Вечерта на 24 август во филијалата на „Ситибанк“ на улицата Бољшаја Никитинскаја (во центарот на Москва, на околу еден километар од Кремљ) влегува маж на години. Демонстрирајќи „експлозивна направа“ на вратот, тој вели дека банката е под негова контрола, се заканува дека ќе ги крене заедно со себе заложниците и бара да преговара со полицијата. Мажот уште на почетокот вели дека парите на банката не го интересираат.
„Тој не личеше на криминалец, тој повеќе изгледаше како очаен човек“, вели еден од заложниците. Со нив тој се однесува коректно, по неколку часа преговори со полицијата, ги ослободува сите и им се предава на полицајците. Кутијата со кабли, која бизнисменот ја преставува како бомба, излегува дека е лажна.
Полицијата ја воспоставува личноста на криминалецот, уште пред тој да се предаде. Тоа е Арам Петросјан, 55-годишен бизнисмен од Подмосковјето. До неодамна фирмата на Петросјан произведуваше сетови за прва помош и медицински препарати, но за време на кризата банкротираше. На име на Петросјан се регистрирани 5 авторски права и 32 патенти. Според „Интерфакс“ тој постојано се обраќал кон властите со предлози да се преземе иницијатива за поддршка на претприемачите, но одговор не добил.
Тој смета дека тоа била последната можност да биде привлечено вниманието на властите кон проблемите од кои тој самиот е настрадал. Претходно, во текот на денот на 24 август, тој снима и објавува во Youtube обраќање до претседателот на Русија. „Јас ќе направам остар и јавен прекршок на Кривичниот закон, - вели бизнисменот. - Не ми остана друг пат по кој да ве известам дека во Русија постои огромен проблем“.
Главното барање на Петросјан е да се создаде на државно ниво институција која ќе се занимава со проблемите на банкротираните физички и правни лица. Тој смета дека постоечкиот механизам за стечај ги крши правата на луѓето: „Ако човек банкротира, што го очекува? [Тој се претвора во] истрошен материјал“. Петросјан вели дека тој има шема по која може да се создаде „болница за бизнисот“, според која може да ги реши проблемите на банкротираните.
„Јас, верувајте ми, немам што да изгубам. Сè што имав, веќе е загубено“, се обраќа Петросјан на Владимир Путин и го моли претседателот, „доколку сепак преживеам“, да стане негов „јавен адвокат“. Во текот на испрашувањето тој изјави дека не планирал никого да убива, туку само да привлече внимание.
Московските иследници отворија кривична постапка за земање заложници (КЗ предвидува до 15 години затвор), но поради фактот дека тој доброволно ги ослободил сите заробеници, обвинението може да биде преквалификувано и заменето со помека казна (до 2 години затвор), соопштуваат за ТАСС извори блиски до истрагата.
Покрај тоа, на Петросјан му претстои да помине низ психолошки експертиза која ќе утврди дали тој е во состојба да одговара за своите постапки. Криминалниот психолог Михаил Виноградов смета дека е сосема можно Петросјан да има психички проблеми. Сосема е возможно бизнисменот да презел противправни активности под влијанието на одреден психолошки проблеми, изјавува Виноградов за „Известија“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче