани со буџетите на регионите.

Со тоа се согласува и Глеб Павловски. „Думата може да престане да биде податлива кога ќе се промени економската ситуација и кога ќе почне реалното обединување на регионите“, тврди тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.