Лавров: Русија не избира помеѓу Европа и Азија

Валериј Мељников / РИА Новости
Русија нема намера да се мерка помеѓу Европа и Азија, но ќе се придржува на повеќевекторскиот самостоен курс во надворешната политика. Ова го изјави министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров во својот настап пред студентите на Московскиот државен институт за меѓународни односи.

За новата концепција на надворешната политика

Обновената редакција на концепцијата за надворешната политика на РФ се подготвува и ќе ги има превид сите настани од последново време.

„Ние на претседателот му ја презентираме обновената редакција на концепцијата за надворешната политика на РФ, земајќи ги предвид оние настани кои во последно време се случуваат. Уверен сум дека не треба да ги менуваме клучните правци ко ги определи претседателот (Владимир) Путин уште во 2000 година, со кои се предвидува повеќевекторност, отвореност за соработка со сите што се подготвени за тоа, на рамноправна основа, со земање предвид на интересите на партнерите, но пред сè неконфронтациско, но цврсто бранење на сопствените интереси“, рече министерот.

За односите со САД и со ЕУ

„Немаме намера никому да вртиме грб. Подготвени сме за повторно воспоставување на нормални и сеопфатни односи со ЕУ и со САД, но исклучиво на рамноправна основа и без никакви обиди овие односи да се претворат во 'игра на еден гол'.

Шефот на руската дипломатија нагласи дека Русија спроведува повеќевекторска и самостојна политика. „Нашиот надворешнополитички курс го нарекуваме повеќевекторски со оглед на неговиот развој во сите правци, и го нарекуваме самостоен зашто Русија, и воопшто нашата држава во сите нејзини ипостаси, не можела, ниту, пак, може да има поинаква политика освен самостојна“, истакна Лавров.

Притоа, како што нагласи министерот за надворешни работи на РФ, потребата за спроведување повеќевекторски курс на политиката потекнува од објективниот процес во кој се менува структурата на устројството на светот, односно од трансформацијата на биполарен, а потоа (по распаѓањето на СССР) и монополарен модел во правец на полицентрично устројство. „За жал, природните процеси на настанувањето на полицентричниот и разностраниот систем наидува на мошне бројни и сериозни препреки“, констатираше Лавров. „Овие препреки потекнуваат од тежнеењето на нашите западни партнери да ја задржат доминација“.

Меѓутоа, според рускиот дипломат, ваквото тежнеење е во спротивност со реалната состојба на нештата, односно со порастот на новите центри на моќ кои потоа стануваат извор на политичко влијание. Во овој контекст станува сè поочигледна неопходноста за откажување од едностран пристап на светската политичка сцена која западните земји се обидуваат да го спроведат на дело, иако сè уште не се сите подготвени тоа гласно да кажат, истакна Лавров.

За новиот претседател на САД

„Секогаш поаѓаме од тоа дека судбината на секоја земја треба да ја определува нејзиниот народ. Ние ќе бидеме подготвени да соработуваме со секој лидер на кој ќе му биде дадена довербата на слободни демократски избори“, изјави Лавров.

Министерот воедно по повод предизборната кампања во САД рече дека му е „криво поради американските партнери“. „Тоа е мошне моќна светска сила во која според традицијата голема улога имале демократските принципи, принципите на промовирање на политичка концепција“, истакна Лавров.

„Точно е дека во политичката борба, особено наспроти некои избори, ривалите понекогаш прибегнуваат кон нестандардни методи и претстави кои ги користат во својата агитација“, констатираше шефот на руската дипломатија. „Но, погледнете што се случува денес. Пред само две години сегашниот американски претседател ја окарактеризира Русија како регионална (а не како светска) сила, а сега истата таа Русија во американската изборна кампања е прикажана речиси како апсолутен господар на светот, како земја која има решавачко влијание врз процесите во Америка... Според мене, тоа е веќе претерување“.

„Сите сфаќаат дека тоа се преувеличени пароли, осмислени со цел да ги удри избирачите во глава. Тие се користат во крајно груб антируски манир“, нагласи министерот. „Криво ми е поради Америка, поради Американците и поради американската политичка елита, зашто сето тоа е некако недостоинствено. Ние го следиме процесот и изведуваме определени заклучоци, кои се повеќе од филозофска природа“.

„Кој и да победи, тој ќе биде претседател на САД, и тоа е доволно“, рече министерот за надворешни работи на РФ. „Со таа личност ќе бидеме подготвени да соработуваме, секако, во онаа мера во која новиот раководител на САД ќе биде подготвен да соработува со Руската Федерација, и тоа да соработува врз основа на принципите што заедно ќе ги усогласиме, а тоа се рамноправност, земање предвид на интересите на другата страна и заемно почитување. Во такви околности би можеле многу да постигнеме“.

За студената војна

Мала е веројатноста од започнување нова студена војна. За таков развој на настаните не постојат предуслови, изјави рускиот министер.

„Зошто (западните земји кои ѝ воведоа санкции на Русија) толку се грижат за настаните во Сирија? И мораа ли така да постапат само затоа што граѓаните на Крим беа принудувани да живеат во држава во која власта ја узурпираа организаторите на вооружениот антиуставен преврат?“, се запраша Лавров.

„Сите оние што нè критикуваа и што нè критикуваат во врска со тоа велат дека нам, наводно, ни го завртеле грбот членовите на светската заедница“, вели министерот. „Пред сè, нам никој не ни сврте грб. И погрешно е да се зборува дека тоа се членовите на светската заедница, зашто 80% од жителите во светот живеат во земји кои ги делат нашите ставови и кои сакаат правичност во решавањето на светските прашања. Според тоа, навистина е смешно да се зборува за некаква изолација“.

Зборувајќи за антируските санкции, шефот на руската дипломатија истакна дека нејзини иницијатори се „западните земји и пред сè САД, кои преку агресивното малцинство во Европската Унија буквални ја принудија Европа да тргне по тој пат“, а воедно на истото ги принудија и Австралија, Јапонија и некои други земји.

За соработката со САД во сферата на сајбер-безбедноста

„Во текот на низа години дваесетина наши државјани се уапсени во трети земји на барање на САД. Половината од овие случаи завршија со незаконска екстрадиција во САД поради судење. Практично сите тие се товарат за сајбер-криминал“, истакна Сергеј Лавров.

„Уште пред една година ние официјално, по линија на Државното јавно обвинителство, ѝ предложивме на Америка да организираме консултации за соработка во сферата на осигурувањето на сајбер-безбедноста, зашто и ние сме загрижени во врска со оваа тема и не сакаме нашите државјани, доколку излезе дека сомнежите во нив се оправдани, да бидат учесници во незаконски дејствија“, рече Лавров. Тој потсети дека Руската Федерација овие експертски консултации ги предложи во ноември минатата година, но дека нема добиено одговор од САД.

Министерот воедно истакна дека тој во повеќе наврати го потсетувал за ова американскиот државен секретар Џон Кери на средбите со него, па и на средбата која беше одржана минатата недела во Женева. „Тој беше зачуден што сè уште не сме добиле одговор. Го потсетивме и Министерството за правда на САД на кое писмено му се обративме по официјален пат, но тие одбија да ни дадат писмен одговор, и само по устен пат ни рекоа: 'Ние не гледаме смисла за соработка во таа сфера'. Кери рече дека тоа е погрешно и дека ќе се потруди да го измени тој став на Министерството за правда“, рече Лавров.

Но, според него, „тоа е аномалија која само покажува дека секое правило има исклучок“. Но, генерално гледано, на Запад и во САД станува сè појасно дека без нас мошне тешко можат да се решат некои проблеми, без разлика дали станува збор за Сирија, за Ирак, за Либија или за други кризи“, нагласи министерот за надворешни работи на Русија.

За украинската криза

Ситуацијата во Украина е мошне тешка. Конфликтот што таму изби покажа дека сегашната структура на евроатлантската безбедност е во криза,

„Имаме мошне тешка ситуација во Украина. Кризата во оваа земја стана катализатор на процесите кои покажуваат несовршенство на структурите за безбедност во Европа и во целиот евроатлантски регион, покажуваат системски недостатоци на оваа структура која со години не можеше да се реформира и покрај предлозите што ги изнесувавме“, рече Лавров.

За договорот од Минск

„Не гледам алтернатива за договорите од Минск, иако сега се обидуваат да нè убедат дека оној што го потпишал договорот всушност сака да го исполни, но ништо не може да се направи од објективни причини“, истакна рускиот министер. „Овие изговори не служат на честа на украинските раководители кои го усогласија договорот од Минск, и не служат на честа на оние што присуствуваа во Минск и го парафираа овој договор.. Мислам на Францускиот претседател и на германската канцеларка“.

„Секако, тие се однесуваат малку чудно кога преку германската канцеларка и францускиот претседател соопштуваат дека исполнувањето на договорот од Минск е услов за укинувањето на санкциите воведени на Руската Федерација“, истакна тој. „Русија таму (во договорот од Минск) не се ни споменува“.

За признавањето на Крим од страна на Западот

„Не постои никаква правна пречка нашите западни партнери да го признаат присоединувањето на Крим кон Руската Федерација“, констатираше Лавров.

„Но, за тоа е потребна политичка волја, а таа не постои. Постои само очигледна политичка желба оваа ситуација да се искористи во онаа линија што Западот на чело со САД ја спроведуваше и претходно, уште многу пред настаните во Украина. Тоа е линијата насочена кон одвраќање на Руската Федерација“, истакна рускиот дипломат.

Тој нагласи дека присоединувањето на Крим кон Русија „е реализирано во целосна согласност со меѓународното право“.

Шефот на руската дипломатија обрна внимание на тоа дека во согласност со декларацијата на генералното собрание на ОН „За принципите на меѓународното право кои се однесуваат на пријателските односи помеѓу државите“ од 1970 година, создавањето суверена независна држава, слободното присоединување или здружување со друга држава, како и воспоставување на каков било друг политички статус што народот сам ќе го избере, претставува форма според која тој народ го остварува правото на самоопределување.

Министерот истакна дека авторите на споменатата декларација не заборавиле дека постои и одредба за територијалната целост на државата. „Во декларацијата е напишано дека истовремено треба да се уважува и територијалната целост на државата од која определената територија се одвојува, но државата ужива целосна поддршка на својата територијална целост само доколку во рамките на таа целост го обезбедува правото на самоопределување на сите кои живеат на таа територија“, вели министерот за надворешни работи на РФ.

„Украинската држава на кримскиот народ му го одзеде правото на самоопределување“, заклучи Лавров. Според тоа, истакна тој, одржувањето референдум е во целост легитимно.

Според шефот на руската дипломатија, Западот се плаши да повлече паралела помеѓу присоединувањето на Крим и ситуацијата со Косово.

„Нашите западни партнери како ѓавол од крст бегаат од секој предлог настаните на Крим да се анализираат низ призмата на она што тие го направија на Косово“, рече Лавров.

Тој истакна дека Западот инсистира на тоа дека Косово е посебен случај кој не може да се спореди со ништо друго. „Но, споредбата е повеќе од умесна“, нагласува министерот. Тој потсети дека на Косово немаше никакви референдуми, нити каква било физичка опасност за косовските Албанци.

За азиско-тихоокеанскиот регион

Азиско-тихоокеанскиот регион стана локомотива за економскиот развој на долги патеки и е дел од објективниот процес на премин кон мултиполарното устројство на светот, изјави Лавров.

„Тенденцијата на отфрлање на едностраноста и примена на сила во меѓународните работи се потпира на објективни процеси, пред сè на процесот на формирање полицентричен систем на меѓународни односи“, изјави тој.

„Овие процеси пред сè се гледаат во азиско-тихоокеанскиот регион кој уште долго ќе биде локомотива на светскиот економски развој. Од друга страна, Европската Унија како наш најголем трговски партнер (кој ќе остане таков и покрај санкциите) постепено ги губи своите позиции“, додаде рускиот министер.

За сириската криза

„Работиме на тоа што побргу да започне вистинскиот дијалог (во Сирија). ООН ги формулираше соодветните задачи, но засега не покажува посебна активност во оваа насока“, рече тој.

„Наш заеднички непријател е меѓународниот тероризам“, обрна внимание Лавров. „Убедени сме дека борбата против него возможна само врз основа на меѓународното право, без двојни стандарди и со почитување на централната улога на ОН“.

„Се раководевме од тие принципи кога на молба на сириските власти испративме контингент на воздушно-космичките сили на РФ во Сирија во борба против Исламската држава и Ал Нусра (како и да се вика сега), и против други терористички организации кои соработуваат со нив“, продолжи министерот. „Напоредно со тоа решаваме мошне важни задачи поврзани со олеснувањето на хуманитарната ситуација со сириското население, особено во подрачјата што се блокирани од терористите“, рече Лавров.

За „покемон-поколението“

„Во последниве години се уверивме дека никакви информациски и комуникациски технологии, дури и најсовремените, не можат да го заменат разговорот очи в очи“, рече министерот. „Се надевам дека способноста за директен човечки разговор нема да биде изгубена за поколението кое не само што лови покемони, ами и кое е постојано на социјалните мрежи“, ја изрази својата надеж Лавров.

Оригиналниот текст на руски јазик.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња