Премиерот на Грција Алексис Ципрас (десно) и заменик-премиерот на Русија Аркадиј Дворкович (лево) во текот на отворањето на Рускиот павилјон на Меѓународниот трговски саем во Солун. 10 септември 2016, Грција.
AFP/East NewsНовиот руски гасовод Турски тек кој ќе биде спроведен од Русија во Турција по дното на Црно Море мора понатаму да продолжи до Грција, а потоа во другите балкански земји, како што првобитно беше планирано. Ова на руско-грчкиот деловен форум во Солун го изјави потпретседателот на руската влада Аркадиј Дворкович. Според него, руските власти се сè уште заинтересирани за големи енергетски проекти на Балканот. „Во средбата со премиерот на Грција Алексис Ципрас ги разгледавме главните правци на работата и се договориме да ја развиваме во неколку насоки“, додаде Дворкович. Според него, благодарение на соработката со руската компанија Гаспром, Грција може да стане еден од големите енергетски јазли на Европа.
Како што рече Дворкович, спроведувањето нов гасовод е тесно поврзано со решавањето на политичките прашања. „Многу нешта треба да се постигнат во преговорите со Турција и со Европската комисија“, истакна тој. Освен тоа, според Дворкович, руските компании се заинтересирани за реализација на енергетски проекти на територијата на Грција, а Гаспром веќе преговара за многу проекти. На средбата со Алексис Ципрас учествуваше и претседателот на советот на директори на гасниот гигант, поранешниот премиер Виктор Зубков. Руската страна е заинтересирана за гасни проекти, но и за увоз на технологија за создавање обновливи извори на електрична енергија, додаде Дворкович.
Покрај енергетиката, магистралниот правец на руско-грчката соработка ќе биде и развојот на сообраќајната инфраструктура и земјоделството. На пример, рускиот национален железнички оператор РЖД е подготвен да ја реализира реконструкцијата на грчките пруги. Руските компании, според Аркадиј Дворкович, се заинтересирани за реконструкција на аеродромот и на пристаништето во Солун. Земјоделството и понатаму е една од сферите на соработката, и покрај тоа што од август 2014 година забранет е увоз на прехранбени производи во Русија од земјите од Европската Унија. „Заемните санкции ја отежнуваат нашата соработка, но постои голем број стока која не е опфатена со ембаргото, и ние не сфаќаме зошто грчките производители не се поактивни во овој правец“, изјави Дворкович. На пример, руските власти, според него, се заинтересирани за создавање руско-грчки заеднички претпријатија и за примена на грчката технологија во преработката на млеко и во лозарството. Како што изјави рускиот вицепремиер, многу подобро поминуваат проектите на меѓурегионално ниво.
За соработка со балканските земји најмногу се заинтересирани кавкаските региони на Русија, изјави на форумот министерот за Северен Кавказ Лев Кузнецов. Според него, од гледна точка на кавкаските региони приоритет се туризмот и земјоделството. „Имаме многу можности во областа на заемната трговија. На пример, Грција увезува многу руско жито“, изјавува Кузнецов. Според него, по укинувањето на санкциите кон Иран Северен Кавказ може да се користат за транзит на грчката стока во Иран. „Сега руските региони многу поинтензивно работат со странските инвеститори отколку што беше тоа случај пред неколку години. Ниту еден странски инвеститор не заминал од рускиот пазар. Европа и понатаму е главен партнер на Русија“, изјави на форумот шефот на Асоцијацијата на европскиот бизнис Франк Шауф. Згора на тоа, како што истакна Шауф, нискиот курс на рубљата поволно влијае врз привлекувањето инвестиции во Русија. Од тоа гледиште за странските инвеститори мошне е привлечна фармацевтската индустрија во Русија, смета тој.
Владата на Грција од своја страна е подготвена да им помогне на грчките компании кои се заинтересирани за соработка со Русија. „По кризата нашата економија е во фаза на закрепнување. Сакаме да влеземе во стабилна фаза на развој, но свесни сме дека тоа не може да се случи само по себе“ изјави потпретседателот на грчката влада Јанис Драгасакис. Според него, руските компании можат да помогнат во обновувањето на грчката економија. „Секоја земја што сака да инвестира во Грција треба да има пристап до нашите фабрики и пристаништа со цел полесно да може да ги постигне своите цели“, изјави Драгасакис. Згора на тоа, според него, следниот Руско-грчки бизнис-форум може да ги привлече и другите балкански земји. Русија од своја страна е подготвена да ги повика на соработка земјите од Евроазиската економска унија – најголемата интеграциска заедница на државите од поранешниот СССР.
Форумот ќе се одржува секоја година. Русија на него ќе ја повика Евроазиската економска унија, а Грција сите балкански земји.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче